Македонија
СЈО му отвори уште две нови истраги на Никола Груевски „Пропаганда“ и „Хармонија“
СЈО отвори 6 нови истраги, објавија на официјалната веб-страница. Во 2 од нив осомничен е експремиерот Никола Груевски. Станува збор за истрагите „Пропаганда“ и „Хармонија“.
Во истрагата „Пропаганда“ осомничени се девет лица, и тоа: Никола Груевски, Кирил Божиновски, Ацо Мисајлоски, Емил Парнаџиски, Владислав Стајковиќ, Саше Стојановски, Елена Колишевска, Марјан Цветковски и Захарија Вулгаракис, поради основано сомнение за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Предмет на оваа истрага е влијанието врз јавното мислење и обезбедувањето контролиран проток на информации во средствата за јавно информирање на товар на буџетот на РМ, а во насока на поддршка на дејствувањето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Имено, постои основано сомнение дека осомничените девет лица формирале злосторничко здружение на чие чело бил осомничениот Никола Груевски, кој заедно со осомничените Кирил Божиновски и Ацо Мисајлоски создале група што имала за цел вршење кривични дела против службената должност.
Во истрагата „Хармонија“ постои основано сомнение дека во 2012 година осомничените Никола Груевски – претседател на Владата на РМ, Миле Јанакиевски како министер за транспорт и врски и Стевчо Јакимовски – градоначалник на општина Карпош, со искористување на својата службена положба, како соизвршители, за Приватен меѓународен балкански универзитет Скопје прибавиле значителна имотна корист во износ од 23.730.912 денари, односно 385.868 eвра, на следниов начин:
Од доказите произлегува дека Никола Груевски, поради блиски пријателски врски со лица од Република Турција им помогнал на сопствениците да се стекнат со две градежни парцели на атрактивно земјиште во северниот дел на касарната Илинден, по нереално ниска цена од само 71 денар по м2 ,наспроти предвидената почетна цена од 1400.00 ден по м2.
Имено, Никола Груевски на седница на Владата издејствувал измена на уредбата која се однесува на продажба на државното земјиште, со што била утврдена почетна цена од 61 денар по м2 за јавно наддавање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

