Македонија
Талески: За една година владеење ВМРО-ДПМНЕ ја загрози иднината и ја врати државата цела деценија назад
На денешната собраниска седница, пратеникот од СДСМ, Миле Талески, упати критика до владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ за ребалансот на буџетот, критикувајќи ги како што рече, лошите економски, но и погрешните политики на власта кои според него за само една година ја вратија државата цела деценија назад, како во времето на Никола Груевски, загрозувајќи ја нејзината иднина.
„Ова е ваш буџет, кој самите го подготвивте, и за кој сега предлагате ребаланс. Ниту буџетот што беше изгласан во декември покажа дека имате план и визија, ниту пак овој ребаланс покажува дека знаете како и што ќе направите во интерес на граѓаните. Тотално покажувате дека немате план и не знаете каде терате,“ истакна Талески.
Тој ја обвини Владата за економска неспособност и целосен аматеризам во спроведувањето на економските политики за што цената ја плаќаат граѓаните:
„Немате план, немате стратегија, не знаете што правите. Во исто време граѓаните осиромашуваат, цените се повисоки, платите не растат, нивната вредност опаѓа.“ рече Талески.
Се осврна и на влошувањето на меѓународната позиција на земјата, закочениот европски пат и негрижата на власта за македонските национални интереси
„Не се грижите ниту за јазикот, ниту за идентитетот, ни за достоинството на Македонија. Се грижите само за себе и вашите партиски интереси,“ рече Талески.
-Мислите дека Бугарија е проблемот, а всушност вие сакате да го бугаризирате македонскиот народ со тоа што не правите ништо за да го продолжиме европскиот интеграциски пат. Свесни ли сте дека токму поради вас, сè повеќе луѓе заминуваат, бараат бугарски пасоши и се изјаснуваат дека имаат бугарско потекло? Тоа не го прават зашто сакаат, туку зашто сакаат подобра иднина – бараат просперитет и европски вредности. А вие, наместо да понудите надеж, ги терате да бегаат, рече пратеникот на СДСМ.
Тој обвини дека на сите полиња државата уназадува.
Државната администрација е потполно партизирана и дека се спроведуваат притисоци за вработувања пред избори:
Безбедносната состојба, е драматично влошена, дециден е Талески, граѓаните не се чувствуваат безбедни:
„Македонските градови станаа див запад, се пука насекаде, има убиства речиси секој втор ден, се палат автомобили, се газат луѓе на пешачки патеки. Тоа е резултатот на ВМРО-ДПМНЕ“ рече пратеникот на СДСМ, Миле Талески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Донесени пресуди за случајот „Премин“, обвинителството најави жалба
Денеска, во Основниот кривичен суд Скопје, беше објавена неправосилна пресуда во предметот со кодно име „Премин“, застапуван од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Обвинителството за гонење на организиран и корупција. Во предметот беа опфатени повеќе царински службеници од Царинските испостави Ново Село и Дојран. Со пресудата, дванаесет обвинети лица се огласени за виновни за сторени кривични дела Примање поткуп и Злоупотреба на службената положба и овластување.
Четворица обвинети се осудени на ефективни казни затвор во траење од една година и шест месеци до три години, додека на останатите осум лица им се изречени условни осуди.
Четворица обвинети на почетокот на главната расправа го признаа делото и тогаш судот ги осуди на ефективни казни затвор во траење од 2 години до 2 години и 8 месеци.
Воедно, на 14 лица во предметот осудени за кривичното дело Примање поткуп судот им изрече и казна забрана за вршење на должност на службено лице, во времетраење од две до осум години, индивидуално определена за секој од нив.
Предлогот на обвинителството за одземање и конфискување на имотната корист прибавена со кривично дело беше делумно прифатен од страна на судот и паричните средства се вратени на еден од обвинетите.
Останатите привремено одземени парични средства пронајдени при извршените претреси се одземени и тоа 18.230 евра, 263.210,00 денари, 4860 швајцарски франци, 443 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари.
Обвинителството незадоволно од висината на казните и од висината на одземените парични средства најавува дека ќе го искористи правото на изјавување на правен лек по писмено добивање на пресудата.
Истражната постапка за овој случај беше отворена во октомври 2024 година кога беше спроведена полициска акција под кодно име „Премин“ поради основано сомнение дека обвинетите распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран, во временскиот период од 21.03.2023 година до 15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што морале да го извршат.
Македонија
Поранешен градоначалник на Росоман исплатил личен долг од 500.000 денари од општинскиот буџет
Полицијата поднесе кривична пријава против С.Н.(29) од Росоман поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според информациите на МВР, во периодот од август 2024 година до септември 2025 година, С.Н. во својство на градоначалник на општина Росоман, во два наврати ги пречекорил границите на службеното овластување и од Буџетот на општина Росоман противправно биле прибавени парични средства во вкупен износ од околу 500.000 денари, кои биле присилно наплатени од извршител за личен долг на С.Н..
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.

