Македонија
Таравари бара отворање на истрагите за Дурмо Турс, Беса Транс и модуларна, но и целосна истрага за Кочани без влијанија
Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, на денешниот партиски состанок донесе резолуција со која повика на независна и транспарентна истрага за трагедијата во Кочани, но и повторно отворање на истрагите за претходните трагедии – Дурмо Турс, Беса Транс и модуларната болница во Тетово.
Во резолуцијата се бара:
1. Спроведување на целосна, независна и транспарентна истрага за трагедијата во Кочани, под раководство на надлежните институции, ослободени од секакво политичко влијание, со обврска за редовно и јавно информирање на граѓаните за текот и наодите од истрагата.
2. Се бара повторно отворање на истрагите за претходните трагедии – Дурмо Турс, Беса Транс и модуларната болница во Тетово – во кои животот го загубија вкупно 135 граѓани, и за кои сè уште не е утврдена ниту институционална, ниту индивидуална одговорност.
3. Се бара јасна идентификација и утврдување на одговорноста, и индивидуална и институционална, преку длабинска анализа на причините за системските пропусти, адресирајќи ја негрижата, неспособноста и корумпираните практики.
4. Се потенцира неопходноста од зајакнување на транспарентноста и отчетноста, преку објавување на инспекциските постапки, контролни извештаи и редовно и достапно споделување на податоци со јавноста.
5. Се бара детална проверка на имотот и интересите на сите одговорни функционери и инспектори, со цел откривање на евентуален судир на интереси или можни коруптивни врски со инспектираните субјекти.
6. Се препорачува спроведување на вонреден надзор во сите објекти со висок ризик, во согласност со меѓународните безбедносни стандарди, особено во секторите за угостителство, здравство, образование, спорт, транспорт и градежништво.
7. Се бара итна реформа на казнената политика, што ќе обезбеди правични, строги и спроведливи санкции за сите оние кои, преку свои дејствија или пропусти, придонеле до случување на вакви трагедии.
8. Се инсистира на итна и целосна примена на сите антикорупциски препораки дадени од Комисијата за антикорупција и Државниот завод за ревизија, без одлагање, одстапување или селективност.
Собранието на Алијансата за Албанците повторно ја потврдува уверувањето дека трагедијата во Кочани не смее да се сведува на болна статистика, туку мора да послужи како пресвртница во градењето на нова култура на одговорност, безбедност и владеење на правото во Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради врнежите се очекува зголемен водостој на дел од реките, ЦУК апелира на внимателност поради навеви на снег на повисоките места
Состојбата со врнежите од дожд кои ја зафатија државата во моментов е стабилна, информираат од ЦУК.
„Согласно информациите од УХМР, се очекува зголемување на водостојот во горниот дел од сливот на реката Вардар, во сливот на реката Треска, реката Радика, реката Сатеска, во сливот на реката Коселска, како и на водотеците во Охридско-Преспанскиот регион. Зголемување на водостојот се очекува и на реката Лепенец, на водотеците и суводолиците кои доаѓаат од Шар Планина, како и во сливот на реките Пчиња и Струмица.
Поради високото ниво на подземни води, на одредени места е можна нивна интеракција со површинските води и појава на заезерување.“
Од ЦУК апелираат на претпазливо движење покрај реките и суводолиците.
„Центарот за управување со кризи побара од единиците на локалната самоуправа да ги задолжат јавните претпријатија да ги проверат сите критични локации на кои е можно излевање или поплавување на реките, по најавите за нови врнежи од дожд и снег“.
Центарот за управување со кризи апелира до граѓаните да патуваат внимателно во следните денови, и тоа само доколку е неопходно, со доволно гориво во резервоарите и со соодветна зимска опрема, особено на повисоките места и планинските превои.
„Можно е да се формираат навеви од снег и одредени патни правци во одредени периоди да бидат непроодни.
Потсетуваме дека лицата кои живеат на повисоки места треба навремено да се снабдат со основни намирници (храна и лекови).
