Македонија
Писмо со закани по живот од терористичка организација добил јавниот обвинител Јовески
Државниот јавен обвинител извести дека во текот на вчерашниот ден, преку препорачана пратка експедирана од Пошта Битола на 17.1.2022 година во 10:26 часот, добил закана по неговиот живот.
„Препорачаната пратка со заканата е напишана на македонски и на англиски јазик. Заканата се однесува на конкретен кривичен предмет по кој постапката е завршена во декември 2021 година, со тоа што во предметот е донесена резолуција со која постапката е запрена бидејќи е утврдено дека нема место за јавнообвинителско постапување“, стои во писменото известување.
Заканата, како што се наведува во писмата, е од терористичка организација која се бори и убива за неправда и нејзините членови се подготвени да гинат за целите на организацијата, информираа од Jавното oбвинителство.

„Јавниот обвинител на Северна Македонија истакнува дека се залудни ваквите закани и во оваа пригода нагласува дека заканите, па дури и да се по живот, нема да го поколебаат во примената на законите и во професионалното и одговорно постапување на Јавното обвинителство“, е наведено во писмениот допис.
Пратката, велат од оваа институција, ќе биде доставена до Министерството за внатрешни работи заради испитување на содржината на наводите и лицето кое ја експедирало пратката.
Јавниот обвинител ја става на увид на јавноста содржината на писмената пратка која ја доби на 26.1.2022, посочуваат од институцијата.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Системските недостатоци во имплементацијата на Истанбулската конвенција, бараат системски пристап во нивото отстранување
Покрај формалната, нужна е реална заштита на жените од насилство, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на јавната расправа за имплементацијата на Истанбулската конвенција, што ја одржа собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите.
Според неа, Извештајот на Државниот завод за ревизија дава прецизна дијагноза на реалните состојби и открива системски недостатоци во имплементацијата на Истанбулската конвенција.
Нејзини клучни препораки се: итно донесување на Националната стратегија 2026 – 2033; проширување на мрежата на засолништа; обезбедување долгорочна финансиска поддршка на жртвите; воведување стандарди во давањето на услугите од страна на социјалните центри; вработување на соодветен, стручен кадар и негова континуирана обука како и побрзо лиценцирање на СОС линиите. Според неа, програми за психосоцијален третман, треба да се спроведуваат не само со жртвите, туку и со сторителите.

Таа смета дека програмите за психосоцијален третман се потребни не само за жртвите, туку и за сторителите.
Претседателката укажа на потребата од јасни критериуми при распределбата на финансиите, врз основа на претходна анализа на трошоците.
Мора да се заостри казнената политика во однос на семејното насилство и фемицидот, истакна таа.
Сиљановска-Давкова предупреди дека жените остануваат незаштитени во критички момент како резултат на дисфункционалноста и некоординираноста на институциите. Заради тоа, фемицид расте, институционалната недоверба се продлабочува и се нарушува нашиот кредибилитет во исполнувањето на меѓународните обврски.

Укажувајќи на поразителната статистика на МВР за бројот на жртвите, учесниците во јавната расправа се заложија за системски промени насочени кон превенција на семејното насилство, како и соодветен одговор на кривичните дела врзани за насилството.
На седницата се обратија претседателката на Комисијата, Жаклина Пешевска, потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и помошничката на главниот државен ревизор, Катерина Чалоска Алексовска.
Во дискусијата учествуваа претставници од државните институции на национално и локално ниво, на граѓанскиот сектор и меѓународните организации.
Македонија
Освен во „Димо Хаџи Димов“, во друго училиште во Карпош не се најдени патогени бактерии
На 27.11.2025 АХВ заедно си службени лица од ИЈЗ направи вонредна контрола во 9 основни училишта во рамките на општина Карпош.
Од секое училиште беа земени мостри од храна како и брисеви од работни површини од кујните во училиштата.
По направените анализи во испитуваните примероци не се докажани патогени бактерии.
Освен во едно од училиштата каде на 2 површини е докажано присуство на ентеробактерии, што е индикатор на недоволна хигиена.
ИЈЗ ќе предложи иницијатива што ќе значи дополнителни промени во Националната годишна програма за јавно здравје, одредени правилници, законски и подзаконски акти, кои се во насока на подобра хигиена во училиштата, градинките, како и побезбедна храна, вода во истите што ќе значи унапредување на теми поврзани со јавното здравје.
Македонија
Муртезани во Брисел на средби во ГД РЕГИО и ГД ЕНЕСТ
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, во рамки на првиот ден од работната посета на Брисел, имаше одвоени средби со генералната директорка на Генералниот директорат за регионална и урбана политика на Европската комисија (ГД РЕГИО), Темис Кристофиду и со директорката во Генералниот директорат за проширување и источно соседство (ГД ЕНЕСТ) при Европската комисија, Валентина Суперти. Разговорите беа фокусирани на унапредување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија, спроведувањето на реформите и продлабочувањето на соработката со институциите на Европската Унија.

Во разговорот со генералната директорка Кристофиду, министерот Муртезани изрази благодарност за континуираната поддршка што Европската комисија ја обезбедува преку Генералниот директорат за регионална и урбана политика, особено во делот на територијалната и прекуграничната соработка. Тој се осврна на тековното претседавање на Северна Македонија со Стратегијата на Европската Унија за Јадранско-јонскиот регион (EUSAIR), нагласувајќи дека земјата, и покрај почетните предизвици, успешно ги реализира планираните активности во рамки на програмата на претседавањето. Министерот подвлече дека Владата останува целосно посветена на зајакнување на регионалната поврзаност, промовирање на одржлив развој и зголемување на видливоста на земјата во рамки на макрорегионалните иницијативи на Унијата. Двете страни се согласија за продолжување на тесната соработка во насока на финализација на претседателството и подготовка на годишниот форум на EUSAIR.

На средбата со директорката Суперти детално се разговараше за напредокот во спроведувањето на реформските активности во контекст на европската агенда, како и за приоритетите на Владата во периодот што следи. Министерот Муртезани ја нагласи подготвеноста на Северна Македонија за финализирање на патоказите за јавната администрација, владеењето на правото и странските инвестиции, како и активностите поврзани со Реформската агенда и Планот за раст. Во фокусот на разговорот беа и очекувањата за отворање на Кластер 1, како и прашања поврзани со Спогодбата за стабилизација и асоцијација и за мерките кои влијаат врз челичната индустрија во земјата. Министерот го потенцираше значењето на економската интеграција и рамноправниот пристап до европскиот пазар како клучни елементи за стабилност и развој, а беше изразена и подготвеност од страна на Европската комисија за понатамошна техничка поддршка и координација во спроведувањето на реформите.

