Македонија
„Супорт Кочани“: Никој нема да биде сам, пристигна втора пратка компресивна облека за повредените во пожарот
Денес во Кочани пристигна и беше официјално донирана втората пратка компресивна облека, обезбедена од граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“, наменета за повредените од трагичниот настан од 16 март 2025 година, соопштија од оваа гражанска иницијатива.
Во оваа пратка, како што информираат, се вклучени 43 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 17 повредени лица.
„Облеката беше испорачана во Македонија во понеделник навечер, а веќе денес е доставена на Општата болница во Кочани.
Фактурата за оваа пратка, во износ од 283.802 денари, е целосно исплатена од страна на Support Kocani.
Ова е втора по ред испорака на компресивна облека што ја обезбедува иницијативата. Претходно, Support Kocani целосно ја покри и првата пратка во вредност од 923.458 денари, со што вкупниот износ за двете набавки изнесува 1.207.260 денари, односно 23.560,37 евра – средства обезбедени исклучиво преку донации од хумани граѓани, фирми и поддржувачи од земјата и дијаспората.
Голема благодарност упатуваме до компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000, кои што овозможија квалитетна и навремена медицинска помош за што поголем број повредени лица“.
Како што велат, во време на болка, солидарноста е најголем лек.
Од граѓанската иницијатива потенцираат дека никој нема да биде сам.
„Делата зборуваат многу погласно од зборови, а ние не застануваме, продолжуваме посветено и одговорно, сè додека постои потреба и сè додека има луѓе што веруваат во хуманоста,“ порачаа од „Супорт Кочани“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина
Дали Јованка Тренчевска и СДС го бранат Груби и дали доброволно се пријавуваат заедно со сите свои колеги да седнат до Груби на обвинителната клупа, прашува Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина. Откако со години замижуваа и го одобруваа милионскиот криминал на тогашниот прв вицепремиер Артан Груби, сега кога треба да се соочи со правдата, се ставаат во негова заштита, па дури и ќе се жртвуваат и ќе тонат заедно со него. Имено, потпретседателката на СДС и поранешна министерка, Јованка Тренческа во однос на кривичната пријава за Груби вели дека одлуките на Владата биле колективни и дека ако се докаже дека има вина во случајот, треба сите заедно да одговараат“, вели тој.
Петрушевски додава дека СДС и ДУИ во паника и страв смениле 10 тези откако Груби бил уапсен.
„Дали потпретседателката на СДС го брани Груби за криминалот со кој државниот буџет го оштети за над 8 милиони евра? Или, пак, доброволно се пријавува заедно со сите свои колеги од тогашната влада да седнат на обвинителна клупа заедно со Артан Груби? Дали затоа нервозата во СДС и ДУИ е голема? Дали стравот им е толку голем од тоа што дополнително има да каже Груби? СДС и ДУИ во паника и страв сменија 10 тези откако Груби беше уапсен. Како тргнале до крајот ќе си признаат се“, рече Петрушевски.
Македонија
Тошковски: Безбедноста на нашите деца е заедничка обврска, тие се нашето најголемо богатство
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше на интерактивната куклена претстава што се одржа во Дом на култура „Билјана Белочанец“ во општина Кисела Вода, во организација на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Театар Провокација, како дел од кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.
Тошковски потенцираше дека едукацијата на најмладите претставува еден од најважните сегменти во градењето сообраќајна култура и во заштитата на човечките животи.
„Безбедноста на децата е наш врвен приоритет. Преку вакви активности, кои на децата им се блиски и разбирливи, создаваме генерации што ќе ги почитуваат сообраќајните правила и ќе придонесуваат за побезбедни патишта. Министерството за внатрешни работи ќе продолжи активно да ги поддржува и да учествува во сите проекти насочени кон подигнување на свеста за сообраќајната безбедност“, истакна Тошковски.
Министерството за внатрешни работи и во иднина ќе продолжи со активности и кампањи насочени кон едукација на децата и младите како една од најранливите категории учесници во сообраќајот, со цел создавање побезбедна сообраќајна средина за сите граѓани, најавуваат од таму.
Македонија
Стоилковиќ на средба со претставници на граѓански организации на различните етнички заедници во земјата
Потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, денеска одржа работна средба со претставници на граѓански организации кои ги претставуваат различните етнички заедници во земјата.
Средбата била организирана на иницијатива на вицепремиерот и министер Стоилковиќ, со цел навремено информирање на претставниците на заедниците за програмските активности и планираните проекти на Министерството за односи меѓу заедниците во текот на оваа календарска година, како и за приоритетите во претстојниот период.

На средбата присуствуваа претставници на организации од турската, бошњачката, ромската, српската и влашката заедница, како и претставници на други граѓански организации кои делуваат во насока на унапредување на меѓуетничката соработка, еднаквите можности и општествената кохезија, и тоа: Ерхан Махмутовиќ и Џемиљ Кучевиќ од Јени Јол, Тахсин Ибрахим од АДЕКСАМ и Зехријан Салих од Асоцијација на турски новинари во Македонија од турската заедница; Изета Бабачиќ од Диванхана од бошњачката заедница; Ахмет Јашаревски од Центар за ромска заедница ДРОМ – Куманово, Надир Реџепи од ИНСОК и Сејнур Сефер од Ромски ресурсен центар претставници на ромската заедница; Василка Китановиќ од Српски културен центар, Гордана Јовиќ – Стојковска од Српска заедница во Македонија и Зоран Жугиќ од Заедница на Србите во Македонија и Битола како дел од српската заедница; Јана Михаилова и Марија Николова од Интегра нау и Горги Горгиев од Здружението на стопанственици Власи од Македонија Мандра од влашката заедница; Бесир Дерњани од Фондација Албиз – Скопје, Флорент Бајрами од Заеднички вредности и Пранвера Касами од Институт за лидерство и јавни политики – Тетово.
„Во текот на состанокот министерот Стоилковиќ ги презентираше програмата и стратешките цели на Министерството, при што беше отворена конструктивна дискусија за начинот на реализација на проектите, нивната ефикасност и навремена имплементација. Посебен акцент беше ставен на предизвиците со кои се соочуваат помалите заедници, како и на потребата од институционална поддршка и партнерски однос со граѓанскиот сектор“, се наведува во соопштението.

