Македонија
Таравари: Mладите се јадрото на населението, иселувањето на младите е државен аларм
Претседателскиот кандидат од коалицијата ВРЕДИ, Арбен Таравари на форумот „Миграција на младите“ зборуваше за иселувањето на младите од Северна Македонија, кое, како што вели Таравари, се претворило во вистинска чума.
„Епидемијата на иселување има повеќедимензионални последици, врз економијата, општеството и семејството. Иселувањето има долгорочни последици за економската перспектива и развојот на државата бидејќи најголем дел од иселениците, врз основа на податоците, се млади, тие се највиталниот и најквалификуваниот дел од општеството.Тие се јадрото на населението што од ден на ден се намалува. Иселувањето влијае и на нашата социјална структура каде Албанците се несразмерно погодени од овој проблем. Иселувањето директно влегува во нашите семејства бидејќи не останало речиси ниту едно албанско семејство во земјава, на кое не и се одвоил дел со избор на патот на иселувањето“, рече Таравари.
Според него, државата не треба да дозволи да се заобиколи талентот и потенцијалот на младите луѓе, додека удобноста на власта, и покрај фактите на статистиките, сама по себе претставува аларм дека на Македонија и требаат промени.
„Вистинска промена на менталитетот на владеење. Нова Влада која деноноќно ќе се залага да обезбеди подобра благосостојба за сите свои граѓани, особено за младите кои се иднината на државата. Не велам дека ќе целосно ќе ја спречиме оваа гама на масовна миграција на младите, но јас како следен претседател и ВРЕДИ како идна влада, ќе вложиме максимални напори и континуирана посветеност да создадеме услови преку прогресивни политики кои во фокус ќе го имаат граѓанинот, особено младите кои одговараат тие да се чувствуваат себеси како составен и активен дел од ова општество“, рече Таравари.
Таравари додаде дека запирањето на иселувањето на младите може да се случи доколку имаме зголемени инвестиции во образованието и поддршка на претприемништвото, инвестиции во регионален развој, транспарентност и отчетност, ангажирање на иселениците како и поддршка за повратниците.
„Да работиме рамо до рамо за да создадеме општество каде нема ниеден талент да се изгуби и секој поединец да придонесе за просперитетот и благосостојбата на земјата. Затоа, денес стојам пред вас, не за кампања и ветувања, туку за да слушам, сакам да ги слушнам вашите грижи, вашите очекувања, вашите идеи, па и вашите соништа, за улогата што треба да ја одигра државата во обезбедувањето подобра перспектива во татковината“, рече на крајот Таравари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ: Уништени над 1 тон небезбедна храна од продавниците за здрава храна
Илјада и десет килограми небезбедна „здрава храна” уништија инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство кај 14 оператори во рамки на 373 контроли спровдени неделава, кај оператори именувани како објекти за производство и промет со здрава храна, соопшти АХВ.
Со контролите утврдено било дека 14 оператори воопшпто не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата.
За утврдените недоследности со контролите, биле издадени 65 решенија, 19 опомени и 44 парични казни, во вкупна вредност од 20.550 евра.
„Кај 9 оператори со контролите утврдени биле незадоволителни хигиенски и технички услови во објектите, кај 7 била пронајдена храна со поминат рок на употреба. Кај двајца оператори најдена била и храна со непознато потекло. Несоодветно означена била храната кај 18 оператори, а кај 23, вработените немале спроведено задолжитрелен здравствен преглед. Двајца од операторите немале воспоставени процедури за Добра производствена и Добра хигиенска пракса, или не воделе соодветни записи. Кај исто толку оператори не била извршена задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите“, пишува во соопштението на АХВ.
Македонија
СДСМ: Наместо луксуз на власта со авиони, да се пренаменат пари за 600 евра минимална плата
Животот во Македонија станува сѐ поскап, работниците едвај врзуваат крај со крај, а власта сѐ луксузира врз грбот на народот, велат од СДСМ.
„Според последните податоци, синдикалната кошничка во февруари достигна 67.400 денари. На едно четиричлено семејство не му се доволни ниту 3 минимални плати месечно за да ги покрие основните потреби. Над 200 илјади работници земаат плата под 30.000 денари. Со сегашното ниско ниво на минимална плата не можат да се покријат трошоците за основни потреби, храната, сметки.. Тешкото секојдневие, високите сметки и поскапувањата ги доведоа работничките семејства на раб. И додека граѓаните се борат за корка леб, премиерот Христијан Мицкоски се луксузира на сметка на народот – со владини авиони, со скапи часовници од 60 илјади евра. Време е да се укине луксузот на власта, а работниците да добијат достоинствени плати, какви што заслужуваат. Бараме парите што власта ги планираше за нов авион да се пренаменат за минимална плата од 600 евра за сите работници. Нема повеќе оправдувања дека „нема пари“. Имало пари за нов авион, за мебел, за уредување кабинети, за службени автомобили. Нека направат ребаланс на Буџетот и нека ги пренаменат парите за плати. Доста е расфрлање со милиони за авиони – мали или големи – додека народот тоне. Доста е луксуз на грбот на народот“, стои во соопштението на СДСМ.
Македонија
Обвинителство: Забрана за две правни лица од Велешта да вршат ископ во близина на изворите за вода за пиење во Шум
Преземајќи истражни дејствија по наредба на Основното јавно обвинителство Струга за испитување на причините за загадувањето на водата од извориштето во селото Шум, истражните органи затекнаа работни машини на две правни лица од Велешта кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, поради сомненија за кривични дела – Незаконита експлоатација на минерални суровини од член 225-а и Загадување на водата за пиење од член 219 од Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка веднаш достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрани на правните лица да ги посетуваат парцелите каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето.
Основното јавно обвинителство Струга продолжува да презема дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуална кривична одговорност во однос на енормното загадување на изворите во Шум од каде подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење, стои во соопштението.

