Македонија
Тошковски и Дачиќ воведуваат едношалтерски систем на границите
Mинистерот за внатрешни работи Панче Тошковски беше домаќин на делегација од Република Србија предводена од вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ. Двете делегации остварија билатерална средба во просториите на СВР Куманово.
На средбата беше разговарано за модалитетите на понатамошно унапредување на досегашната одлична соработка помеѓу двете министерства, координација за учество на делегација на Република Србија на симулациска вежба за размена на информации во реално време за шверцување мигранти и трговија на луѓе по должината на источномедитерантската рута, која ќе се одржи од 14 до 17 октомври во Охрид оваа година.
Исто така, на средбата се разгледа и нацрт-текст за договор помеѓу двете влади за воспоставување заеднички контроли во рамките на One Stop shop-концептот на заедничкиот граничен премин за меѓународен патен сообраќај Табановце – Прешево.
„Имавме состанок во СВР Куманово, при што ги констатиравме фазите за постигнатото во сето она што го презедовме како планови и обврски во рамките на последната посета. Разговаравме за сè она што е поврзано меѓу двете полиции од аспект на тековна соработка, која, морам да потенцирам, е одлична. Продолживме да разговараме за темата од минатиот пат, а тоа е подобрување на транзитот на нашите граѓани на граничните премини, со тоа што договорено е во рамките на техничките групи меѓу двете министерства да има континуирани средби за реализација на крајното решение за One Stop Shop-системот. Овој проект е многу значаен за двете држави и мораме да го реализираме што побргу и веќе од следната туристичка сезона да имаме брз проток на патници и стоки преку заеднички контроли на граничните премини“, потенцира министерот Тошковски.
Тошковски додаде дека одличната соработка меѓу двете министерства и полиции ќе продолжи и ќе се надградува и во делот на заеднички и заемни обуки со цел подигнување на капацитетите на двете полиции во борбата со сите видови криминал и предизвици од областа на безбедноста.
Вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, потенцира дека ова е трета заедничка средба на која прецизно ги дефинираат чекорите и работите што треба да се направат за да се решат проблемите и со тоа да им се олесни животот на граѓаните на двете држави.
„Најголемиот проблем на кој сме фокусирани е долгото чекање на границата за нашите граѓаните и веќе работиме со конкретни чекори и тимови на двете министерства тоа да се операционализира и процесот да усоврши така што нема веќе да постои таков проблем. Во насока на другите проблеми, како илегалната миграција, знаете дека со заедничка работа меѓу двете полиции е направено многу за да се намалат преминувањата на илегалните мигранти и добивме пофалби за тоа од страна на Европската комисија и Унијата. Тоа е заеднички проблем и ние сме на патот на таа рута на илегална миграција, која на крајот води во Европската Унија и бидејќи самата мигрантска рута поминува низ земји на ЕУ, па низ нашите земји, добиваме и ќе добиваме поддршка во вид на логистика и материјално-технички средства од самата ЕУ за справување со илегалната миграција“, истакна министерот Дачиќ.
Двајцата министри на крајот истакнаа дека двете полиции соработуваат одлично и таа соработка ќе се унапредува во делот на организираниот криминал, нелегалната миграција, трговијата со луѓе, шверцот со дрога, борбата против тероризмот и брзата размена на информации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

