Македонија
Таравари и Кочубовски да го вклучат црвениот аларм поради екстремните температури, бараат од Левицата
Само Република Македонија од земјите во регионот има високи прагови на црвени аларми кога станува збор за опасноста од екстремните временски услови. Имено, црвениот праг според постоечките правилници е на фрапантни 44 степени Целзиусови, а Институтот за јавно здравје најавува зголемување и на тој праг, велат од Левица.
„Проф. д-р Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје во неколку наврати ја залажува јавноста дека црвениот праг од 44 степени Целзиусови е во нормални граници. Ваквиот скандалозен став само потврдува дека властите воопшто не се грижат за здравјето на обичниот народ.
Кочубовски ѝ стана познат на јавноста уште во поставата на Министерството кога на чело беше Тодоров, откако изби скандалот дека водата во Дојранско Езеро е загадена и дека се забранува за капење. Кочубовски тогаш излезе во јавноста да ја брани тогашната Влада на ДПМНЕ, тврдејќи дека постои нов правилник, според кој водата воопшто не е загадена, туку има одличен квалитет и може слободно да се користи.
Истото залажување на јавноста го гледаме и сега, кога се потребни реални решенија за заштита на ранливите категории и хроничните болни, а Владата преку Кочубовски ги изложува на ризик работниците, хроничните болни и децата, само за да го заштити интересот на газдите“, реагираат од оваа партија.
Левица алармира дека постоечкиот праг од 44 степени Целзиусови за издавање на црвен аларм е премногу висок и не го рефлектира вистинскиот ризик по здравјето на населението.
„Институтот итно треба да го ревидира и прилагоди прагот за алармирање, земајќи ги предвид најновите научни сознанија и препораки од меѓународните здравствени организации.
Владата треба итно:
– да воведе флексибилно и скратено работно време за работниците;
– да иницира ослободување од работа на хронично болните и онколошките пациенти;
– да организира информативни кампањи и обуки за заштита од топлина;
– да спроведе засилени инспекции и санкции за непочитување на мерките;
– да обезбеди дополнителна грижа и помош за старите лица, болните и другите ранливи групи преку мобилни здравствени тимови и климатизирани јавни простори сè со цел да се заштити здравјето и благосостојбата на сите граѓани“, нагласуваат од Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита
Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска, 06 февруари, започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец јануари 2026 година.
Kорисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство.
Исто така, и корисниците кои не користат картички од денеска ќе можат да ги подигнат своите средства во сите отворени филијали и експозитури на банките.
Македонија
Нови простории на Институтот за трансфузиона медицина во Тетово
Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со првиот заменик претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска ги посетија новите простории на Институтот за трансфузиона медицина во Тетово.
„Со денешната промоција целосно го заокружуваме процесот на реконструкција на новите просторни капацитети за Институтот за трансфузиона медицина во Тетово. За таа цел, од Институтот се инвестирани околу 8,3 милиони денари. Регионалниот центар за трансфузија во Тетово, како составен дел на Институтот, опфаќа и три помали центри: во Гостивар, Кичево и Струга. Овој регионален центар ја обработува крвта собрана од другите центри, нуди амбулантски здравствени услуги за пациентите, организира акции за дарување крв и ги снабдува клиниките и болниците во овој регион со крв и крвни продукти“, истакна министерот Алиу при посетата.

Тој нагласи дека Министерството во континуитет работи и на зајакнување на кадарот, посебно таму каде што се затекнати лица кои подолго време биле ангажирани со договор на дело.
„Во Институтот за трансфузиона медицина, кој има свои подрачни служби низ државата, кон крајот на минатата година заврши огласот за вработување и веќе се вработени вкупно 48 лица, а дел од нив се и тука во Институтот за трансфузиона медицина во Тетово. Продолжуваат нашите заложби за зајакнување на инфраструктурните и човечките капацитети во јавните здравствени установи, со цел подостапни и поквалитетни здравствени услуги за сите граѓани во државата“, додаде Алиу.
Македонија
Сите патни правци во државата се проодни, магла на патот Штип – Неготино
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, информира АМСМ.
Слаби врнежи од снег има на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри има на патниот правец Штип – Неготино кај Серта.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

