Македонија
Тошковски од Салцбуршкиот форум: Само заедничка соработка ќе ја направи Европа побезбедна, посилна и пообединета
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вчера и денес, во Загреб учествува на министерска конференција во рамките на Салцбуршкиот форум, кој е централноевропска владина платформа за мултилатерален дијалог и соработка за прашања во врска со внатрешната безбедност, во која Македонија е дел од групата пријатели на оваа платформа.
Министерот Тошковски се обрати на сесијата „Прекугранична соработка во справувањето со нелегалната миграција и организираниот криминал“, во која потенцира дека со заедничката соработка преку мисијата Фронтекс досега е постигнато подобрена контрола на нелегални мигрантските рути, зајакнат капацитет за борба против прекуграничниот криминал и зголемен капацитет на македонските гранични операции да бидат поблиску до стандардите на ЕУ.
„Користејќи ја помошта од Европската Унија, ја зајакнавме граничната инфраструктура, ги подобривме нашите системи за азил и добивме поддршка во операциите против шверцот и спречувањето на трговијата со луѓе. Придонесуваме кон регионалната стабилност со воспоставување подобрена гранична безбедност. Постигнавме намалување на нерегуларната миграција. Интензитетот на нелегалните обиди за преминување на границата е намален од почетокот на 2025 година. Во периодот од 1 јануари до 12 јуни 2025 година спречени се вкупно 1.956 обиди, што во споредба со истиот период во 2024 година претставува намалување за 30 проценти“, издвои министерот Тошковски како дел од успесите на ова поле.
Министерот Тошковсски дефинира и неколку места за подобрување на соработката, кои ќе донесат подобри резултати, како олеснување на брзата размена на податоци, континуирана размена на разузнавачки податоци, со цел ефективни истраги против меѓународните криминални групи, заеднички програми за обуки на лица и развој на електронски алатки и истражни методологии вклучително и разузнавање од отворени извори, со цел собирање на критичните информации и докази.
Министерот Тошковски на крајот пред Форумот изрази желба Македонија како земја пријател на Форумот да биде домаќин на таков еден иден настан, со што уште еднаш ќе ги потенцираме посветеноста на заедничката соработка и иднината на Западен Балкан како дел од Европа, која е побезбедна, посилна и пообединета.
Министерот Тошковски во рамките на Форумот оствари и билатерална средба со министерот за внатрешни работи на Хрватска, Давор Божиновиќ. Фокусот на средбата беа начините на справување со илегална миграција и активностите поврзани со борбата против организираниот и транснационален криминал. Се разговараше за реорганизација на границата и поставеноста на полицијата со цел нејзино поуспешно обезбедување. Министрите изразија загриженост за настаните на Блискиот Исток и можноста за создавање нова мигрантска криза и заедничкиот заклучок беше дека е потребно уште сега да почнат да се вршат подготовки во однос на материјални, технички и човечки ресурси со цел успешно справување со таков нов евентуален мигрантски бран.
Министрите ја разгледаа и соработката помеѓу Центарот за обука на МВР и Полициската академија на Хрватска, можностите за размена на искуства, наставни програми за средното полициско училиште, кое ќе биде најблиску до хрватскиот модел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

