Македонија
Тошта излезе од притвор

Александар Јаневски – Тошта, обвинет за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села, излезе од затворот во Шуто Оризари, потврди адвокатот на Тошта, Бојан Ваневски, за „Макфакс“.
Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 го прифатил предлогот на Обвинителството, кое навело дека на обвинетиот сериозно му е влошена здравствената состојба. На претходното судско рочиште му се слоши во судницата, па беше пренесен во Градската општа болница „8 Септември“.
Од Основното јавно обвинителство – Скопје соопштија дека до судот доставиле предлог за замена на мерката притвор за Тошта со поблага мерка – куќен притвор. „Надлежниот обвинител вторпат пред судот укажува дека со оглед на здравствената состојба кај обвинетиот и поодминатата фаза на постапката и со поблага мерка, ќе се постигнат целите и нема да се загрози понатамошниот тек на постапката по однос на овој обвинет“, велат од Обвинителството.
Јавното обвинителство на минатото рочиште се откажа од кривично гонење за еден обвинет, а за двајца го промени обвинението и ним им се суди за насилство. Другите седум обвинети, меѓу кои и Тошта, се обвинети за обид за убиство на Села.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно, посвежо и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно, посвежо и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни со пообилен пороен дожд за кратко време (над 15 l/m²) и услови за краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 18, а максималната ќе достигне од 24 до 32 степена.
Во Скопје, променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 30 степени.
Времето во наредните денови
До петок ќе преовладува претежно стабилно време со постепен пораст на дневната температура.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 10.00 до 14.30 часот, корисниците на улица Нерешка со број 10,12,14 и 16. (Општина Карпош)
Македонија
Наградени ќе бидат полицајците кои вчера ја спасија жената во Вардар

Министерот Панче Тошковски, се сретна со полициските службеници Кристијан Стефановски и Жико Ѓорѓиевски – хероите кои вчера ја спасија жена во водите на реката Вардар.
Министерот на средбата со нив уште еднаш потенцираше дека важноста на полицијата и нејзината вистинска сила и влијание врз животот и благосостојбата на граѓаните се гледа во најтешките човечки моменти.
„Херојските дела како вашето, кога директно се спасува човечки живот е повеќе од службено постапување, тоа е вистинска пожртвуваност и посветеност кон мисијата да се чува безбедноста и сигурноста на секој граѓанин и целото општество.“, потенцираше министерот Тошковски при честитките до двајцата полициски службеници за нивната херојска постапка.
Тој нагласи дека во рамките на законските можности тие ќе бидат наградени за нивната херојска постапка која е инспирација за сите нас унапредувањето на хуманиот аспект на нашите дела и постапки како обични луѓе и професионалци.