Македонија
СЈО го сомничи Бујар Османи дека ја злоупотребил службената положба како министер за здравство
Во новата истрага на СЈО која се води под името „Пациент“, во која се осомничени 15 лица, еден од нив е и поранешниот министер за здравство Бујар Османи, а сегашен вицепремиер. Според СЈО, постои основано сомнение дека осомничените ја злоупотребиле службената положба и овластување во постапки по јавни набавки за извршување градежни и градежно- занаетчиски работи во повеќе јавни здравствени установи низ државата.
СЈО смета дека постои основано сомнение дека во 2010 година четворица од осомничените, Фатмир Авмедовски, Бетим Љамалари, Менсур Ибрахими и Жаклина Чагороска, како одговорни лица – претседател и членови на Комисијата за јавни набавки во Министерството за здравство на РМ, при вршење на јавна набавка за изведување градежни и градежно-занаетчиски работи во повеќе јавни здравствени установи низ Македонија, поднеле незаконит предлог за избор на најповолна понуда, а осомничениот Бујар Османи, како министер за здравство, наместо да го одбие предлогот на Комисијата, донел решение за избор на најповолна понуда на понудувачот „ГБС Благоевград“, Република Бугарија.
Според обвинителството, од доказите произлегува дека осомничените членови на Комисијата го фаворизирале понудувачот„ГБС Благоевград“, и покрај тоа што знаеле дека овој понудувач не ги исполнувал условите од тендерската документација, односно не ги поседувал потребните овластувања за инженерите за изведба, а во предмер-пресметките, кои се составен дел на понудите, не направиле ниту точен збир на податоците, поради што не утврдиле дека понудата на „Ингра Загреб“ е за 637.303,00 денари поевтина од онаа на „ГБС Благоевград“.
Иако сето ова му било познато и на министерот за здравство, според СЈО, тој не го одбил предлогот, туку донел решение и ја избрал понудата на „ГБС Благоевград“ како најповолна, и покрај тоа што вредноста на понудата е поголема од проценетата вредност по јавната набавка и на правниот субјект му овозможил имотна корист во износ од 21.604.150 денари.
Во текот на 2010 година истите осомничени, Фатмир Авмедовски, Бетим Љамалари, Менсур Ибрахими и Жаклина Чагороска, во друга постапка за јавна набавка за изведување на градежни и градежно-занаетчиски работи во ЈЗУ Општа болница Охрид, поднеле незаконит предлог за избор на најповолна понуда и повторно ја избрале понудата на понудувачот „ГБС Благоевград“, кој сè уште не ги поседувал потребните овластувања за инженерите за изведба, а со тоа не ги исполнувал ниту условите од тендерската документација.
Министерот за здравство, Бујар Османи, го прифатил и овој предлог и склучил договор со понудувачот„ГБС Благоевград“ на износ од 127.533.691 денар.
Според доказите на СЈО, во текот на 2013 година во постапка за јавна набавка бр 07/2010 за реконструкција и доградба на ЈЗУ Клиничка болница Тетово, осомничените: Делче Арсоски како раководител и Дамир Лончариќ како управител во фирмата „Ингра Загреб“ -подружница „Ингра Скопје“, потпишале и завериле завршна ситуација со невистинити податоци по однос на количините на вградените материјали и нивниот квалитет.
Потоа, завршната ситуација била доставена до одговорните надзори, осомничените Ангел Икономов, Александар Диманин и Заре Здравески, кои без да ги проверат количините, ја потпишале и одобриле.
Осомничениот Љупчо Мијајлески, како одговорен инженер во проектната единица за реконструкција и доградба при МЗ на РМ, ја одобрил без да ја провери, а исто така и не побарал да биде активирана банкарската гаранција за неквалитет.
Завршната ситуација била основа за плаќање парични средства, средства кои и биле исплатени, со што причиниле штета на буџетот на РМ во вкупен износ од 719.470 денари, а за правното лице „Ингра Загреб“ – подружница „Ингра Скопје“ прибавиле имотна корист во висина од 6.005.461 денари.
Во текот на 2012 година во постапка за јавна набавка за реконструкција на болницата Чаир, осомничениот Александар Наумовски, како раководител на работите во фирмата „ГБС Благоевград“, која е изведувач на градежните работи, изготвил завршна ситуација, со невистинити податоци по однос на количините на вградените материјали и нивниот квалитет.
Завршната ситуацијата ја доставил до осомничениот Димче Ивановски, кој како одговорен надзор ја потврдил, а потоа осомничените Јадранка Ношпал, специјалист за градежни работи и Славица Тасевска Николовска, проект-менаџер од проектната единица при Министерствотo за здравство, без да ја проверат, ја потпишале и одобриле завршната ситуација, која била основ за плаќање парични средства, средства кои и биле исплатени, со што причиниле штета на буџетот на РМ во вкупен износ од 1.568,828 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трендафилов: Пробуваат на мала врата да ја усогласат минималната плата за 1.600 денари, излегуваме повторно на улица
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, денеска ја напушти седницата на Економско – социјалниот совет, на која на дневен ред беше минималната плата. Тој обвини дека власта на мала врата пробува да утврди усогласување на минималната плата за околу 1.600 денари.
