Македонија
Тошковски: Не е научна фантастика, со пермутација на четири бројки во законите може да се смени важноста на документите
Техничкиот министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, преку медиумите ги извести граѓаните дека утринава до Владата поднел измени за две законски решенија.
„Предлог-закон за изменување на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, едноставно кажано ова е за возачките, и предлог-закон за изменување на Законот за патните исправи на државјаните по скратена постапка. Овие два закона, како се донесени, кога се донесени, со кој ум се донесени, од денешен аспект е небитно. Денеска е последен ден во чии рамки пратениците, кои земаат плата од граѓаните на Македонија, имаат можност да докажат дека се во насока на интересот на граѓаните. Без политиканство, без политиички игри. Само со измена на овие два закона во делот на важност, како на возачките така и на пасошите, може да се решат проблемите на граѓаните. Сè друго е козметика, шминка и популизам. Никој не може да предвиди какви последици ќе бидат предизвикани во иднина од овие два закона. Овие два закона се суштински во делот на важноста на документите и ако каква било друга козметика се обиде да биде изведена, може само дополнително да комплицира граѓаните да не може да си ги остварат своите права гарантирани со Уставот, меѓународни конвенции“, рече Тошковски.
Според министерот, постапката е многу едноставна. Треба пермутација на две бројки од едниот закон и две од другиот.
„Ова не е научна фантастика. Ова е доставено до Владата како предлог од мене како министер за внатрешни, но поради итноста, ги замолив пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да го поднесат ова по итна постапка веднаш, да нема политиканство, денеска е последен ден. Со пермутација на четири бројки и со политичка волја на сите оние што земаат парите од граѓаните на Македонија ќе се реши овој проблем, кој е срамен“, изјави министерот Тошковски.
„Македонските граѓани се лажени упорно во континуитет. Само матична држава што издала документ може да го поништи тој документ. Нема возачки дозволи во доволен број за да се задоволат потребите на граѓаните. Тоа е факт. Ова е единствено, нормално, возможно решение, кое може да ги реши проблемите, да не предизвика кршење на човековите права, а да не повредува нити одредби од меѓународниот билатерален договор. Сè друго е козметика и гол популизам“, додаде министерот.
За среќа, рече министерот, заборавиле да ги сменат сообраќајните, како и личните карти.
Според Тошковски, Грција постапува во согласност со меѓународното право и во согласност со сите оние права што ги има за да постапува. Тој вели дека проблемот не е Грција.
„Проблемот се латентноста, полтронството и немањето љубов на нашите функционери кон своите граѓани. Тука е маката. Тие да работат како што работат грчките функционери немаше да сме на ова дереџе“, одговори министерот на новинарско прашање.
Од утре, документите што не го содржат новото име на државата нема да важат оти истече периодот од пет години, во кој државата имаше обврска да ги смени во согласност со преспанскиот договор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Грчкиот мистер: Договорот од Преспа е текст со огромни проблеми, лага е дека сум учествувал во изготвувањето
Грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, негираше дека тој или неговата правна канцеларија го подготвиле или учествувале во изготвувањето на Договорот од Преспа,.
Од говорницата во Собранието тој изрази несогласување со Договорот од Преспа, велејќи се работи за правен текст со огромни проблеми што се појавуваат со текот на времето, пренесуваат грчките медиуми.
„Јас не само што немав учествувано во договорот, туку дополнително не можев да имам никакво учество од едноставна причина што суштински не се согласувам со Договорот од Преспа кој е правен текст со огромни проблеми што се појавуваат со текот на времето“, нагласи министерот за надворешни работи.
Герапетритис сепак додаде дека Договорот со сите проблеми, претставува меѓународно право кое мора да го почитуваат бидејќи согласно Уставот е над секоја друга законска одредба.
Ја пофали грчката дипломатија која издејствувала брза реакција на европските институции по инаугирацијата на Гордана Силјановска Давкова, која на свеченоста го употрби името Македонија.
Македонија
Топло со умерена облачност, температурата до 25 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. На североистокот ќе има услови за појава на краткотраен дожд.
Ќе дува слаб до умерен, а по должината на Повардарието краткотрајно засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 25 степен.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Ќе настапи преодно стабилизирање на времето со позначителен пораст на дневната температура. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Повремена претежно попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи, со променлив интензитет, ќе има сѐ до средината на следната недела.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територијата на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.