Македонија
Телевизиите без прекршувања во вториот круг од кампањата, објавен извештајот на АВМУ
Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги изработи извештај од изборното медиумско претставување и извештај за платеното политичко рекламирање на радиодифузерите за време на вториот круг од изборната кампања за локалните избори, од 20 до 31 октомври 2025 година.
Примерокот за мониторингот на изборното медиумско претставување и овој пат ги опфати трите програмски сервиси на јавниот радиодифузен сервис: МРТ 1, МРТ 2 и Собранискиот канал, како и 8 комерцијални национални телевизии: „Сител“, „Алфа“, „Канал 5“, „Телма“, „Алсат-М“, „Компани 21-М“, „Шења“ и „24 вести“. За другите програмски сервиси се постапуваше врз основа на претставки.
За време на изборната кампања и за време на изборниот молк во вториот круг од локалните избори не беа констатирани прекршувања на Изборниот законик од страна на радиодифузерите. Наодите покажаа дека телевизиите вложија напори да обезбедат подробна информираност на гледачите како потенцијални гласачи за изборната кампања, а преку вестите и преку посебните информативни емисии се обидоа да ја претстават и пошироката, пообјективна слика за постојниот општествено-политички амбиент во кој се одвиваше изборната кампања.
При медиумското покривање на изборната кампања медиумите, генерално, се придржуваа до професионалните правила за правичност, балансираност и непристрасност, со почитување на начелото за еднаквост кон преостанатите кандидати за градоначалници. Во однос на обезбедување баланс во дневноинформативните емисии, сите анализирани медиуми, генерално, известуваа неутрално за учесниците во изборната кампања. Јавниот радиодифузен сервис и националните телевизии што емитуваа платено политичко рекламирање ја исполнија законската обврска да информираат на начин приспособен за лицата со сетилна попреченост преку едно издание на вестите секој ден и едно издание на актуелно информативна емисија неделно.
Извештајот за платеното политичко рекламирање на радиодифузерите за време на вториот круг од изборната кампања за локалните избори беше изработен во согласност со обврската на Агенцијата од Изборниот законик и тој е доставен до Државната изборна комисија.
Вкупно 41 радиодифузер – 22 телевизии и 19 радија, склучија договори со учесниците во изборната кампања. На сите 22 телевизии заедно беа емитувани вкупно 52 часа 56 минути и 15 секунди ППР, а на 19-те радија заедно беа емитувани вкупно 47 часа 34 минути и 31 секунда платено политичко рекламирање. Во вториот круг од изборната кампања на телевизиите и радијата беа емитувани вкупно 100 часа 30 минути и 46 секунди ППР.
Од 9-те национални телевизии што склучија договори за емитување ППР во вториот круг од кампањата, најголем обем рекламно време емитуваа „Канал 5“ (4 часа 53 минути и 36 секунди), „Алсат-М“ (4 часа 43 минути и 19 секунди) и „Алфа“ (4 часа 42 минути и 17 секунди). Од вкупно четири национални радија, три склучија договори за емитување ППР, а најмногу рекламно време емитуваа „Антена 5“ (5 часа 29 минути и 47 секунди) и „Канал 77“ (2 часа 51 минута и 26 секунди). Радио Метрополис емитува 53 минути и 5 секунди, а „Јон радио“ не емитува ППР во вториот круг.
Извештајот од изборното медиумско претставување на радиодифузерите за вториот круг од изборната кампања за локалните избори 2025 е достапен на линкот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Андоновски учесник на најголемиот светски конгрес за мобилни оператори – MWC26 во Барселона: во фокусот проектот „Роаминг како дома“
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска е во работна посета на Барселона, Шпанија каде учествува на MWC26 (Mobile World Congress) – најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди и дигитални решенија во светот.
Во рамки на својата посета, министерот се задржа на лобирање за принципот „роаминг како дома“, со цел понатамошно унапредување на условите за граѓаните и бизнисите преку намалување на трошоците за роаминг и приближување кон европските стандарди.
Министерот Андоновски беше дел од GSMA Ministerial Programme, каде се дискутираше за клучни политики и приоритети поврзани со поврзливоста, дигиталната инфраструктура, безбедноста и идните мрежни технологии.
„Ова е најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди во светот. Заедно со претставници на Влади и претставници на приватниот сектор, разговараме за прашањата кои најмногу ги засегаат нашите граѓани и корисниците, а тоа за нас секако е проектот „Роаминг како дома“ – што значи цени како дома за користење на мобилни услуги, СМС пораки и интернет било каде во Европската Унија. Можам да кажам дека од владите и од нашите меѓународни партнери добиваме голема поддршка за овој проект, но и разбирање од големите телеком оператори“, истакна Андоновски.
Министерот додаде: „Во текот на денот имав можност да се сретнам со мобилни оператори кои се присутни во Македонија, но и со бројни светски производители на опрема, даватели на облак (cloud) услуги, каде што разговаравме за најважните прашања кои во моментов го засегаат секторот на дигитализација: изградба на дата центри, вештачка интелигенција, сајбер безбедност и целосна дигитална трансформација на општеството.“
Македонија
Сиљановска-Давкова со претставници на Фондацијата Роми за Европа и Ромскиот образовен фонд: образованието е клучен фактор на социјалната мобилност
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Лолита Хасани Грасман, советник за институционална соработка и комуникација во Фондацијата Роми за Европа со седиште во Брисел и Реџепали Чупи, директор на Ромскиот образовен фонд за нашата држава и Србија, со седиште во Букурешт.
На средбата, соговорниците ја информираа претседателката за тековните активности насочени кон развој на вештини, образовни програми, зголемување на можностите за вработување и одржливо економско учество на Ромите.
Гостите изразија желба и надеж за соработка со Владата заради унапредување на економската инклузија на ромската заедница како и нејзино економско зајакнување. Исто така, беше најавено дека Ромскиот образовен фонд планира да отвори ХАБ центар во Шуто Оризари којшто ќе работи со деца, родители и наставници на дигитализација, нови методологии на учење и развој на вештини за идно вработување и лидерство.
Претседателката нагласи дека образованието е клучен фактор на социјалната мобилност, оти помага во градењето самодоверба и лидерство. Според неа, младите образовани Роми стануваат инспиративни модели во заедницата и носители и двигатели на позитивни промени. За неа, инклузијата во предучилишното и основно образование директно влијае врз понатамошниот успех на ромските ученици, бидејќи без квалитетно образование, можностите за пристојно и достоинствено вработување се ограничени.
Таа смета дека пристапот до образованието на децата Роми е приоритет, оти само преку рана и континуирана образовна вклученост, можеме да обезбедиме социјална интеграција, заштита од ризици и еднакви можности за иднината. Според претседателката, економската и образовната интеграција на Ромите е важна за општествениот развој, оценувајќи дека партнерството со меѓународните организации може да придонесе за зајакнување на нивните можности и шанси за долгорочна интеграција. Заедничките иницијативи се клучни за унапредување на положбата на ромската заедница и напредок, смета таа.