„Жалосно е тоа што Владата, работодавачите и другите синдикати се на истиот став, а тоа е минималната плата само законски да се усогласи и да не се зголеми“, вели Трендафилов.
Тој најави дека протестите ќе продолжат на средината на март. „За жал, борбата продолжува повторно на улица на средина на март“, објави Трендафилов.
Премиерот, Христијан Мицкоски, претходно информираше дека на денешната седница на Економско-социјалниот совет на дневен ред била Информација за висината на минималната плата.
„Денеска на дневен ред е информација за висината на минималната плата, која ќе биде во 2026 година согласно закон. Очекувам на следната владина седница да го поминеме ова и како Влада и потоа нормално согласно висината на минималната плата од април за март да почне истата да се исплатува“, истакна Мицкоски и додаде дека очекува бипартитниот дијалог меѓу работодавците и работниците да продолжи во иднина да се интензивира.
Македонија
(Видео) СДСМ бара одговорност од власта за шверцот со петте тони дрога
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција побара одговорност од актуелната власт во врска со, како што рече, најголемиот нарко скандал во регионот, по заплената на 5 тони дрога од Македонија во соседна Србија.
Таа посочи дека повеќе од еден месец нема одговори како толкава количина дрога ја поминала границата и кој од врвот на власта ќе понесе одговорност.
Според Кузеска, од досега достапните информации произлегува дека станува збор за високо организирана криминална група која, како што рече, не можела да функционира без поддршка од лица на највисоки позиции во власта.
Кузеска наведе три клучни аспекти за кои, според СДСМ, треба да се утврди одговорност.
Првиот се однесува на локации во околината на Свети Николе, каде што, како што тврдеше, се вршел претовар на дрогата. Таа рече дека од фабрика во кругот на ОХИС „Алфафарм“ дрогата била транспортирана без полициска придружба, прашувајќи кој го дозволил тоа и зошто не биле извршени контроли.
Вториот аспект се однесува на начинот на пренос преку граница, при што, според неа, дрогата била препакувана како перници. Таа праша како, и покрај скенерите и контролите, пратките ја поминале границата, посочувајќи дека одговорност треба да се бара и кај царинските служби.
Третиот аспект, според Кузеска, е поврзан со информациите дека пратката завршила во магацин на локални функционери на српската СНС, за која рече дека е сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, при што посочи и на наводни блиски врски со српски функционери.
„СДСМ нема да дозволи овој случај да се заташка“, изјави Кузеска, додавајќи дека не смее одговорноста да заврши само кај магационери, превозници и сопственици на фирми, туку, како што рече, мора да се утврди кој од власта ќе одговара.
Македонија
Инвертер клими за ранливи домаќинства — објавен јавен повик до сите компании да се вклучат во борбата против енергетската сиромаштија
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го објави Јавниот оглас за пријавување на интерес од страна на правни субјекти кои вршат трговија со високоефикасни инвертер клима уреди, со што започнува практичната реализација на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија.
Основната цел на јавниот повик е обезбедување директна поддршка за домаќинствата кои спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија, преку доделување потврда-ваучери за набавка и вградување високоефикасни инвертер клима уреди.
Со програмата е предвидено секое домаќинство кое ќе добие ваучер да може да набави и инсталира високоефикасен инвертер клима уред во вредност до 28.000 денари со вклучен ДДВ, кај компании кои ќе склучат договор со Министерството по спроведување на јавниот оглас.
Право на учество имаат сите правни субјекти регистрирани во Централниот регистар на Република Северна Македонија кои вршат трговија со високоефикасни инвертер клима уреди, а избраните компании ќе имаат обврска да обезбедат уреди со најмалку енергетска класа А+, нивна монтажа на адресата на корисникот, како и гаранција од најмалку две години, без дополнителни трошоци за граѓаните.
Министерството ги повикува сите заинтересирани компании активно да се вклучат во реализацијата на програмата и да придонесат кон нејзино успешно спроведување.
Оваа мерка претставува конкретен чекор во намалување на енергетската сиромаштија и подобрување на енергетската ефикасност во домаќинствата, обезбедувајќи поекономично и поодржливо греење за граѓаните кои имаат најголема потреба од поддршка.
Јавниот оглас, условите за пријавување и потребната документација се достапни на веб-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини: https://energy.gov.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/javni-oglasi/javen-oglas-za-prijavuvanje-subjekti-koi-vrsat-trgovija-na-visokoefikasni-inverter-klima-uredi
По завршувањето на постапката по јавниот оглас и по објавувањето на листата на компании со кои Министерството ќе склучи договор, истовремено ќе бидат објавени и списоците на лицата кои се стекнале со право на користење на оваа субвенција. Со тоа ќе се создадат услови веднаш да започне процесот на доделување ваучери и набавка и инсталација на високоефикасните инвертер клима уреди, без дополнителни административни одложувања, со цел навремена и ефикасна реализација на мерката во интерес на граѓаните.
Фото: Depositphotos

