Македонија
„Тошковски наместо да обвинува треба да одговори дали има пропусти при рацијата“, велат од партијата Левица
„Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, наместо да дава одговори пред јавноста за дилеми кои оправдано се наметнуваат околу истрагата за дискотеката „Пулс”, тој посегнува по евтини политички манипулации, обвинувајќи ја опозицијата за настани што се резултат на длабока човечка болка и барање за правда“, велат од партијата Левица.
„Имено, едно од клучните прашања кое остана неодговорено е зошто оперативната акција кобната вечер започнала дури во 2:30 часот?! Дел од информациите се дека таа вечер имало насока од Бирото за јавна безбедност (БЈБ) за оперативна акција низ повеќе дискотеки во Македонија од 1 часот. Но, одговорните лица за територијата на Кочани одлучиле прво да вршат рација во кафич во населбата Оризари, наместо веднаш да се упатат кон дискотеката каде имало високофреквентен настан, со присутни млади од повеќе градови во Македонија.
Надвор од сите безбедносни процедури и проценки е оперативната акција да започне пред самиот крај на настанот. Дел од дежурните на смена кобната вечер во ОВР-Кочани важат и за партиски активисти на актуелната влада, што фрла одредени сомнежи врз селективноста на истрагата. Сведоци говорат и дека рацијата пристигнала пред дискотеката „Пулс” во 1:30 часот, но дури еден час подоцна влегла во дискотеката.
Јавноста оправдано бара одговори за огромната трагедија која настана поради низа системски пропусти, но министерот Тошковски наместо професионално известување, шири лажни тези за манипулација, со цел да го угуши оправданиот револт.
Скандалозни, навредувачи и дегутантни се изјавите на Тошковски дека и протестите на семејствата биле организирани од опозицијата. Министерот Тошковски треба да се запраша: зошто овие луѓе немаат доверба во институциите? Обидите за дискредитација на родителите и нивната болка се врв на политичка безобразност.
Неселективна истрага за оваа трагедија мора да има и затоа не смее да се штитат и актуелните началници и полициски службеници кои биле одговорни за спроведувањето на оперативната акција кобната вечер. И покрај сите обиди на власта да ја угуши секоја критика, Левица ќе продолжува да бара одговори, со цел ниту еден одговорен да не биде заштитен заради неговата партиска припадност“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Агресивен карцином кај 10 годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.

