Македонија
Тошковски на одбележување 44 години САЕ Тигар: Елитна единица која е врв во професионализам, стручност и обученост
Во касарната Илинден во Скопје, денеска се одржа свечено одбележување на 13 Март – Денот на формирањето на Специјалната антитерористичка единица – „Тигар“ и 44 години од постоењето на единицата, во присуство на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со највисокото раководство во МВР, како и високи претставници од Владата и Генералштабот на Армијата, амбасадори и полициски аташеа при амбасадите во земјава, поранешни команданти на Единицата, семејствата на загинатите припадници на Единицата и бројни гости, соработници и пријатели на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ при Бирото за јавна безбедност во рамките на МВР.
Пред спомен плочата на загинатите припадници на САЕ Тигар беше положено цвеќе од страна на официјалните делегации од Владата, МВР и семејствата на загинатите припадници на единицата.
Министерот Тошковски истакна дека САЕ Тигар од аспект на професионализмот, стручноста и обученоста на своите припадници, претставува вистинска гордост како на министерството за внатрешни работи така и на цела Македонија.
„Македонија е горда на своите Тигри. Оваа високоспецијализирана полициска единица, една од најсложените во безбедносната структура на МВР, секогаш во секое време е целосно подготвена, ефикасна и обучена, технички и човечки опремена до перфектност, се со цел брзо и ефикасно извршување на специфичните и сложени задачи кои ги има во секојдневното работење.“, потенцираше министерот Тошковски во обраќањето.
Министерот Тошковски нагласи дека министерството ќе продолжи со континуираниот развој и поддршка на единицата во насока на материјално-техничко унапредување од секој аспект со цел продолжување на врвната ефикасност и ефектуирање на резултати на единицата.
Командантот на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, Драган Прокоповски ја потенцираше храброста, професионалноста и пожртвуваноста на припадниците на единицата и се заблагодари на раководството на министерството што ја препознава вредноста на единицата и ја става на врв на приоритетите во вложувањето и своите планови за унапредување и поддршка.
„Со соработка, дисциплина и професионалност, со брзо и енергично дејствување ќе останеме ударната сила на Министерството за внатрешни работи, сила која секој непријател ќе ја почитува, а секој граѓанин ќе ја доживее како гарант на мирот и безбедноста“, истакна командантот Прокоповски.
Прокоповски потсети на седумте припадници на Специјалната антитерористичка единица-Тигар кои вршејќи ја својата должност, штитејќи го уставниот поредок, мирот и безбедноста, ги загубија своите животи.
„Нивните имиња ќе бидат вечно врежани во историјата на нашата единица, а нивниот дух ќе продолжи да живее во секој припадник на оваа горда единица“, заврши командантот Прокоповски.
Од страна на припадниците на САЕ – Тигар беше реализирана и видео презентација на активностите на единицата за 2024 година, а во знак на одбележување на 44 години од формирањето на единицата беа доделени и плакети, благодарници и награда за најдобриот припадник на Единицата за 2024 година, беа доделени плакети на припадниците за 5, 10, и 20 години служба во единицата, и плакети на соработници и пријатели на единицата.
На крајот од свеченото одбележување присутните ја посетија и Спомен куќата на САЕ „Тигар“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 12 затворени улици во Скопје, ќе се протестира против Усје
Во централното подрачје на Скопје денеска ќе биде воведен посебен режим на сообраќај поради протестниот марш „Стоп за Цементара“, закажан во 12 часот.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, маршот почнува пред Владата на булевар „Илинден“, десно по булевар „ВМРО“, во продолжение по улицата „Васил Главинов“, лево по улицата „Димитрие Чуповски“, во продолжение по улица „11 Октомври“ до пред Собрание и лево по улица „Филип Втори Македонски“ до пред Министерство за животна средина во Скопје.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на град Скопје.
– Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници, се наведува во соопштението.
Македонија
Прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд
Времето денеска ќе биде прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места ќе има слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до шест, а максималната ќе достигне од седум до 11 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до пет, а максималната ќе достигне до 10 степени.
УХМР информира дека ќе продолжи периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има утре кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.

