Македонија
Тошковски на трибина за унапредување на правата на полициските службеници и можна злоупотреба и губење на истите
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Центарот за обука на МВР, во организација на Македонскиот полициски синдикат учествуваше на трибина „Злоупотреба-закана за губење на права“ каде заедно синдикатите, раководството на МВР и полициските службеници разговараа на тема за унапредување на правата на полициските службеници дефинирани во колективниот договор, но и губење на истите при нивна злоупотреба.
Дел од дискусијата беше посветен на забележаната појава на злоупотреба на привремената спреченост за работа поради болест, која според министерот мора да се пресретне со дефинирање на точните услови за користење на истото.
„Утврдување на точен процент на надоместок при користење на надоместок за привремената спреченост за работа поради болест, кој што ќе ги мотивира полициските службеници да одат на работа. Треба да дефинираме обврска во рамки на законската регулатива која што ќе не води кон професионалност во работењето на сите полициски службеници“, потенцираше Тошковски.
Тошковски зборуваше и за трошоците кои министерството ги плаќа по основ на судски постапки иницирани од страна на самите полициски службеници при ускратување на некое нивно право.
„Една од приоритетните работи кои што се обврзавме да ги направиме уште на стартот е да ги намалиме трошоците кои што министерството ги плаќа по основ на судски постапки и ветувам дека ќе го направам тоа. Се надевам дека до крај на мандатот ќе ги сведеме на минимум тужбите кои што се процесуирани од страна на полициските службеници спрема министерството.“, рече министерот Тошковски.
Тошковски зборуваше и за унапредување на правата на полициските службеници кои се планираат со новите измени на Законот за полиција и Законот за внатрешни работи и новата систематизација на министерството како воспоставување јасен систем за кариера, ефикасен систем на обуки, влегување на минималната плата во пресметка во платата на сите полициски службеници, планот за набавка на нови униформи, нови возила, опрема и унапредување на сите услови за работа во министерството со цел креирање на задоволни полициски службеници кои ќе ги унапредат услугите и безбедноста која им ја овозможуваат на своите граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на неколку патни правци поради врнежи од снег
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на повисоките места, во западните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот, извести АМСМ
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот премин Стража. На планинскиот премин Буково врнежите се од дожд и снег.
Поради врнежи од снег воведена е забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, како и на патниот правец крак Маврово – Дебар.
На патниот правец Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај за автобуси, а за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема.
Македонија
Делови од Илинден, Ѓорче Петров и Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 13:00 часот дел од улицата 19 во населба Илинден, oпштина Илинден;
· во периодот од 08:30 до 14:00 часот дел од корисниците во населба Волково, поточно улиците: 95, 100, 101, 102 и 103, општина Ѓорче Петров;
· во периодот од 08:30 до 14:30 часот дел од корисниците на улицата Јустинијан Први во село Драчево, поточно делот од Маркет – Вајота кон село Студеничани, општина Кисела Вода;
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот дел од улицата Герника, општина Кисела Вода.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-125мм на улицата Светозар Марковиќ бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Светозар Марковиќ и дел од булеварот Кочо Рацин, вклучително и објектот на Веро Џамбо, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

