Македонија
Тешки метали пронајдени во зеолит и замрзнати јагоди увезени од Србија
Агенцијата за храна и ветeринарство врши редовни инспекциски контроли на домашниот пазар, во сите фази на производството, преработката, дистрибуцијата и продажбата на храна со цел детекција и утврдување на присуство на тешки метали. Покрај редовните се вршат и вонредни контроли, често постапувајќи и по претставки на граѓаните. Редовно се контролира и храната што се увезува во земјава.
Со редовните инспекциски контроли во 2018 година со извршените лабораториски тестирања, добиена е 1 позитивна мостра кај која е утврдено зголемено присуство на тешки метали (олово). Станува збор за увезен производ зеолит како додаток за исхрана. Од храната што се увезува во Република Македонија во 2018 година со извршените лабораториски тестирања утврдено е присуство на тешки метали (олово) во една мостра замрзнати јагоди по потекло од соседна Србија. Небезбедните јагоди се нештетно уништени во депонијата „Дрисла“, информира АХВ.
И во 2018 година успешно е реализирана Програмата за мониторирање на безбедноста на храната, која лани беше составена од 9 потпрограми. Во нејзини рамки беа земени и лабораториски испитани 954 мостри од храна и материјали кои доаѓаат во контакт со храната. За утврдување присуство на тешки метали, минатата година лабораториски биле тестирани 66 мостри, од кои четири биле позитивни. Од нив, од мострите земени во велешкиот регион, позитивни на кадмиум биле една мостра од марула, две мостри од спанаќ, од кои едната била позитивна и на кадмиум и на олово. Присуство на олово детектирана е и во една лабораториски тестирана мостра која била земена од Струмичкиот Регион.
Согласно со Програмата за мониторинг на безбедност на храната во Република Македонија, со потпрограмата за мониторинг за определување присуство на тешки метали и нитрати во одредени прехранбени производи, лабораториски испитани се и 19 мостри од храна, за испитување на присуство на точно определени тешки метали во определени региони каде што има загадување, или каде што почвата е природно содржи тешки метали. Во ниту една од лабораториски испитаните мостри не е добиена ниту една позитивна мостра.
Со редовните инспекциски контроли во 2017 година со извршените лабораториски тестирања, добиени се 7 позитивни мостри кај кои е утврдено зголемено присуство на тешки метали (олово). Станува збор за производи зеолит (една мостра од увоз и 6 од домашно производство) како додаток за исхрана. Од храната што се увезува во Република Македонија во 2017 година со извршените лабораториски тестирања не е утврдено присуство на тешки метали.
Покрај редовните инспекциски контроли, согласно со препораките на Европската Унија за мониторирање на штетните агенси во храната, а со цел производство, промет и пуштање на безбедна храна на пазарот и заштита на потрошувачите, Агенцијата за храна и ветеринарство од 2012 година ја спроведува Програмата за мониторинг на безбедноста на храната која е усогласена со европските програми за мониторинг и препораките на Светската здравствена организација. Во реализација на мониторинг-програмата вклучени се инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство. Мострите се земаат во определен временски период, од определен вид и количина на храна.
Програмата за мониторинг на безбедност на храната за 2017 годинa e успешно реализирана со земање на 857 мостри храна кои се лабораториски испитани. Добиени се 34 резултати со небезбедни лабораториски наоди, од кои 3 небезбедни наоди за резидуи од пестициди во храната (зеленчук и овошје), 24 небезбедни наоди на нитрати, 1 небезбеден наод за тешки метали и 6 небезбедни наоди на материјали коишто доаѓаат во контакт со храна.
