Македонија
Таткото на Фросина: Судот ги скри клучните сведоци, кои биле во возилото со Васил, едниот снимал, па ја избришал снимката
Дванаесет години казна е награда за ова најбрутално убиство во сообраќајот, изјави таткото на усмртената Фросина, Тодор Кулаков. Тој повика на нови протести пред судот и пред Судскиот совет порачувајќи дека симболично, со црвени раце, треба да биде залепен целиот суд.
„Ова е држава во која дилери на дрога и на немилосрдни убиства се прогласуваат за светци – спортисти, посветени студени, според зборовите на одбраната. Пресудата е срамна и тажна за целото општество“, рече Кулаков.
Тој укажа и дека никој во постапката не посветил внимание на, како што рече, мноштвото сведоци што биле прикриени за уништување клучни докази, како оние на совозачот Лорен, кој, додека се возеле, снимал, а потоа таа снимка ја избришал, според тврдењето на Кулаков.
„Лорен е син на познат скопски кафеџија и затоа ја има целата заштита од системот. Судот е чиста мафија и такви пресуди носи. Лорен како клучен сведок, кој никаде не фигурира, требаше да добие кривична за уништување докази за убиство и сигурно од таа снимка ќе произлезеа докази за нови кривични дела, а казната ќе беше поголема и за него и за другите тројца во автомобилот. Овој систем ги скри. Системот треба да одговара за соучесништво во прикривање убиство“, рече таткото на Кулакова.
Многумина, вели родителот, на душа ќе ја носат ќерка му, која е ангел.
„Арам да им се парите и сè друго што добиле како компензација. Бог нека им суди, ние не се откажуваме“, рече Кулаков.
Тој, претходно, кога беше изречена пресудата од 12 години затвор за Васил Јованов, ја напушти судницата со зборовите „Судот – мафија“.
Јованов на 29 јануари, без возачка дозвола, управувајќи возило со брзина од 91 километар на час под дејство на алкохол, на пешачки премин на „Партизански одреди“ удри во Фросина Кулакова, која ја минувала улицата на зелено светло. Кулакова од силината на ударот почина на самото место.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Работниците се двојно попродуктивни од она што го добиваат преку платите, велат од ССМ
Македонските работници создаваат повеќе од двојно поголема економска вредност од она што го добиваат како плата, покажуваат податоците на Меѓународната организација на трудот (ILO), кои денеска ги посочи Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според индикаторот за бруто домашен производ по одработен час, продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 американски долари по час, што е над светскиот просек од 23,27 долари. Пресметано на месечно ниво, со просечни 168 работни часови, еден работник создава 297.024 денари економска вредност.
Наспроти тоа, нето минималната плата во државата изнесува 24.379 денари, што значи дека работник кој зема минимална плата добива само 17 проценти од вредноста што ја создава.
Од ССМ оценуваат дека распределбата на создадената вредност е „непропорционална и неправедна“, при што најголемиот дел завршува во профит, инвестиции, амортизација, даноци и други капитални трошоци, а не кај работниците.
-Очигледно е дека обидите да се сопре растот на минималната плата не произлегуваат од продуктивноста на работниците, туку од тоа колку се богати газдите и функционерите на сметка на работничкиот труд, наведуваат од ССМ.
Според синдикатот, продуктивноста на македонските работници е повисока од онаа во дел од земјите во регионот, како Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, а блиску до нивото на Бугарија. Сепак, минималната плата во Македонија останува значително пониска од повеќето соседни земји.
ССМ заклучува дека работниците се експлоатирани, а ваквата состојба, според нив, е поддржана од страна на работодавачите и институциите, нагласувајќи дека во државата постои економски простор за поголем раст на платите.
Македонија
Осомничениот за убиството за жената од Челопек е поврзан и со други кривични дела
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид на лице место во селото Челопек, каде беше пронајдено безживотно тело на 78-годишна жена, за која постојат сомненија дека насилно била лишена од живот.
Од Обвинителството информираат дека се издадени повеќе наредби за обезбедување докази и траги од местото на настанот, кои ќе бидат предмет на дополнителни вештачења со цел целосно расчистување на случајот.
Во врска со настанот, едно лице е лишено од слобода под сомнение дека е сторител на кривичното дело убиство. Постојат индиции дека истото лице во претходниот период можеби било инволвирано и во други кривични дела на подрачјето на кумановско, поради што, по наредба на јавен обвинител, се преземаат интензивни дејствија за утврдување на сите околности и евентуалната поврзаност меѓу настаните.
Од Обвинителството посочуваат дека по целосно испитување на фактите и прибирање на сите релевантни докази ќе биде поведена соодветна постапка против осомниченото лице.
Македонија
Мицкоски: Пораките на Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници
Пораките на американскиот државен секретар Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници, светот веќе не функционира по старите правила. Како Влада, продолжуваме посветено да го зајакнуваме нашето место во трансатлантската заедница.
Подготвени сме да одговориме на предизвиците, да ја модернизираме нашата одбрана и да обезбедиме сигурна иднина за нашите граѓани, објави премиерот Христијан Мицкоски, од Минхен.
Мицкоски од вчера престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.