Во случај на опасност или потреба, граѓаните може да се јават на бесплатниот телефонски број за итни повици – 112 во ЦУК“.
Македонија
Муцунски во Стразбур: Македонскиот јазик, идентитетот и достоинството на граѓаните не може да бидат предмет на преговарање
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево учествуваше и се обрати на 24-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Република Северна Македонија – Европска унија, што се одржува на 26 и 27 ноември 2025 година во Стразбур.
Во своето обраќање пред членовите на Комитетот,Муцунски истакна дека Стразбур, како дом на европската демократија, претставува силен потсетник на европските вредности кон кои нашата држава е посветена веќе две децении. Тој потсети дека оваа година се навршуваат 20 години од добивањето на кандидатскиот статус, период во кој земјата спроведе значајни реформи и покажала конзистентна определба за европската интеграција.
Министерот нагласи дека македонските граѓани остануваат силно проевропски ориентирани, но дека е неопходно процесот на проширување да биде предвидлив и меритократски за да се спречи појавата на евро-песимизам. Во таа насока, тој укажа дека државата е 100% усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија, активно поддржувајќи ја Украина и придонесувајќи кон зајакнување на европската безбедност како директен партнер и НАТО-сојузник.
Муцунски се осврна и на реформските процеси поврзани со Планот за раст и Реформската агенда 2024–2027, истакнувајќи дека реформите се насочени кон економски развој, задржување на младите и привлекување инвестиции. Тој подвлече дека државата веќе докажува дека може да придонесува кон стабилноста на регионот и Унијата, меѓу другото и преку првото партнерство во безбедноста и одбраната со ЕУ во рамките на Западен Балкан.
Во делот на билатералните прашања, министерот посочи дека продолжената блокада од страна на Бугарија не и штети само на нашата држава, туку ја намалува довербата во процесот на проширување и ги ослабува стратешките интереси на регионот. Тој нагласи дека успехот на европската интеграција лежи во конкретни проекти, економска и енергетска поврзаност, а не во отворање теми поврзани со идентитетот, јазикот и националниот наратив. Повтори дека македонскиот јазик, идентитет и достоинството на граѓаните не се, и не може да бидат предмет на преговарање.
Министерот потенцираше дека државата останува конструктивен партнер во регионот, посветена на добрососедските односи, исполнувањето на меѓународните обврски и унапредувањето на соработката со сите соседи каде што тоа носи конкретни придобивки за граѓаните.
На крајот од обраќањето, Муцунски изрази благодарност до Европскиот парламент за доследната поддршка на европската перспектива на земјата и порача дека македонските граѓани остануваат цврсто проевропски. Тој повика на партнерство засновано на јасни, предвидливи и фер критериуми, со уверување дека заеднички може да се претвори евентуалниот евро-песимизам во обновен европски оптимизам.
Македонија
Василевска и Мираковска со евроизвестителот Вајц: разменети мислења за актуелните случувања во државата
Пред почетокот на 24. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет РСМ – ЕУ, кој денес и утре се одржува во седиштето на Европскиот парламент во Стразбур, копретседавачката Иванка Василевска и заменик-копретседавачката Соња Мираковска, остварија средба со известителот за Република Северна Македонија во Европскиот парламент, Австриецот Томас Вајц, кој по функција учествува во работата на ова заедничко парламентарно тело.
На средбата беа разменети мислења за актуелните случувања во државата, напредокот на реформската агенда, Извештајот на Европската комисија, како и за очекувањата од престојниот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет.
Василевска изрази благодарност за сите вложени напори од страна на Европскиот парламент и посебно од известителот Вајц за придвижувањето на процесот на приближување кон Европската Унија и потенцираше дека сите релеванти политички фактори во земјата се целосно посветени на оваа цел.
Известителот Томас Вајц ја искористи оваа пригода да ја изрази силната и недвосмислена поддршка од страна на Европскиот парламент за евроинтеграцијата на Република Северна Македонија заснована на постигнати резултати и заедничка соработка.

