Македонија
Тинејџерите од Грција со бејзбол-палки влегле во хотелот на младите македонски ракометари
По тепачката со ракометарите од Школата на Андријана Будимир, грчките тинејџери вечерта со палки и други предмети повторно се обиделе да се пресметаат со македонските ракометари влегувајќи во хотелот во кој престојувале, но полицијата навреме интервенирала и спречила уште еден конфликт помеѓу двете групи, дознава „Макфакс“.
По тепачката, младите македонски ракометари не ги информирале Андријана Будимир и другите инструктори за настанот, тие дознале дури вечерта кога групата грчки тинејџери пристигнале во нивниот хотел за повторно да се пресметаат со македонските ракометари. Немилите настани поминале без кривични и прекшочни пријави. Целиот тим, поради тепачките, ракометниот камп го напуштил еден ден порано.
Од Министерството за надворешни работи велат дека сè уште немаат информации за настанот, што, всушност, се случил пред четири дена.
„Засега не знаеме што се случило, известувањето за каков било случај на македонски државјани во странство мора да оди по официјален пат, моментно ја проверуваме информацијата, ќе ве известиме кога ќе имаме детаљни информации“, вели портпаролот на МНР, Јане Лазевски.
Инаку, во точка 4, член 6 од потпишаниот договор со Грција за решавање на проблемот за името стои дека со цел зајакнување на пријателските билатерални односи секоја од страните веднаш ќе преземе ефикасни мерки за забрана на непријателски активности, дејства или пропаганда од страна на државни агенции или агенции што се директно или индиректно контролирани од државата и да ги спречи активностите што може да предизвикаат шовинизам, непријателство, иредентизам и ревизионизам против другата страна.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Владата го усвои предлогот за разрешување на јавниот обвинител Коцевски, соопшти Митева
На денешната редовна 134 владина седница беше усвоен предлогот за разрешување на Љупчо Коцевски од функцијата јавен обвинител со што ја продолжуваме постапката која согласно законските ограничувања беше привремено стопирана во изборниот период, соопшти владината портпаролка Марија Митева.
„Причините за оваа иницијатива се јавно познати повеќепати до сега ги имаме образложено како Влада, доследно, транспарентно и во интерес на заштита на институционалниот интегритет и одговорност. Нашата цел останува недвосмислена. Јакнење на правната држава и обезбедување на непречено функционирање на органите во служба на граѓаните.
Врз основа на членот 88 став 1 од Законот за јавното обвинителство, а по претходно добиено мислење од страна на Советот за јавни обвинители му предлага на Собранието од функцијата јавен обвинител на Република Македонија да го разреши Љупчо Коцевски, поради направени крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство што доведува до нарушување на ефикасноста и функционалноста на Јавното обвинителство.
Неовластено изнесување на информации, податоци за судски предмети со што ја повредил обврската за заштита на тајноста на постапката согласно закон.
Нарушување на угледот на Јавното обвинителство и неговиот личен углед.
Не постапувајќи согласно обврските што се предвидено со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласно со Уставот“.
Како последица на сторените повреди по изминатиот период, евидентна е, додава Митева, нарушената функционалност на Јавното обвинителство и сериозно е нарушен интегритетот на истата, согласно членот 27 став 1 од Законот за јавно обвинителство, токму јавниот обвинител е одговорен за општите состојби, за организирањето и извршување на функциите на Јавното обвинителство.
Постапувајќи на овој начин јавниот обвинител Љупчо Коцевски, како што истакна Митева, флагрантно ја повредил должноста да го чува угледот на функцијата што ја врши предвидена во член 82 став 1 од Законот за јавно обвинителство.
„Имајќи го предвид наведеното Владата му предлага на Собранието да го разреши од функција јавниот обвинител на Република Македонија, Љупчо Коцевски“.
Македонија
Утре сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност и температури до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 11 до 16 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и релативно топло време за овој период од годината. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.
Македонија
Спасовски пред анкетната комисија за „Пулс“: Игнорирањето е најлош можен пристап кон семејствата на загинатите
„Ова е навистина тешка дебата во којашто се мешаат разумот и емоциите, меѓутоа во моменти кога родителите собираат најголема сила за да учествуваат во дебатата, на нас не треба да ни биде тешко ништо. Треба да бидеме потрезени и поразумни во дебатата ако сакаме да допринесеме барем малку да се смени системот“, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната дебата пред анкетната комисија за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Спасовски нагласи дека трагедијата ги погоди не само семејствата на жртвите, туку и целата заедница: „Загуба има и градот Кочани, државата, изгубени се цели генерации, не само на починатите, туку и на оние кои преживеаја и кои останаа со сериозни повреди“, потенцираше Спасовски.
Тој нагласи дека анкетната комисија има задача да го испита функционирањето на системот и институциите, но дека кривичниот прогон останува во надлежност на Јавното обвинителство.
Спасовски повика на анализа на законските решенија и сите системски пропусти: „Од 16 март до денеска, најлесно ни е да кажеме ‚системот не функционира‘, но не одговараме на прашањето што направивме за да почнеме да го менуваме системот кој не ни функционира“.
Тој потенцираше дека е неопходно да се ревидираат закони и правила кои оставиле простор за манипулација: „Сè што не го дефинираме во законска рамка остава простор за манипулација и различни толкувања, што нè доведува во сериозен системски проблем. Временската рамка сè уште овозможува конкретни акции. Сè уште има време декларативното да го претвориме во дела“, додаде тој.
Спасовски истакна дека барањата на родителите и семејствата мора да бидат разгледани и аргументирано образложени: „Игнорирањето е најлош можен пристап, особено кон семејствата на загинатите. Системот ќе го градиме со заедништво и солидарност. Комисијата и секоја друга расправа не смеат да бидат политизирани. Ова е настан во кој нема и не треба да има политика“.
Тој потврди дека поддршката на пратеничката група на СДСМ и коалицијата ќе биде целосна во процесот:
„Поддршката на пратеничката група на СДСМ и коалицијата ќе ја имате во целиот процес, заедно со законодавниот дом и парламентарното мнозинство, доколку навистина сакаме да направиме промени. Повикувам по завршување на дебатата да седнеме заедно со родителите и заеднички да ги напишеме заклучоците и едногласно да ги усвоиме, за да знаеме како да постапуваме во идниот период“, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ.

