Македонија
Тихомир Јанчовски: Селекцијата на скандалозните песни не ја направи комисијата
Селекцијата на песните што се застапени во книгата не е направена од нас. Ние направивме избор на првонагредените три песни и толку, вели поетот Тихомир Јанчовски, член на комисијата за конкурсот на Агенцијата за млади и спорт „Млади поети“. Исто така, додава тој, песните што предизвикаа скандал по објавувањето на книгата не се меѓу трите песни одбрани од комисијата, во која покрај него биле и Јовица Ивановски и Николина Андова Шопова.
„Од нас се бараше да ги прочитаме песните што пристигнале на конкурсот и да одбереме три најдобри песни. Во комисијата бевме Јовица Ивановски, Николина Андова Шопова и јас. Ни дадоа папки со песни, ги прочитавме, и некако, по долги консултации, одбравме песни што го освоија првото.второто и третото место. И толку. Бев на доделувањето на наградите. Добитниците ги прочитаа своите песни, а читаа и други учесници на конкурсот што беа дошле. Тогаш, една од вработените во Агенцијата за млади и спорт, на крајот, рече дека сите пристигнати песни ќе бидат објавени во книга. Дотогаш, не знаев за тоа. Ако“, пишува Јанчовски на Фејсбук.
По ова, додава тој, никој од АМС не ни се јавил, ниту нè консултирал за содржината на книгата, и за тоа кои песни треба да влезат или да не влезат во неа.
„Не сме добиле ни имејл, ни писмо, ниту некој не барал по телефон во врска со тоа. Не сме правеле никаква селекција, ниту некој од нас барал некаков извештај. Селекцијата на песните што се застапени во книгата не е направена од нас. Ние направивме избор на првонагредените три песни и толку. Пред 3 недели од нас побараа и предговор. Николина напиша предговор. Од агенцијата не ѝ јавија, ниту ѝ пратија список кои песни се застапени во книгата. Таа напиша предговор за општиот впечаток од сите песни“, вели Јанчовски.
Тој наведува дека песните што предизвикаа скандал по објавувањето на книгата не се меѓу трите песни што ги одбрале тие, а не биле ни во поширок избор.
„Да ме прашал некој кои песни треба да се објават, и да сум рекол тие и тие, може да ми бараат одговорност. Вака, некако не оди. Книгата е објавена, јас не сум добил примерок и не знам како изгледа. Книгата е објавена, и никој не очекувал скандал. Поезија… млади… Откако изби скандалот, директорот на АМС ја префрла вината врз нас. Тоа е очекувано. Ако вината е до АМС, а тој е таму директор, ќе му речат да си даде оставка. Новинарите ги љубат скандалите и едвај чекаат такво нешто. Покажувал пред камери некакво решение. кое никој од нас никогаш не го видел, и на кое нема потпис на ниеден од нас“, тврди Јанчовски.
Тој истакнува дека на конкурсот имало 70-80 песни, а објавени се 44. Според него, значи некој, сепак, направил селекција на тоа кои песни да влезат во книгата.
„Најдете го тој/таа или тие што ги селектирале песните и прашајте ги зошто баш тие. Тие што ме познаваат, знаат дека ако ме прашале мене кои песни да влезат во книгата, книгата можеби не би ни излегла“, вели Јанчовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ против работниците
„Пратениците на тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ застана против работниците, одбија зголемување на минималната плата на 600 евра и не гласаа за Законот на СДСМ. Се потврди она што го говори СДСМ цело време. За ВМРО-ОКГ/ЗНАМ важни се само криминалните тендери и луксузирањето а работниците и граѓаните се неважни“, соопшти СДСМ.
„Има пари за нивните 161 тендер за една фирма, за 51 тендер за друга, има пари за 74 тендери за трета, има пари за 1,2 милиони евра за фирмата блиска до ЗНАМ преку Пошта.
Нема пари за работниците, има само за луксузирање и криминални тендери.
Владата на Мицкоски постојано се задолжува, пари обезбедуваат врз грбот на народот ама за криминални тендери а не сакаат да обезбедат пари за плати за работниците.
Одбивањето на законот е директен удар врз животниот стандард на граѓаните и на над 200 илјади работници. Во услови кога синдикалната кошничка надминува 67.000 денари, кога храната, струјата и основните трошоци растат од месец во месец, ВМРО-ОКГ ги изневери работниците.
СДСМ понуди реално и одржливо решение – со ребаланс на Буџетот и пренамена на пари од луксузи, како мебел, коли, авион, да се обезбедат пари за 600 евра плата, како што заслужуваат работниците.
СДСМ нема да се откаже. Ќе продолжиме да се бориме за поголеми плати, за работниците, за граѓаните“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај во официјална посета на Македонија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре, 27 февруари 2026 година, петок, ќе биде домаќинка на претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, кој ќе престојува во официјална посета на земјава.
Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Македонија
„Зошто Тренчевска и СДС го штитат Артан Груби и дали поранешните функционери на СДС се исплашени од неговите искази“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Соработката и партнерството на СДС со екс вицепремиерот Артан Груби излезе на површина. СДС со години молчеа и го толерираа милионскиот криминал на Груби се со цел да останат ден повеќе на власт и да не им се растури коалицијата со ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Милионски криминали и злоупотреби се случувале во Државна лотарија под покровителство на СДС и ДУИ. По апсењето на Артан Груби, СДС се во целосна конфузија и нервоза пoради стравот од сведочењето на Груби и евентуалните искази што би можело да допрат и до поранешни високи функционери на СДС.
Изјавата на потпретседателката на СДС, Јованка Тренчевска, дека одлуките на Владата биле колективни и дека доколку се утврди вина „сите треба да одговараат“, отвора сериозни прашања. Дали ова претставува индиректно признавање на одговорност? Дали станува збор за обид за релативизирање на индивидуалната вина?
Дали СДС застанува во одбрана на Артан Груби и дали раководството на партијата е подготвено да понесе колективна одговорност за одлуките донесени во време на нивното владеење?
Јавноста има право да знае. Дали СДС го брани Груби во врска со наводите за штета од над 8 милиони евра врз државниот буџет?
Дали поранешните функционери се подготвени да застанат пред органите на прогонот и да ја докажат својата невиност?
Зошто по отворањето на случајот се менуваат ставовите и реториката?
Очекуваме надлежните институции да постапуваат професионално, транспарентно и без селективност. Одговорност мора да има, без разлика на функција, партиска припадност или политичко влијание.
Граѓаните заслужуваат правда, отчетност и целосна транспарентност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

