Македонија
Тошковски: Системот прв дојден, прв услужен беше хаотичен, правиме сè граѓаните достоинствено да си ги обезбедат личните документи
Според техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, процесот прв дојден, прв услужен е хаотичен, особено кога имате, како што рече, 2,1 милиона лични документи што треба да се издадат.
„И мислам дека некој друг требало да мисли на тоа претходно. Она што ние сега можеме да го направиме како решение е на еден достоинствен начин во рамките на системот да се обидеме да го регулираме процесот и да сториме сè што можеме за граѓаните да може достоинствено си ги обезбедат личните документи. Факт е дека има разлика“, изјави Тошковски за ситуацијата со фотографирањето и подигањето на личните документи на граѓаните.
„Се сеќавате на 5.000 луѓе пред врата, а внатре фотографираат на дневна основа по 300 лица“, потсети Тошковски на ситуацијата во ПС Пролет во Скопје.
„Овде во Куманово го нема тоа“, дополни тој откога претходно направи увид како функционира новиот систем во тој град.
„Секогаш гледаме врз основа на принципот на правичност да го истуркаме овој процес. Бројката на термини, на луѓе што треба да пристапат, во наредниот период се 300.000 со закажани термини. Кога станува збор за 300.000 термини, малку е тешко да се справиме на најправичен и праведен начин. Даваме максимален придонес од наша страна и гледаме да е праведно. Сега почнавме на една недела да ги чистиме листите со термини за сите што работата ја имаат завршено – во смисла некој се предомислил и од редовна отишол на итна постапка – за друг да ги добие термините“, рече Тошковски.
Информира дека во догледно време на веб-страницата на МВР ќе биде достапна опција да се провери каде граѓаните ќе може да ги подигнат готовите лични карти во Скопје – дали во МРТВ или во полициска станица. Тошковски рече дека се работи на тоа оваа нова можност да се имплементира.
„Тоа ќе биде еден од наредните чекори за граѓаните да бидат информирани дека личните карти им се готови и дека им се дадени во соодветна полициска станица. Правиме сè што е возможно за процесот да биде достоинствен, а наеднаш сè не можеме да направиме“, вели Тошковски.
За времето потребно за имплементација, ќе се произнесе дополнително.
„Не би знаел за колку време, кога ќе ја имам информацијата, ќе ја споделам со вас“, додаде Тошковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

