Македонија
СЈО една година нема мандат да поднесува нови обвиненија – досега 9 условни казни и 3 затворски
Точно една година откако специјалното јавно обвинителство поднесе 17 обвиненија до кривичниот суд против 94 лица и 7 фирми. Заедно со двете обвиненија кои дотогаш беа поднесени, СЈО има вкупно 20 обвиненија. Тимот на Катица Јанева објави дека дел од новоотврените истраги има и такви со кои финишираат, сепак сè уште нема решение за статусот на ова јавно обвинителство, да може да поднесува нови обвиненија.
СЈО работи на комплетирање на истрагите за предметите „Талир“, „Табла“, „Странски служби“, „Друмарина“, „Рентген“, „Продуцент“, „Лидери“, „Тарифа 2“, „Транспортер 2“… Од досегашните поднесени обвиненија вкупно изречени се 9 правосилни условни казни и 3 неправосилни затворски. Обвинителката Јанева изјави дека водат сметка да не застарат кривичните дела.
Првиот предмет за кој СЈО во 2017 година доби првостепена пресуда е предметот за уништувањето на списите за прислушувањето „Тврдина 2“. Но, Апелациониот суд пред 1 месец укина дел од пресудата за ексначалникот на Петтата управа, Горан Грујевски, и судењето за него треба да почне од почеток наесен. Пресудите во овој случај се правосилни само за шесте службенички на УБК кои добија условни казни затвор. Правосилни судски пресуди има за случајот „Насилство“, во кој, Томислав Лазаров и Јордан Ристевски признаа вина и исто така добија условни казни. Лани вина призна и службничката од УБК, Елена Џиланова, за предметот „Тврдина-Таргет“ при што се спогоди со Обвинителството и доби условна казна.

Неправосилни пресуди има и за предметите „Тенк“, каде експремиерот Никола Груевски и помошникот-министер, Ѓоко Поповски, добија затворски казни. Поповски беше осуден на затворска казна и за предметот „Триста“, за набавката на полициски возила. Неправосилна пресуда има и во предметот „Тифани“, во кој, по признанието дека е виновна, условна казна доби новинарката Ивона Талевска. За висината на казната закажана е јавна седница во Апелациониот суд, каде СЈО за неа бара построга санкција.
Пред почетокот на судската ферија пресуда може да биде изречена само за предметот „Труст“, бидејќи се закажани 10 нови бомби, како дополнување на доказите на СЈО и завршни зборови. За најстариот предмет на СЈО, случајот „Насилство пред Општина Центар“ сè уште нема пресуда. Судењето почна во 2016 година, но и по речиси 2 години, освен двете признанија за вина, сè уште е во фаза доказната постапка.
Во нацрт- стратегијата за реформа на правосудниот сектор за периодот од 2017 до 2022 година, пишува дека специјалното јавно обвинтиелство ќе добие проширена надлежност, и ќе гони и кривични дела од висок профил на корупција (white-collar crime). Сè поизвесно е дека СЈО ќе биде автономно во рамки на Јавното обвинителство, но, законските измени сè уште не се донесени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени седум возачи поради возење без возачка дозвола, со активна забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои тројца за возење без возачка дозвола, двајца за управување возило под дејство на алкохол и тројца со забрана за управување возило од Б категорија.
По еден возач во Скопје и Битола управувале возило без возачка дозвола, од кои возачот во Скопје е малолетник. По еден возач во Куманово, Велес и Неготино за управување возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија. Додека, по еден возач во Македонска Каменица и Струга управувале возило под дејство на алкохол. Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Хоџа: Реален пресврт во управувањето со отпадот во Полошкиот регион
Модерниот регионален систем за отпад значи крај на импровизациите и трајно решавање на проблемот кој со децении ги мачи граѓаните– беше клучната порака од обраќањето на министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на презентацијата на новата механизација за регионалниот центар Русино.
Инвестицијата во вредност од 1.114.200 евра е реализирана со поддршка од Европската банка за обнова и развој.
Со новата механизација значително се зголемува оперативниот капацитет на Русино и се воведуваат современи стандарди во секојдневното работење. Оваа активност е дел од пошироката инвестиција од 55 милиони евра со која започна најголемата инфраструктурна реформа во секторот отпад во државата.
Во следната фаза е предвидена инвестиција од околу 14 милиони евра за рехабилитација и проширување на депонијата, што вклучува изградба на нови депониски ќелии, систем за управување со исцедок и биогас и затворање на постојната депонија.
„Со тоа се обезбедува целосно усогласување со европските стандарди и воспоставување модерен регионален систем што значи крај на дивите депонии и почиста животна средина за граѓаните во Полог“, рече министерот.
Македонија
Јанчев: Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално
Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално, изјави на денешната седница на Собранието, пратеникот од Левица, Сашко Јанчев.
Тој истакна дека предложените измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти претставуваат директно стимулирање на дивоградбите и продлабочување на урбанистичкиот хаос.
Јанчев потсети дека законот од 2011 година, кој требало да важи шест години, со низа продолжувања се развлекува на вкупно 20 години, со што наместо да се затвори прашањето за старите објекти, се поттикнува изградба на нови дивоградби.
„Градежното земјиште е ограничен ресурс, а како во природата, така и во општеството, мора да постојат правила за негово користење. Урбанистичките правила постојат за да создадат хумана средина за живеење, а кога не се почитуваат добиваме хаос и безредие. Немаме градски архитекти за одржување на урбаниот ред, немаме урбанистички планови, за многу населени места, а постојните се стари по 15–20 години и не одговараат на реалноста на терен. Планирањето не го води јавниот интерес, туку профитот, кој често е спротивен на јавниот интерес. Имаме населби со број на жители што не одговара на капацитетите на водоводната и канализационата мрежа, недостиг на паркинг места, сообраќајници низ кои не може да помине ни едно противпожарно возило. Во вакви услови да се продолжува рокот за легализација и да се стимулираат нови дивоградби не е паметно, туку е штетно, а може да биде и фатално”, рече Јанчев.

