Македонија
Таен ринг за борби со кучиња разоткриен во битолско, заработувале од мачење животни
Грчки државјанин сопственик на куче, пит бул, косовски државјанин сопственик на куче од расата американски стафорд, како и двајца македонски државјани како соизвршители ќе одговараат на кривично дело – Убивање и мачење животни од член 233 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Основното јавно обвинителство Битола ги прибра сите потребни докази и поднесе обвинение, бидејќи на 1 ноември во селото Црнеец во близина на Стрежево, тие заради користољубие грубо ги злоупотребувале и ги изложиле на непотребни маки кучињата.
Првообвинетиот организирал борба меѓу двете кучиња во дворот од семејната куќа на второобвинетиот, кој претходно имал подготвено ринг каде се одвивала борбата. Настанот го следеле и други лица од Косово, Грција и Македонија, кои полициските службеници ги затекнале на лице место и кај кои биле пронајдени парични средства во различни апоени на евра и денари наменети за обложување.
Како резултат на борбата, со особено тешки повреди се здобило кучето од расата пит бул, кое имало угризни рани со различна големина, тешки повреди на главата и видливи знаци на трауматски шок.
Доказите обезбедени до овој момент упатуваат на сомненија дека се работи за организирана операција за која бил подготвен ринг за борби за кучиња во кој се пронајдени траги кои укажуваат дека вакви борби се случувале и друг пат, како и лекови за пружање прва помош на повредени кучиња.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Битола достави предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за двајцата македонски државјани.
Доколку двајцата странски државјани кои се во бегство од моментот на сторување на делото, не бидат обезбедени до почетокот на судската постапка, јавниот обвинител ќе предложи нив да им се суди во отсуство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од улицата Тодор Чангов – крак 48. (општина Аеродром)
Македонија
Забрана за движење на камиони на ГП Ники (ГП Меџитлија) до утре до 10:00 часот
На ГП Ники (ГП Меџитлија) ќе има забрана за движење на товарни возила до 10 јануари до 10:00 часот. Сообраќајот за патнички моторни возила ќе се одвива со нормален тек, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Во Охрид најкритично во Далјан, се излеа и Кочанска река – извештај за состојбата по обилните дождови
Обилните врнежи на дожд предизвикаа зголемен водостој на реките и локални излевања во повеќе делови од државата, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), според состојбата до 18:00 часот.
Во Штипско–Кочанскиот регион е регистрирано локално излевање на Кочанска река кај селото Горни Подлог, каде што интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Оризарска река има излевање кај селото Грдовци, а на терен интервенира Водостопанство „Брегалница“, додека полицијата од Кочани го обезбедува подрачјето и го регулира сообраќајот. Зрновска река се излева пред вливот во Брегалница, а состојбата ја следи Регионалниот центар за управување со кризи. Злетовска река и Брегалница имаат зголемен водостој, но без излевање. На патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса се интервенира поради одрон.
Во Охрид, најкритична е состојбата во населбата Далјан по излевање на реката Далја. ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат со механизација, додека Територијалната противпожарна единица и Дирекцијата за заштита и спасување со пумпи вршат испумпување на водата од поплавените објекти. Регионалниот центар за управување со кризи Охрид ги координира пријавите преку бројот 112. Кај Коселска река, во правец на селата Ливоишта и Вапила, се преземаат мерки за заштита на патниот правец.
Во Кичево, поради претходните врнежи, дел од површините се заезерени, а состојбата со поплавените објекти на улицата „Прилепска“ е непроменета. ТППЕ, ДЗС и ЈП „Комуналец“ вршат испумпување и обезбедување на теренот, додека Општина Кичево и Црвениот крст се грижат за евакуираните лица.
Во Битолскиот регион, во Општина Битола се вршат теренски контроли од страна на РЦУК и општинските служби. ЈКП „Комуналец“ интервенира во населбата Стрчин, „Македонија пат“ расчистува на регионалниот пат Р-2333, а Водостопанство ја следи состојбата на реките Шемница и Црна. Во Ресен и Демир Хисар се врши испумпување и заштита на загрозените површини.
Во Куманово, Липково и Крива Паланка состојбата се следи од РЦУК, општините и Водостопанство, а „Македонија пат“ и комуналните претпријатија вршат превентивно расчистување и посолување на ризични патни делници.
Во Тетово се интервенира со механизација на патиштата кон селото Ѓермо и месноста Бањиче. Во Мала Речица полицијата и инспекциските служби постапуваат по уривање на потпорен ѕид, а во Желино се интервенира по излевање кај реките Стримница и Палатица. На Попова Шапка, по координација со РЦУК Тетово, патот се расчистува со механизација. Во Гостивар, ЈП „Комуналец“ и Водостопанство преземаат мерки по пријавени излевања.

