Македонија
Техничка грешка е дека збирот на аглите во триаголникот е 190 степени, Шаќири ќе бара авторите и рецензентите на учебниците да бидат повнимателни

Техничка е грешката во учебникот по математика за шесто одделение, кој покажува дека збирот на аглите во триаголникот, место 180, изнесува 190 степени. Вака денес објасни министерот за образование, Јетон Шаќири, и рече дека побарал објаснување од авторите и рецензентите на учебникот за тоа како се случила техничката грешка.
„Што се однесува за таа забелешка за предметот математика за шесто одделение, почитуваните автори имаат техничка грешка, без разлика што, ако се гледа целосно, задачата има и неколку решенија странично од неа. Јас официјално побарав забелешки зашто се работи за универзитетски професори, оние што се вклучени. Кога тие ќе достават објаснување зошто е направена оваа техничка грешка или решение на тие проблематики, веднаш ќе доставиме и до јавноста и исто така до наставниците или просветните работници“, рече министерот Шаќири одговарајќи на новинарски прашања денес на официјалното затворање на проектот „Понатамошна поддршка за имплементирање на Националната рамка на квалификациите“, финансиран од Европската Унија.
Министерот Шаќири се обиде да ги оправда авторите и рецензентите на учебникот. Рече дека технички грешки имало и порано во учебниците кога тој бил ученик.
„Има една изрека која вели дека и на најдобриот професор математичар студент му има најдено грешка во учебникот по математика. Вака, како што забележуваме технички, имавме и претходно содржински грешки. Мојот повик до сите тие рецензенти, до сите овие универзитетски професори, а вие може да ги проверите кои се тие, ќе биде да побарам да бидат што повеќе внимателни“, рече министерот Шаќири.
На учебникот се потпишани тројца автори и тројца рецензенти. Автори се Крутан Расими, Валентина Гоговска и Снежана Ристовска, а рецензенти се Слаѓана Брсакоска, Елена Апостолоска и Николина Ѓорчевска. Шестемината не забележале дека во графичкиот приказ на триаголникот, на 162. страница, во задачите за вежбање, ако се соберат прикажаните агли, се добива 190 место 180 степени, колку што изнесува збирот на внатрешните агли во триаголникот.
За грешката на социјалните мрежи алармира професорката во скопското средно училиште „Раде Јовчевски-Корчагин“, Фросина Митрушева. Таа објави дека без разлика кој бил на власт, збирот на аглите во триаголникот секогаш досега бил 180 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Постапка против осум лица за масовна тепачка во Скопје: фрактура на черепот со крварење на мозокот, скршена долна вилица

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против осум лица заради учество во масовна тепачка на улицата „Славеј Планина”, од кои едно се товари за обид да изврши кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19, едно за нанесување тешка телесна повреда што е казниво според член 131 став 1, додека шест се осомничени за кривично дело – Учество во тепачка од член 132 став 1 од Кривичниот законик.
До тепачката дошло поради нерасчистени семејни односи меѓу две групи. За обид за убиство е осомничено лице кое во тепачката користело дрвена даска со која тешко повредил едно лице од спротивставениот табор, нанесувајќи му фрактура на черепот со крварење на мозокот. Друг осомничен нанел тешка телесна повреда – скршена долна вилица, удирајќи со тупаници еден од останатите учесници во инцидентот. Сите останати се осомничени за учество во тепачката, која се случила на 16 август.
За осомничениот за обид за убиство, ценејќи ги сите околности под кои тој ги извршил дејствијата и фактот дека станува збор за млада личност која тукушто наполнила 18 години, но кај која сепак постои ризик од бегство, влијание врз сведоци или повторување на делото, јавниот обвинител предложи мерка куќен притвор. За останатите учесници во кривично-правниот настан предложени се мерки на претпазливост.
Македонија
Променливо облачно, посвежо и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно, посвежо и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни со пообилен пороен дожд за кратко време (над 15 l/m²) и услови за краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 18, а максималната ќе достигне од 24 до 32 степена.
Во Скопје, променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 30 степени.
Времето во наредните денови
До петок ќе преовладува претежно стабилно време со постепен пораст на дневната температура.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 10.00 до 14.30 часот, корисниците на улица Нерешка со број 10,12,14 и 16. (Општина Карпош)