Македонија
Тинејџери добија глобално признание за иновативно решеније за спречување насилство
Денеска, во Њујорк, УНИЦЕФ и партнерите ги објавија петте победници во светот на предизвикот Generation Unlimited. Тимот „Андромета“, составен од тинејџери од Северна Македонија, со мобилната апликација Speak Out – која има за цел да создаде заедница за поддршка на жртви од врсничко насилство – е меѓу оние кои ќе добијат стручно менторство од партнерите на Generation Unlimited и по 20.000 $ почетни средства за проширување на својата иницијатива.
Младинскиот предизвик е дел од глобалната иницијатива Generation Unlimited која ја промовираа светските лидери вклучувајќи го генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутерес, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини, и извршниот директор на УНИЦЕФ, Хенриета Фор, и има за цел сите млади на возраст од 10 до 24 години да добијат образование, обука и работа до 2030 година.
„Земјата треба да се гордее со овие млади и бистри умови. Тие докажуваат дека кога ќе им се даде можност, младите овде имаат идеи и енергија да создадат подобар свет за себе“, рече г. Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ. „Преку соработка, тие не само што се фаќаат во костец со некои од најголемите предизвици со кои се соочува нивната генерација, туку и учат нови преносливи вештини, како што се вештините за решавање проблеми, иновација, претприемништво, кои ќе им помогнат да одржат чекор со променливите барања на пазарот на трудот на утрешницата и ќе придонесат за просперитет на државата“.
Во младинскиот предизвик Generation Unlimited се вклучија повеќе од 800 иноватори од 16 земји за да побараат одговор на неодложното прашање: како да се постигне секој млад човек да добие образование, вештини и оспособеност за изградба на подобра иднина?
„SpeakOut е мобилна апликација која ги мотивира младите анонимно да побараат помош и да дадат поддршка на своите врсници. Ним им се нудат две опции за добивање помош. Јавно да објават и да добијат помош од другите членови во заедницата или да разговараат со волонтер, приватно, еден-на-еден“ , вели Александра Поповска, 18 години, лидерка на тимот. „Имам чувство дека возрасните не веруваат секогаш во нашите способности, но искуството не доаѓа само со годините, туку со правење работи што се важни. Младите можат да направат промена“.
Земајќи предвид дека иако талентот е универзален, можностите не се, младинскиот предизвик Generation Unlimited беше осмислен за поддршка на младите кои имаат одлични идеи, но немаат ресурси да ги претворат идеите во стварност.
„И самиот сум доживеал насилство, па ова искуство на некој начин ми помогна во процесот на изработка на апликацијата“, вели Матеј Плавевски, 16 години, член на тимот. „Можноста за континуирано учење во процесот на развивање е најдобриот дел од предизвикот Generation Unlimited. За мене беше интересно и да се научи дека понекогаш, за да функционираме, не мора да се согласиме околу сè, дури и по подолга дискусија. Може само да се согласиме дека не се согласуваме и да се почитуваме“.
„Младите се способни да внесат огромна промена ако имаат волја и мотивација да ги прифатат можностите околу себе, и ако научат да се здружат и да соработуваат. Еден поединец не може да направи промена во општеството, но кога повеќе луѓе работат заедно, може да се постигне речиси сè,“ вели Дарио Стојанов, 16 години, член на тимот.
„Многу другари на училиште ме прашуваат како дознавме за предизвикот и дали може да се приклучат – мислам дека почнуваат да ме гледаат поинаку, но во позитивна смисла. Она што им го велам е дека треба само да се почне, а потоа сè ќе си дојде на свое место“, вели Амра Личина, 17 години, член на тимот.
„Гледам многу промени и кај нас самите, сега имаме многу повеќе самодоверба, почнавме да веруваме во себе“, вели Данче Петрушевска, 18 години, член на тимот.
Со оглед на тоа што денес во светот има 1,8 милијарди млади луѓе, Generation Unlimited претставува динамично глобално партнерство кое се базира на експертизата на младите луѓе, претставниците од влади, мултилатералните организации, приватниот сектор и граѓанското општество за да инспирира итни инвестиции во образованието, обука за вештини и зајакнување на брзорастечката глобална популација на адолесценти и млади луѓе на возраст од 10 до 24 години
Generation Unlimited обединува повеќе партнери за да работат заедно и да дадат поддршка на решенијата кои се докажани и имаат потенцијал да дадат пошироки резултати, како и за да се изработи платформа за споделување знаење и учење, а и на младите да им се овозможи простор за вклучување и заедничко творење. Оваа недела Светска банка објави дека обезбедува инвестиција од една милијарда долари за младите луѓе во светот и дека во партнерство со УНИЦЕФ ќе ги усогласи средствата со Generation Unlimited.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Велеа решен проблем со транспортерите, а не е, ќе понесе ли Николоски одговорност
Вицепремиерот Николовски велеше не се секирајте проблемот на транспортерите е решен, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем, но еве не е решен, укажа претседателот на СДСМ, Венко Филипче на средбата со Општинската организација на СДСМ во Гевгелија. Филипче посочи дека дел од компаниите веќе се селат во Бугарија и во Хрватска.
