Македонија
Термин за итна постапка за пасош се добива за еден ден, вели Тошковски
Термин за итна постапка за фотографирање за пасош во Скопје се добива за еден ден, соопшти утрово техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски. Според него, реорганизацијата и зголемувањето на капацитетите во делот на управните служби даваат резултат.
„Повеќе нема чекање со месеци за фотографирање за пасош по итна постапка во Скопје и од денес граѓаните што ќе побараат термин, ќе го добијат истиот или наредниот ден“, објави Тошковски на социјалните мрежи.
Министерот соопшти претходно и дека со новиот модел за готовите лични карти на граѓаните во Скопје доставени се четири и пол пати повеќе лични карти.
„Пред две недели го укинавме претходно воспоставеното решение за достава на лични карти, според кое полициски службеници им ги доставуваа личните карти на домашна адреса на граѓаните и воведовме нов механизам за достава, така што граѓаните може во кое било време да ја подигнат својата лична карта во подрачната полициска станица според местото на живеење“, истакна Тошковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

