Македонија
Трајанов: На тие што на Плоштадот Македонија извикуваа УЧК, местото им е во Хаг, а не во власта
Денес со присуство на над 400 делегати и гости, се одржа 7-от Конгрес на ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ, на кој во своето обраќање, Павле Трајанов, нагласи: „На претстојните претседателски и парламентарни избори за одлучува за тоа дали ќе опстоиме како самостојна, суверена и независна држава и дали ќе се случат промени кои значат градење на демократска и европска држава или ќе тонеме во корупција , деструкција и разградување на темелните вредности“.
„Демократскиот сојуз и јас како претседател ја отворивме политичката борба против недопирливите од ДУИ, партија која ги поткопа темелите на македонската држава, со криминал, деструкција и антимакедонска надворешна политика, и сигурен сум дека оваа партија треба да се делегитимира и испрати во опозиција. На тие што на Плоштадот МАКЕДОНИЈА, извикуваа УЧК, местото им е во ХАГ, а не во власта. По дуизацијата и криминализацијата на државата, сега водството на ДУИ најавува дестабилизација доколку не биде вклучена во власта, но од ваквите најави никој не се плаши затоа што граѓаните на Македонија без разлика на нивната етничка и верска припадност цврсто се решени да живеат заедно и да ја градат заедничката држава, Македонија“, рече Трајанов.
Тој зборуваше и за приоритетите на Демократскиот сојуз, меѓу кои посебно ги посочи следните:
„Прво, коренити уставни промени односно нов Устав, поради тоа што Уставот и амандманите на истиот, го блокираат развојот, демократијата и ја промовира партизацијата и неодговорноста. Тука пред се, се неопходни реформи во судскиот систем, бришење на правилото на Бадентер, Балансерот итн.
Второ, донесување на нова стратегија за борба против тешките облици на криминал и високата корупција и донесување на Законот за формирање на независна Агенција за борба против овој вид на криминал.
Трето, деблокирање на евроинтеграциските процеси преку градење на широк политички и граѓански консензус околу следните работи: Македонскиот јазик да биде официјален по приемот на Македонија во ЕУ, Образовните, историските и идентитетските прашања да не можат да бидат основа за блокада на евроинтеграциските процеси, и да се обезбеди реципроцитет со Бугарија со признавање на Македонското малцинство во Бугарија.
Четврто, системот за безбедност да се реформира, да поминат сите вработени преку „сито“, да се обезбеди континуирана обука и да се зголемат двојно платите. Не е во ред, ниту може да се очекуваат резултати доколку и натаму главен инспектор прима плата од 45 илјади денари, а јавен обвинител од 130 илјади денари.
Надворешна политика треба да биде во функција на нашите стратешки и национални интереси и усогласена со политиките на ЕУ и стратешките партнери, пред се на САД, треба да продолжиме со реформите во областа на одбраната како членка на НАТО“.
Трајанов кажа дека Демократки Сојуз е за слободна пазарна економија, бесплатно здравство и образование и создавање услови за младите да останат во Македонија.
„Демократскиот сојуз пред повеќе од година дена се повлече од парламентарното мнозинство поради тоа што ДУИ и СДСМ ја движеа државата во погрешна насока (крив правец), и веднаш потоа објавивме дека сме за градење на национално единство и заеднички настап на изборите со сите партии кои не се согласуваат со власта предводена од СДСМ и ДУИ“, рече тој.
На Конгресот на кој присуствуваа над 400 делегати и гости, беше избран Централен совет на ДС од 80 члена.
За претседател на Демократскиот сојуз е реизбран Павле Трајанов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

