Македонија
(Видео) Переле пари за да ја оправдаат добивката од незаконскиот тендер во „Актор“
Специјалното јавно обвинителство информираше дека отворило истрага за случајот „Актор“ поради сомнение дека е сторено кривично дело за избор на најдобар изведувач на автопатот Демир Капија – Смоквица. Меѓу осомничените за овој случај се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Според СЈО, во 2012 година, кога се рагледувале и оценувале понудите за изградба на автопатот, тогашниот претседател на Владата, Никола Груевски, со цел за избор на понудувач да не биде избран понудувач од Италија, искористувајќи ја својата положба, извршил влијание врз тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кој ги поттикнал членовите на евалуационата комисија да го фаворизираат изборот на фирмата „Актор“ од Грција. Со тоа, според СЈО, му било овозможено на „Актор“ да прибави корист од 7 милиони евра.
Истрагата е отворена против десет физички лица и четири правни лица, кои се сомничат за злоупотреба на службената положба и перење пари. „За „Актор“ се повикуваат лица кои се достапни на СЈО. Сега почнува истрага, ќе се земаат изјави од сведоци и осомничени и врз основа на тоа ќе се побараат мерки од судот“, рече обвинителката Катица Јанева.

Како што образложи обвинителката Фатиме Фетаи, во случајот се работи за основано сомневање за злоупотреба на овластувањата при спроведување на тендерот за изградба на автопатот. Сомневањата се однесуваат на тоа дека во 2012 година, при разгледување на понудите, тогашниот премиер влијаел да не биде избран понудувачот од Италија, кој според Груевски, бил „претставуван од правно лице – комуњар“.
„Тој го поттикнал министерот за транспорт и врски, кој, пак, ги поттикнал службените лица од министерството да ги евалуираат понудите за автопатот и да го изберат грчки ‘Актор’. Со тоа, на ова правно лице му биле овозможено незаконски да располага со 7.811.593 евра. Во текот на отворањето на понудите во телефонски разговор премиерот бил информиран од министерот дека компанијата од Италија има подобра понуда од компанијата од Грција. Сепак, министерот добил упатство Италијанците да не бидат избрани, по што министерот повикал членови на комисијата со препорака да го фаворизираат ‘Актор’, иако не ги задоволувал критериумите“, рече Фетаи.
Во однос на перењето пари биле користени компании на подизведувачи, била формирана и група за перење пари, преку сметките на овие компании и нивните вработени од 2012 до 2016 година биле исплатувани пари во вредност од 3.185.681,1 евро. Според СЈО, еден работник без квалификации добивал месечно од 6 до 7 илјади евра, а поквалификуваните и двојно повеќе. На 10 редовно вработени лица им биле исплатени 600 илјади евра.
За овој случај, истрага беше отворена и во Грција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на неколку патни правци поради врнежи од снег
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на повисоките места, во западните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот, извести АМСМ
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот премин Стража. На планинскиот премин Буково врнежите се од дожд и снег.
Поради врнежи од снег воведена е забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, како и на патниот правец крак Маврово – Дебар.
На патниот правец Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај за автобуси, а за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема.
Македонија
Делови од Илинден, Ѓорче Петров и Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 13:00 часот дел од улицата 19 во населба Илинден, oпштина Илинден;
· во периодот од 08:30 до 14:00 часот дел од корисниците во населба Волково, поточно улиците: 95, 100, 101, 102 и 103, општина Ѓорче Петров;
· во периодот од 08:30 до 14:30 часот дел од корисниците на улицата Јустинијан Први во село Драчево, поточно делот од Маркет – Вајота кон село Студеничани, општина Кисела Вода;
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот дел од улицата Герника, општина Кисела Вода.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-125мм на улицата Светозар Марковиќ бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Светозар Марковиќ и дел од булеварот Кочо Рацин, вклучително и објектот на Веро Џамбо, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

