Македонија
Температурата денес до 40 степени, попладне пороен дожд и грмежи во северните и источните делови
Сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од западен правец. Попладне особено во северните и источните делови од земјата ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Максималната температура ќе биде во интервал од 33 до 40 степени. Индексот на ултравиолетовото зрачење ќе биде девет.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Попладне ќе има услови за изолирана појава на краткотрајна нестабилност, проследена со пороен дожд и грмежи. Максималната температура ќе достигне 39 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Божиновска – Колумбија: Продлабочување на соработката за зелена транзиција и јакнење на жените и младите
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со Рита Колумбија, постојан координатор на Обединетите нации во Северна Македонија.
На средбата беше разговарано за унапредување на соработката во рамки на Рамката за соработка меѓу Северна Македонија и Обединетите нации за одржлив развој 2026–2030, со посебен фокус на приоритетите поврзани со енергетската транзиција, климатската акција, заштитата на животната средина и одржливото управување со природните ресурси.
Посебно внимание беше посветено на Стратешкиот приоритет „Отпорно и зелено општество и екосистеми“, кој предвидува јакнење на институционалните капацитети, унапредување на климатската отпорност, намалување на ризиците од катастрофи и промоција на чиста и одржлива енергија.
Министерката Божиновска истакна дека Министерството останува силно посветено на исполнување на националните и меѓународните обврски во рамкии на енергетската транзиција и праведниот развој, нагласувајќи ја важноста од партнерството со меѓународните организации како клучен поддржувач на реформските процеси.
Во рамки на средбата беше нагласена и досегашната активна соработка меѓу двете институции и заедничките активности на министерката Божиновска и постојаната координаторка на Обединетите нации, Колумбија, во насока на јакнење на улогата на жените и младите во креирањето политики и лидерството во енергетскиот сектор.
Двете соговорнички се согласија дека инспирирањето и охрабрувањето на младите и жените да бидат двигатели на промените претставува основа за одржлив развој.Дополнително, беше разговарано за можностите за реализација на нови заеднички проекти и иницијативи и во иднина.
Македонија
Објавен јавен повик за субвенции за чистење на оџаци во Општина Гази Баба
Објавен е јавниот повик за субвенционирање на граѓаните за чистење на оџаците во своите домаќинства, објави градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„Загадениот воздух е еден од најголемите предизвици со кои се соочуваме. Со редовно чистење на оџаците се овозможува подобро согорување на огревното дрво, намалување на штетните честички ПМ10 и ПМ2.5, поголема заштита од пожари и зачувување на животната средина“, вели Стефковски.
Висината на субвенцијата е 1.200 денари по домаќинство.
Право на учество имаат жители на општина Гази Баба; Домаќинства со исчистен оџак во периодот од објавата на повикот до 30.11.2026; Со фискална сметка и потврда од овластена фирма.
За аплицирање потребно е да се достави барање со потребната документација во архивата на Општина Гази Баба, ул. „Архимедова“ бр.2, секој работен ден од 07:30 до 16:30 часот.
Повеќе информации и формулари на линкот од јавниот повик.
Македонија
Средба Милошоски – Клајн: Поддршка од Унгарија кон нашите ЕУ интеграции
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, оствари работна средба со амбасадорот на Унгарија, Андраш Клајн, придружуван од заменик-шефот на Мисијата, Атила Фодор.
Во разговорот беа потенцирани одличните билатерални односи на нашата земја со Унгарија, засновани на меѓусебна доверба, почит и соработка. Посебен акцент беше ставен на економската и политичката соработка помеѓу државите, како и реализацијата на заеднички проекти.
Амбасадорот Клајн ја истакна поддршката на Унгарија кон нашите ЕУ интеграции, истакнувајќи ја важноста на членството во ЕУ на земјите од Западен Балкан кон стабилноста, безбедноста и економскиот просперитет на Регионот.

