Македонија
(Видео) Тимоние: Земјите што дадоа нереално ветување треба да ја сносат одговорноста
Од објективна проценка на агенда се премина на награда за постигнат договор, па така од фундаменталните апсекти се соочивме со прашања од геополитичка гледна точка. Вака францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние, ја коментира блокадата за почетокот на преговорите со Европската Унија.
„Тоа не беше француската гледна точка. Преспанскиот договор можеби е предуслов, но европската агенда е друго прашање. Тоа беше секогаш јасно кај француската страна и тоа беше пренесено кај грчките и македонските соговорници. Не значи дека тоа не е важно, но имаше чудно преместување на критериумите што повеќе беше маркетинг. Можам да ги разберам емоциите, можам да го почувствувам разочарувањето, но ова се политички разговори за иднината на ЕУ“, изјави Тимоние.
Тој рече дека откако ги надминавме емоциите треба да размислуваме како во шаховска игра за она што ќе следи потоа.
„Треба да размислуваме за иднината, по една епизода која најверојатно донесе големо разочарување, но време е да се постават вистински прашања за иднината на земјава и како повторно да се најдеме на патот на ЕУ на конструктивен начин“, изјави Тимоние.
Дали сте свесни што предизвика Франција во земјава, го прашаа новинарите францускиот амбасадор, кој одговори дека тоа е широка тема затоа што ги следеле сите реакции, а првата била разочарувањето.
„Отсекогаш сме биле мошне претпазливи и реални. Одредени земји дадоа ветувања и потоа ја префлија одговорноста на другите, сега и тие треба да ја сносат одговорноста. Во јуни минатата година Бундестагот не беше подготвен, а требаше да се разговара за реалната состојба на рефомите. Потоа мистериозно во текот на целото лето се подигнаа очекувањата дека одлуката ќе биде компензација за преспанскиот договор, а потоа се сменија перспективите“, рече Тимоние.
Амбасадорот ги спомена и разговорите за брегзитот и финансиските прашања за кои преговара Унијата, коментирајќи дека сето тоа има влијание во однос на прашањето за проширувањето.
Има разделеност помеѓу очекувањата и она што се наоѓа на маса во Брисел, вели Тимоние. Треба да извлечеме поука од ова и француските власти, но и сите други кои можеби поради невнимание дале надежи како да се веќе остварени.
„Ова е само една од етапите, која беше разочарувачка“, рече Тимоние.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски со Караџов и Маринеску во Брисел: Македонија се фокусира на изградба на големи инфраструктурни проекти
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во рамките на работната посета на Брисел оствари средба со вицепремиерот и министер за транспорт на Бугарија, Гроздан Караџов, Мариан-Жан Маринеску, европскиот Координатор за коридорот Западен Балкан – Источен Медитеран, како и Матеј Законшеќ, директор на Секретаријатот на Транспортната заедница.
На средбата се разговараше за регионалните инфраструктурни проекти кои го потикнуваат рагионалниот развој и економија.
Николоски информираше дека законот за ратификација на Договорот потпишан на 6 ноември 2025 година наскоро ќе биде ратификуван во Собранието.
Николоски ги запозна соговорниците и дека на техничко ниво директорите на двете железнички претпријатија заеднички почнуваат со подготовка за апликација за финансирање на проектот за тунелот.
Тој потенцира дека се очекува во месец декември или јануари да биде објавен тендерот за третата фаза од проектот за железничко поврзување со Бугарија.
Работната агенда на вицепремиерот Николоски продолжува и утре каде ќе учествува на Самитот на министри за транспорт на земјите од Западен Балкан и министри од Европската Унија.
Македонија
„16 дена активизам против насилство врз жените и девојките“: панелистите со заклучок дека е потребна координирана реакција од сите општествени чинители
Денес се одржа панел-дискусија „16 дена активизам против насилство врз жените и девојките“, во просториите на Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, во организација на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. На панелот учествуваа Марија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Луна Стефаноска, член на ГК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, како и Ѓоко Велковски, заменик министер во Министерството за социјална политика, демографија и млади. Панелистите се осврнаа на важноста за подигање на свеста на темава, одговорно информирање од страна медиумите, како и унапредување на системот за заштита. Сите панелисти се согласија дека темата мора да остане во фокусот за да се обезбеди поголема безбедност и поддршка за жените и девојките.
Митева се осврна на делот за улогата на медиумите, кои според неа, имаат огромно влијание. Како што вели таа, многу жени работат во медиумите, и ги пофали истите за внимателно изнесување на ваквите случаи, но сепак во вакво динамично време, каде секој еден е медиум, време полно со предизвици, невозможно е целосно да се спречат штетните вести. Затоа, според неа, од клучно значење е одговорно известување и свесност за последиците врз јавноста и самите жртви.
Велковски нагласи дека системот за заштита од насилство функционира и постојат шелтер центри, 24-часовни линии за пријава и брза реакција. Тој посочи дека иако постојните механизми работат, секогаш има простор за подобрување. Како што вели тој, Владата и Министерството за социјална политика, демографија и млади, активно размислуваат како системот да стане поефикасен и подобро организиран.
,,Навистина сериозно се разгледува и се размислува за целиот систем како да стане подобар. Истиот функционира, бидејќи постојат и шелтер центри постојат линии кои што се активни 24 часа, каде што може да се пријави токму ваков тип на насилство по однос на темата. Во рок од 12 часа се постапува, најдоцна во зависност од тоа каква е тежината на самиот пријавен проблем и достапноста. Така да системот моментално како што е поставен и законот како таков функционира. Дали треба да биде подобрен? Секако. секогаш треба да се стремиме и како министерство и како Влада, меѓутоа пред се како луѓе. Сето она кое што сме го наследиле и има недостатоци да ги коригираме истите за да направиме еден перфектен систем, никогаш можеби не постои меѓутоа да се стремиме кон перфекција“, истакна Велковски.
Стефаноска истакна дека и е драго што младите, или нејзини врсници, се заинтересирани за теми поврзани со насилството. Според неа, дигиталното насилство е многу реално, бидејќи младите голем дел од својот живот го споделуваат онлајн и овој вид насилство може сериозно да влијае на менталното здравје, но понекогаш и да ја загрози физичката безбедност.
Македонија
Магла на Ѓавато, Плетвар, Стража и Крушево
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Намалена видливост поради магла до 50 метри има на планинските превои Ѓавато, Плетвар, Стража и Крушево, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

