Македонија
Таткото на Фросина: Ако нема правда за моето дете, тогаш јас ќе ја земам во свои раце
„Или ќе има правда за моето дете или ќе станеме Див Запад, па секој ќе се снаоѓа како умее и знае, ќе си ја зема правдата во свои раце“, изјави Љупчо Цековски, таткото на прегазената Фросина, за „Макфакс“, по одлуката на Апелација за намалување на казната на три години за возачот Љубиша Видојковиќ. Цековски вели дека болката е уште поголема од пред 4 години кога загина Фросина и за него е неприфатливо, како што вели, толку ниска казна за некој што возел со преголема брзина и усмртил човек на пешачки премин, а потоа избегал и не укажал помош.
„За семејството Цековски, болката е преголема по загубата на најмилото и ништо не може да ни ја врати ќерката. Но, се надевавме дека правдата ќе излезе на виделина и дека сторителот ќе си ја добие заслужената казна. Очигледно правдата е во рацете на моќните. Не знам што да кажам, очекувавме казна затвор од најмалку 10 години, а тие му намалија на три. Ова ли е држава, ова ли е судство? Згора на тоа, му го поништија делото дека не ѝ укажал помош по удирањето во неа. Порачувам, нема да се смириме, ќе се жалиме до сите институции“, рече Цековски.
За таткото на Фросина, има многу неразјаснети работи во целиот случај. Тој вели дека не му е јасно како сведоците пред судот тврделе дека девојчето поминало на зелено, а вештачењето покажало дека било запалено црвено светло.
„Не знам, не ми јасно. Барав да се вратат камерите, да се зумира, но не дозволија. Кажаа дека било црвено светло и толку“, додава таткото на Фросина.
Адвокатот на семејството Цековски, Благоја Ангеловски, вели дека кога ќе ја добие одлуката од Апелациониот суд, ќе поднесе иницијатива до Врховен суд за преиспитување на висината на казната.
„Ќе бараме преиспитување на казната затоа што болката е преголема за злото што му е нанесено на семејството. Се надеваме дека судските институции ќе го разгледаат нашето барање и ќе ја сменат одлуката во корист на Цековски“, рече адвокатот Ангеловски.
Инаку, Фросина Цековска, студентка од Крива Паланка, загина на пешачки премин во сообраќајна несреќа на булеварот Партизански одреди кај Универзалната сала. Возачот Љубиша Видојковиќ не застанал по кобниот удар, а при прегледот му се најдени 1,2 промил алкохол во крвта. Кривичниот суд еднаш му пресуди и го осуди на 6 и пол години затвор, но Апелација го врати процесот назад и ја поништи пресудата. На второто судење Видојковиќ беше осуден на 4 години затвор, а денеска Апелација, која жалбата ја разгледувала на јавен претрес, му ја намали затворската казна дополнително на 3 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Ковачки: Ќе ги вратиме сите железнички линии во функција
Драган Ковачки, носител на изборна единица 3 на ВМРО-ДПМНЕ, денеска меѓудругото вети дека ќе бидат вратени во функција сите железнички линии.
„Ќе ги вратиме сите железнички линии во функција, ќе ја реконструираме пругата Велес-Кочани, ќе ја електрифицираме пругата Велес-Битола, ќе го реконструираме автопатот Катланово-Велес, ќе изградиме нова катна гаража во Велес, ќе ја реконструираме општата болница во Велес. Нови 26 милиони евра од проектот 250 милиони евра за општините“, изјави Ковачки.
Македонски железници месецов прослави 151 година од своето постоење. Јавното претпријатие е во лоша состојба, а укинати се голем број возови.
Од неодамна, од двата патнички воза за Гевгелија вози само еден. Од 2021-ва не сообраќаат возовите од Скопје за Кочани и за Кичево, а од почетокот на 2023 ниту возот за Табановце и Куманово.
Патниците го избегнуваат возот оти кога се качуваат не се знае кога и дали ќе стигнат. Честопати има дефекти и доцнење од по неколку часа, па граѓаните не сакаат да ризикуваат.
Ова јавно претпријатие е загубар кој со години се соочува со финансиски потешкотии и постојано добива прилив од буџетот за да може да подели плати и да плати сметки.
Македонија
„Вејце ниту се простува, ниту се заборава“ – Македонците паметат! Горат социјалните мрежи на годишнината од крвавиот масакр
Социјалните мрежи се преплавени со објави по повод 23-годишнината од масакрот кај Вејце, откако од заседа и ѕверски биле убиени, а потоа масакрирани и живи запалени осуммина специјалци и полицајци припадници на специјалните единици „Волци“ и на „Посебната единица на СВР Битола“. Покрај осуммина убиени, имало и шестмина повредени. При нападот, од колоната успеало да се извлече последното возило и да јави за невидениот масакр.
Ова се само дел од објавите на ФБ.
Македонија
23 години од масакрот кај Вејце кога беа ѕверски убиени, а потоа запалени 8 македонски херои: Стојанче Ангелов положи цвеќе и запали свеќи
Денеска се одбележуваат 23 години од масакрот кај Вејце — најкрвав и најбрутален масакр во поновата историја на Македонија.
Масакрот се случи на денешен ден, 28 април 2001 година, во 17:45 часот откако од заседа и ѕверски биле убиени, а потоа масакрирани и живи запалени осуммина специјалци и полицајци припадници на специјалните единици „Волци“ и на „Посебната единица на СВР Битола“. Покрај осуммина убиени, имало и шестмина повредени. При нападот, од колоната успеало да се извлече последното возило и да јави за невидениот масакр.
Иако нападнати од заседа, војниците и полицајците давале получасовен отпор, бранејќи го суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија!
Делегација на Достоинство утрово положи букет свежо цвеќе и запали осум свеќи во чест и помен на осумтемина загинати бранители убиени во крвавата заседа кај с.Вејце. Фотографии објави генералот Стојанче Ангелов.