„Гледате како излажа вицепремиерот Николовски за транспортерите. Што велеше, не се секирајте, завршен е проблемот, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем. Еве, не е така. Ќе понесе ли одговорност затоа што не ја зборел вистината? Зборувавме со неколку компании. Веќе се селат во Бугарија и во Хрватска. Таму ќе ги регистрираат транспортните компании“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче нагласи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно ја доведе државата до состојба на изолација и без јасен план за напредок, што носи сериозни последици врз економијата, компаниите, граѓаните.
„Целосно не изолираа, целосно не изолираа. Ќе го враќаа името, ќе обезбедеа подобра преговарачка позиција. Ништо од тоа. Ништо. Ние сме изолирани, слепо црево на Балканот. Нема план како напред, кажува премиерот, што не кажуваше пред изборите 2024 дека ќе го запре целосно европскиот пат и нема да има уставни измени. Тој велеше и ветуваше, ќе има подобра преговарачка позиција за земјата. Затоа му дадоа поддршка луѓето, не за да го запре европскиот пат на земјата којшто трае од 1991 прва година“, рече Филипче.
Тој додаде дека премиерот Мицкоски нема право да ја држи изолирана државата и да ја загрозува иднината на граѓаните.
„Тој нема право да го прави тоа, тој нема никакво право, ни морално, ни политичко, да ја запре земјата, да ја изолира, да не стави целосно на страна, под силно влијание на српско-унгарски интереси, на медиумска мрежа којашто не ја кажавме ние, ја анализираа независни истражувачки новинари.Кажаа дека таква мрежа, која што шири антиевропски наратив, проруски наратив е контролирана од Орбан. 40% од медиумите кај нас се под контрола на Орбановата мрежа на медиуми“, рече Филипче.
Македонија
Воена вежба на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро, надлежните апелираат на внимателност до месното население
СВР Охрид известува дека, утре (17.02.2026 година) од 04 до 09 часот, на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро кај караулата во струшкото село Радожда, воена вежба ќе реализираат припадниците на македонската и белгиската армија.
„При извршување на вежбовните активности, ќе биде употребена маневарска муниција поради што, апелираме до месното население на адаптирање на своите обврски и внимателност при нивното извршување како и придржување до насоките на униформираните службени лица задолжени за безбедноста на подрачјето“.
Македонија
Филипче: Премиерот се луксузирал со владин авион на одмор додека нема пари за плати
„Гледаме како се луксузирал премиерот, како го користел владиниот авион да оди на одмор без никаков срам. Треба да одговори на прашањето кој бил со него во авионот? Треба да одговори на прашањето зошто најавуваат купување на нов владин авион, за повторно да го користи во приватни цели за приватни патувања?“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на попладневната средба со партиското членство од општинската организација на СДСМ Гевгелија, во рамки на теренските активности на партијата.
Филипче ја критикуваше власта за луксузирањето и што велат од партијата, негрижата за животниот стандард на граѓаните. Тој нагласи дека во време кога граѓаните се соочуваат со постојани поскапувања и ниски примања, власта се луксузира на грбот на народот.
„Тоа ли е целта? Во време кога не сака да им зголеми плати на работниците, прават такви трошоци, луксузирање на сметка на сите граѓани. Сите граѓани го плаќаат керозинот за тој авион“, истакна Филипче.
Се осврна на животниот стандард и одбивањето на власта да ја зголеми минималната плата.
„Ние ги премоливме, дававме закони два пати, ова е втор пат како го даваме законот за минималната плата. Луѓето не можат крај со крај да врзат. 600 евра плата не е луксуз, минимална плата. Основни потреби не може да задоволува луѓето. Колку е сметка за струја, колку е потрошувачка кошничка, не може да преживеат. Нема слух, нема слух“, порача Филипче.
Тој заклучи дека Владата нема визија и нема план за подобрување на животниот стандард, туку само задолжувања и луксузирање, додека граѓаните едвај преживуваат.

