Македонија
(Видео) Сузбиена криминална група која шверцувала Македонци и Албанци во САД и Канада
Во текот на вчерашниот ден Министерството за внатрешни работи спроведе координирана полициска акција за сузбивање деветчлена криминална група која организирала шверцување мигранти со фалсификувани патни исправи, а дејствувала на територијата на Република Македонија и Република Албанија, соопшти министерот Оливер Спасовски на прес-конференцијата. Акцијата била спроведена во координација со Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и коорупција и во соработка со регионалната канцеларија за безбедност и истраги при Амбасадата на САД во Република Македонија, Европол, Селек, како и полициите на Албанија, Австрија, Шпанија и на Бугарија.
„Криминалистичката истрага се спроведуваше во изминатите 18 месеци. Криминалната група од Македонија беше идентификувана како дел од меѓународна организирана криминална мрежа составена од соработници од Албанија, Бугарија, Шпанија, Доминиканската Република, Хондурас, Гватемала и Мексико. Членовите на оваа криминална група организирале шверц на повеќе групи илегални мигранти по потекло од Албанија и Македонија, со крајна дестинација САД и Канада. Шверцувањето го организирале за лица што не можеле да добијат виза за патување кон наведените дестинации по регуларен пат и од нив барале и добивале паричен надомест во висина од 20.000 до 25.000 долари за лице“, појасни Спасовски.
Министерот рече дека биле извршени претреси во 12 објекти во Охрид, Струга, Дебар и во Скопје.
„При претресите пронајдени и привремено одземени се поголема сума парични средства во разни валути, две патнички возила („бмв“ и „мерцедес“), пиштол, куршуми, мобилни телефони, СИМ-картички, четири австралиски патни исправи, копија од канадска патна исправа, апликации за канадски визи, гарантно писмо од Канада, белешки со контакт-информации и лични податоци од повеќе лица; уплатници за испорака на документи по брза пошта и разновидна банкарска документација“, истакна Спасовски.
До Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесена е кривична пријава против девет лица.
„Оваа криминална група врбувала лица – потенцијални мигранти, а потоа им обезбедувала фалсификувани документи за идентификација, им резервирала и купувала автобуски и авионски билети до одредени дестинации во Европа и земјите на Централна Америка, потоа резервација на соби во хотели во Шпанија, како и во Панама, Доминиканската Република, Хондурас, Гватемала, Мексико и други земји. Организаторите на криминалната група ангажирале и лица што ги прифаќале мигрантите и им обезбедувале дополнителни фалсификувани документи, особено за влез во Мексико, а ги организирале и превозот и илегалното пренесување на мигрантите од Мексико до земјите на крајната дестинација – САД и Канада. Мигрантите биле шверцувани во групи од двајца до четворица, со претходно договорен временски период во кој се предвидувало да се реализира целосната организација на шверцувањето, рутата по која ќе биде реализирано, локациите на кои во текот на шверцувањето мигрантите привремено ќе престојуваат, односно ќе се засолнуваат, како и начинот на исплата на договорениот паричен износ“, соопшти министерот Спасовски.
Криминалната група од Македонија во содејство со соработниците од Албанија во периодот од април 2017 година до март 2018 година успеала да прошверцува 50-ина мигранти кон САД, со што стекнале противправна имотна корист во износ од речиси милион американски долари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.
Македонија
Делови од Центар и Зелениково денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затварач од ф – 100 мм на ул. 5 бр. 47 во село Моране, во периодот од 08.30 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од село Моране, општина Зелениково.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека поради уличен дефект на ул. Васил Ѓорѓов б.б – пред ОУ Киро Глигоров, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Васил Ѓорѓов, Адам Мицкиевиќ, дел од корисниците од улиците Киро Глигоров и Козара, како и објектот на заводот за физикална медицина и рехабилитација, општина Центар.
Македонија
Дел од Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од улицата Тодор Чангов – крак 48. (општина Аеродром)