Во 2017 година 66 мостри се лабораториски испитани за утврдување на присуство на тешки метали и тоа во трпезно и винско грозје, компир, спанаќ и во марула, од Велешкиот, Неготинскиот и Кавадаречкиот Регион. Компир е земен од Берово, Кратово и Крива Паланка. Од испитаните, добиена е само позитивна мостра – спанаќ земен од Велешкиот Регион кај која е утврдена дека е позитивна на кадмиум. Истата година Агенцијата ја реализира и потпрограмата за мониторирање, со определување присуство на точно определени тешки метали во определени региони чија почва поради природна застапеност или поради загадување е оптоварена со тешки метали. Испитувањето е спроведено на одредени видови храна.
Овој мониторинг е планиран согласно со истражувањата за присуство на тешки метали во почвата, врз основа на користена литература за направеното истражување на загаденоста на почвите со тешки метали во Република Македонија од Природно математички факултет – Катедра за хемија. Овие тешки метали не се предвидени со Правилникот за контаминенти во храната, но определување на нивното присуство на точно определени производи во овие региони се од национален интерес за заштита на здравјето на населението во Република Македонија.
Земени и лабораториски се испитани 24 мостри во рамки на оваа потпрограма при што не е добиена ниту една позитивна мостра.
Испитувани се кромид од Велес и неговата околина, грозје од Кавадарци и неговата околина, трпезно грозје од Велешко, пиперки од Тетовскиот Регион и винско грозје од Радовишко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ бега од темата Груби и од борбата против корупцијата, рече Петрушевски
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција оцени дека Социјалдемократскиот сојуз, како што рече, бега од темата Груби, и наместо да го поздрави справувањето со криминалот, нуди приказни за театар и циркус.
„Времето покажува дека на СДС – безрбетна најдобро ѝ оди кога нешто треба да се продава, распродава и да се мести. И тоа е така без разлика дали тоа е местење на тендери или продавање на државата“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека партијата наместо да поздрави, како што наведе, „чин на справување со незаконити дејствија, криминал, фаќање на лица кои бегаат или бегале од правдата“, се занимава со други теми.
„Очигледно е зошто го прават тоа, веројатно затоа што во конкретниот случај со Артан Груби не можат ни да се сетат во што се биле заедно вмешани, во какви зделки, коруптивни активности или криминал. Поточно во што се шурувале“, изјави Петрушевски.
Тој додаде дека актуелното раководство на СДСМ, меѓу кои ги спомена Венко Филипче, Оливер Спасовски, Јованка Тренчевска и Јон Фрчкоски, „кажуваат секојдневно некакви приказни“, но дека суштината, според него, е борбата против корупцијата.
„Професионална, координирана активност на надлежните служби за да се фати бегалец од правдата покажува на дело дека сега борбата со корупцијата и криминалот е решителна“, изјави Петрушевски.
Тој нагласи дека за ВМРО-ДПМНЕ клучна е борбата со корупцијата и криминалот и, како што рече, „поставувањето на здрави темели на начелото на владеење на правото“.
Македонија
Кардиологија и Кардиохирургија стануваат еден центар: заштедите од спојувањето ќе одат во опрема и едукација, најави Алиу
Владата на последната седница, која се одржа минатиот вторник(24.02.2026), на предлог на Министерството за здравство, донесе одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, со цел обезбедување повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално искористување на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.
„Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
На овој начин ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, што значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.
Воедно, спојувањето на клиниките ќе придонесува кон развој во сегментот на едукација и истражување, со креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми.
Македонија
Исчистен просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, подигнати 3.500 м³ отпад за 100 дена
Општина Карпош спроведе сериозни активности за уредување на јавните површини. Дивите депонии на повеќе локации се расчистени, а просторот околу Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е целосно исчистен. На потегот кај „Скупи 5“ и кон Бардовци се подигнати над 3.500 кубни метри отпад, информираат од општината.
Покрај тоа, од општината велат дека се реализирани повеќе од 50 интервенции на јавното осветлување, спроведена е редовна дератизација и одржување на противпожарната инфраструктура во училиштата и градинките. Исто така, објавен е повик за стерилизација на улични мачки, а во училиштата започнаа активности за производство на компост и намалување на аерозагадувањето.

