Македонија
Таравари за албанската академија на науки: Не етнизираме, ќе имаме повеќе институции, рангирањето на нашите универзитети, за жал, е за никаде
Иако македонските партнери во владината коалиција сметаат дека е доволна Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), министерот за здравство, Арбен Таравари, албанскиот партнер во владината коалиција, уверува дека нема несогласување меѓу коалиционерите откога „Верди“ поведе иницијатива за формирање албанска академија на науки и уметности. Таравари смета дека идеите што се за наука и уметност секогаш се добри и уверува дека не ја етнизираат науката со иницијатива за албанска академија на науки и уметности.
„Ние имаме повеќе универзитети, не ја етнизираме науката, туку ќе имаме повеќе институции што се занимаваат со наука и уметност. Да ги развиеме и овие институции што повеќе, да ги поддржуваме затоа што секоја година кога излегуваат резултатите од тоа како се рангирани нашите универзитети, за жал, сме за никаде. Да дадеме максимум сите од себе што повеќе науката и уметноста на сите етнички заедници што живеат во Македонија да се развива што поубаво и подобро“, рече Таравари денес одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на бесплатните тестови за хепатитис Б, Ц и ХИВ на плоштадот Македонија во Скопје.
Ја почнале иницијативата засега во четири општини, но Таравари очекува да се најде решение, кое ќе биде прифатливо за сите што живеат во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вељаноски за техничката влада: Eксперимент кој предизвикува штета за државата
За поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, техничката влада е експеримент кој како што оценува, предизвикува повеќе штета од корист за државата.
„Секој правен и уставен експеримент предизвикува повеќе штета од корист за државата.
Времето и искуството покажаа дека импровизациите во системот не носат квалитет, туку дисфукционалност. Така беше со идејата за техничката Влада, така беше и со Специјалното јавно обвинителство(СЈО).
Треба да говориме отворено и без лажни наративи“, пишува Вељаноски на социјалните мрежи.
Според него, овие два механизма не беа воведени за да донесат повеќе правда или демократија.
„Тие беа измислени и наметнати со една единствена политичка цел-да се инсталира СДСМ на власт и да се реализира идејата за промена на уставното име на Република Македонија. Ништо друго. Граѓаните не треба повеќе да бидат предмет на манипулација за наводните “благодети” на овие ад-хок решенија.
И СЈО и техничката Влада беа плод на политички и правни манипулации, туѓи на нормалниот парламентарен живот и правниот поредок. СЈО веќе заврши на буништето на историјата како неуспешен проект. Време е и техничката Влада итно да и се придружи.
На Македонија и е потребен стабилен систем а не вечни изнудени експерименти“.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Скопје – Штип
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип е нормализиран, информира АМСМ.
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип утрово беше во целосен прекин, поради опожарено тешко моторно возило, четири километри пред патарината „Преод“.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

