Македонија
Тошковски во посета на Одделот за организиран криминал: Распоредувањето и унапредувањето кадри треба да се врши исклучиво во согласност со мерит-системот
Денеска, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски го посети Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи каде оствари работен состанок со поширокото раководство.

На состанокот министерот беше запознен со структурата на Одделот, делокругот на работа и тековните активности и во овој дел беше информиран дека од нивна страна извршено е мапирање на критичните места за евентуални изборни нерегуларности. Исто така, беа посочени определени предизвици со кои се соочуваат од аспект на формално-правната поставеност на Одделот, систематизацијата на работните места и организациската поставеност на единиците, извести МВР.

„Можам да констатирам дека Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал согласно спецификите на работата која ја извршува треба да биде организациска единица каде работат најдобрите и најискусни полициски службеници и распоредувањето на кадри треба да се врши исклучиво согласно мерит систем, а не било каква припадност и во таа насока во наредниот период треба да се направи кадровско реструктуирање според однапред определени објективизирани критериуми“, истакна министерот Тошковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Битола разговори за европските проекти и нови можности за граѓаните
Во рамките на посетата на Битола, заменик-амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија, Бен Нупнау, оствари официјална средба со градоначалникот на општината, Тони Коњановски.
На средбата двајцата соговорници разменија информации и мислења за европските проекти што во моментов се реализираат во општина Битола со поддршка од ЕУ преку различни програми. Посебен акцент беше ставен на тековните инвестиции, нивното значење за локалниот развој и потенцијалот за отворање нови можности за граѓаните.
Разговорот се фокусираше и на продлабочувањето на соработката меѓу Европската Унија и општината, како и на заклучоците од Извештајот за напредокот на Македонија во процесот на евроинтеграции.
Средбата заврши со заедничка оценка дека континуираната поддршка и партнерство се од клучно значење за успешно спроведување на реформските процеси и развојните иницијативи во Битола.
Македонија
100 дена протести во Љубојно: Жителите бараат запирање на сечата на шумата
Жителите на преспанското село Љубојно информираа дека во среда, 19 ноември, ќе се навршат 100 дена откако секое утро одат на патот кон шумата, со цел, како што наведуваат, да го заштитат она што не штити нас.
Во пораката упатена до медиумите, жителите истакнуваат дека иако навидум се десетици луѓе од мало преспанско село, зад нив стои поголема поддршка, со иста цел и заложба. Тие наведуваат дека сечата над селото не е само уништување на дрвја, туку кршење на природниот штит кој со децении го штити Љубојно од поројни води, ерозија и разурнување на теренот.
Жителите наведуваат дека во изминатите 100 дена виделе: како камиони го отвораат срцето на шумата, како жителите сами мораат да постават песок на патот за да спречат штета, како првиот дожд го поплави селото и како, како што велат, државата им одговара со истата реченица: „Сè е регуларно“.
Во пораката се наведува и дека заедницата во тој период ги исчистила патеките околу селото, ги уредила изворите, се вклучиле млади генерации кои подолго време не биле активни во јавниот живот, се вратил гласот на луѓето што живеат во странство и, како што нагласуваат, се научило дека домот не се брани со зборови, туку со присуство.
„Шумата над Љубојно е нашиот штит и ние бараме право на живот без страв од порој, одрон или поплава“, се наведува во објавената порака.
Жителите најавуваат дека ќе останат на патот кон шумата сè додека тоа право не биде заштитено.
Македонија
(Видео) Тренчевска: Власта ги остави граѓаните сами, упорно бега од покачување на минималната плата на 500 евра
Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната седница побара од министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, да објасни зошто Владата употрно одбива да ја покачи минималната плата барем на 500 евра, во услови на растечки трошоци, кога синдикалната потрошувачка кошница се зголемила за повеќе од 4.500 денари во последните 15 месеци.
„Индексот на трошоците на живот во октомври 2025 е за 4,5% повисок во однос на истиот месец лани. Кај храната и безалкохолните пијалаци инфлацијата изнесува 7%. Тоа значи дека инфлацијата систематски го јаде секој денар што граѓаните го земаат на крајот на месецот. Но, наместо да барате начин како да го затворите овој јаз, вие излеговте со изјава дека „проценките покажале оти со минимална плата од 500 евра може да се очекува инфлација од 8 до 9 проценти“. Со други зборови, според вашата логика, проблем не е тоа што граѓаните веќе плаќаат поскапени (повисоки) сметки, туку тоа што ако конечно добијат 500 евра минимална плата – тие ќе бидат виновни за нов бран инфлација.
Истовремено, синдикалната потрошувачка кошница се движеше нагоре како лифт кој ретко се симнува.
Дополнително, економските аналитичари укажуваат дека поради инфлацијата денешните 24.379 денари реално вредат колку околу 18.000 денари пред три години“.
Во оваа економска ситуација која е корозивна за животниот стандард на граѓаните, додава Тренчевска, барањето на синдикатите за минимална плата од најмалку 500 евра беше само обид за минимален праг на достоинство.
„Зошто Владата систематски бега од темата за минималната плата и во Буџетот за 2026 година не нуди јасен, временски прецизен план како и кога работниците ќе стигнат – па и ќе го надминат – прагот од 500 евра? И како очекувате граѓаните да веруваат во ПР приказни за „зголемени плати“, кога нивната минимална плата реално вреди колку 18.000 денари од пред три години?
Долги месеци од страна на Владата слушавме сè, од најави за буџетската дисциплина до големи најави за нови инвеститори, само не и јасен став за минималната плата“.
Сега, рече Тренчевска, во момент кога во јавноста отворено кружат идеи за реконструкција на Владата, одеднаш се појавувате со најава дека во март 2026 минималната плата ќе се зголеми за околу 2.000 денари. Таа бројка, според неа, звучи како лесен политички слоган, односно доволно голема за наслов на некои медиуми, но недоволно објаснета за да биде веродостојна.
„Во меѓувреме, Сојузот на синдикатите на Македонија веќе најави дека нивното барање за 500 евра минимална плата е застарено и дека ќе бараат износ над 500 евра, токму затоа што – парафразирам – „сите земји од регионот нè поминаа и со минимална и со просечна плата“. Додека кај соседите растот на минималната плата се брои во евра, кај нас уште се калкулира дали плус 1.500 или плус 2.000 денари ќе биде доволно за смирување на незадоволството.
Во целото тоа, социјалниот дијалог е практично парализиран. Економско-социјалниот совет не функционира како место каде што се договараат овие политики, туку како институција која постои само на хартија. Синдикатите бараат минимална плата на 500+ евра, работодавачите бараат предвидливост, а вие, односно Владата најавува „плус 2.000 денари“ без да објасни дали зад тоа стои реален трипартитен договор или само внатрепартиска пресметка.
Моето второ прашање до вас е, кога долги месеци избегнувавте да понудите јасен став за минималната плата, а сега во момент на најави за реконструкција на Владата одеднаш излегувате со бројка од плус 2.000 денари, на што точно е заснована оваа најава? Дали станува збор за бројка произлезена од реален и транспарентен социјален дијалог во функционален Економско-социјален совет или пак на примена на законската формула од 2022 година која ја врзува минималната плата со инфлацијата и просечната плата“, праша Тренчевска.

