Македонија
Таравари: За нас пријателството со САД е свето
Кандидатот за претседател на ВЛЕН, Арбен Таравари заедно со лидерите на коалицијата ВЛЕН денеска на плоштадот „Скендербег“ го одржаа последниот митинг во Скопје.
Во својот говор, Таравари истакна дека собирот во Скопје доаѓа по многуте средби и собири низ државата, вклучително и дијаспората, и дека внимателно ги слушале проблемите на граѓаните со кои се соочуваат веќе 22 години.
„Овде доаѓаме по многу собири и состаноци низ другите градови и села во државата, каде што ги видовме и допревме секојдневните проблеми на нашиот народ. Сиромаштија и невработеност, проблеми во клиниките и болниците, немање инвестиции и субвенции. Ова е за жал реалноста на нашиот народ по 22 години неодговорна и корумпирана власт. Доаѓаме тука и по средбите со Албин Курти и многу пријатели и браќа од Косово, кои ја поддржуваат нашата победа, многу сме свесни за задачата што не чека, затоа се здруживме сите како АЛИЈАНСА, со заедничко ДВИЖЕЊЕ, да дадеме ЗБОР(БЕСА), и под бројот 6 да нудиме АЛТЕРНАТИВА која ВРЕДИ(ВЛЕН)“, рече Таравари.
Таравари изјави дека е за Северна Македонија членка на Европската Унија, со трајно пријателство со САД и дека делата на коалицијата ВЛЕН ќе бидат целосно во согласност со стратешкиот интерес на САД.
„Како претседател на Републиката, се обврзувам дека мојата надворешна политика ќе се заснова на европски и прозападни вредности, со цел членство на земјата во Европската унија. Тоа ќе го постигнеме со поддршка на нашиот постојан сојузник, без помош на кого не би биле таму каде што сме денес – Соединетите Американски Држави. За нас пријателството со Америка е свето и Коалицијата ВЛЕН вети дека секој чекор што ќе го преземеме во иднина ќе биде целосно во согласност со стратешкиот интерес на САД, односно Северна Македонија интегрирана во ЕУ и далеку од руските влијанија, Северна Македонија излечена од епидемијата на корупција како предуслов за социјален и економски развој. Како претседател на Републиката, ветувам дека посветено ќе работам Северна Македонија да биде безбедна држава и да ја промовира регионалната безбедност и мир. Ќе се погрижам да имаме кредибилни одбранбени капацитети, како дел од нашите обврски во НАТО и ЕУ“, рече Таравари и додаде дека ќе се бори да ја врати довербата во правосудниот систем со борба против корупцијата и дека со сето свое битие ќе ја брани консензуалната демократијата , слобода на изразување и правосуден систем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

