Македонија
Трајанов за една изборна единица: Така би се обезбедила иста тежина на секој глас
По повеќе од две години блокада, денес во парламентот ќе почне расправа по предлог-измените на Изборниот законик, со кои се предлага Македонија да биде една изборна единица, при што останува пропорционален модел, без изборен праг и решение за самостоен настап на помалите етнички заедници.
Од Демократскиот сојуз сметаат дека со измените се создаваат еднакви шанси за политички натпревар на партиите и независни кандидати за пратеници, се обезбедува иста тежина на секој глас и основи за демократизација на изборните правила и на државата во целина.
Составот на парламентот ќе биде одраз на волјата на граѓаните, повеќе партии и поединци ќе влијаат во носењето круцијални одлуки водејќи сметка за стратешките и за националните прашања.
„Ги повикувам сите предлагачи и пратеници да се вклучат во расправата и преку сериозна и аргументирана дискусија да се одлучува“, порача претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Митрески: Заедно и сплотени да ги надминеме сите предизвици
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во име на пратениците и во лично име, упати честитка по повод големиот христијански празник Велигден до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ охридски-македонски г.г. Стефан и до сите православни верници, посакувајќи празничните денови да поминат во добро здравје, неизмерна радост и среќа, исполнети со духовен мир и хармонија.
-Христовото страдање за човештвото и неговото воскреснување треба да ни помогне заедно и сплотени да ги надминеме сите предизвици. Да се спротивставиме на сите непогоди, да ги победиме искушенијата, да бидеме солидарни едни кон други и да ги отвориме нашите срца за безусловна љубов, сочувство и заедништво, истакнува спикерот Митрески.
На овој Велигден, се нагласува во честитката, да ги искористиме празничните моменти и да споделиме радост и среќа во семејството, помеѓу нашите најблиски, пријателите, познаниците, но и сите оние на кои им е потребна помош и поддршка.
-Да споделуваме, да пружиме рака, да шириме добра мисла и љубов и да му се радуваме на животот. Велигден, како празник на надежта, нека донесе благосостојба и сплотеност во нашите срца за сите, независно на која вероисповед припаѓаат. Заедно да посакаме подобар свет, повеќе емпатија и разбирање, свет без конфликти, со тенденција сите недоразбирања да се решаваат со дијалог и компромис, стои во честитката од претседателот на Собранието Митрески до поглаварот г.г. Стефан и до православните верници.
Македонија
Мицкоски: Поучени од христијанските начела, да си ја сакаме државата, ближниот и да направиме се утре да биде подобро од денес
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од негово лично име и од име на партијата упати честитка до сите верници по повод големиот христијански празник, Христово Воскресение – Велигден.
-Христовото Воскресение му покажа на човекот колку Бог го сака, и дека беше спремен да биде распнат за спасението на човештвото. Љубовта на Бога кон човека е неизмерна, се наведува во честитката.
Воскресението, се наведува понатаму, е потврда дека надежта секогаш ќе победи, човековата волја, љубов и верба можат да придонесат за поубав свет.
-Поучени од христијанските начела, да си ја сакаме државата, да го сакаме ближниот, да направиме се утре да биде подобро од денес. Промените кои доаѓаат да ги запечатиме со силна победа, за догодина да славиме Велигден со многу поголеми насмевки на задоволство како нација. Христос Воскресе! За многу години Велигден!, стои во честитката од претсдеателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Македонија
Ковачевски за Велигден: Добрината и мудроста да бидат нашиот патоказ, храбрите одлуки секогаш носат успех
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитика до православните верници.
„Честит и вековит нека ни е денешниот најголем христијански празник Воскресение Христово – Велигден. На сите кои го празнуваат денешниот празник им посакувам здравје, радост и благосостојба во домовите. Повикувам на хармонија и на обединетост во нашето општество. На овој најголем празник, да имаме мир и спокој во душите, а добрината и мудроста да бидат нашиот патоказ кон добри дела и иднина.
Денешниот празник ја симболизира победата на животот над смртта, тоа е силна порака дека храбрите одлуки секогаш носат успех, особено кога се работи за заедничкото добро.
Овие големи празници носат голема духовна сила, да ги празнуваме секогаш заедно, во радост и спокој. Христос Воскресе!“, порача во честитиката претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.