Македонија
Треба да се конфискува криминално стекнатиот имот на Мијалков, смета министерот Спасовски

Институциите треба да се насочат кон утврдување на имотот на избеганиот поранешен директор на тајната полиција и да се конфискува оној што е криминално стекнат, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Одговарајќи на новинарско прашање, Спасовски објасни дека МВР нема увид во сметките на Мијалков.
„МВР не е институцијата што одобрува замрзнување сметки и други активности ниту, пак, ги гледа тие сметки. Управата за финансиско разузнавање има обврска за тоа да утврди колку и какви сметки има и тоа го прават. Прашањето треба да го насочиме кон тоа каков е имотот на Мијалков и да се конфискува, криминално стекнатиот имот треба да се конфискува, да се одземе во интерес на државата. Во тој дел треба да постапуваат институциите“, рече министерот Спасовски.
Тој повтори дека имаат сознанија оти Мијалков уште е во Македонија затоа што имаат увид во секое време на граничните премини, од каде што може да добијат информации. Спасовски рече дека нема податоци дали Мијалков има друго државјанство, освен македонското.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Повеќето пожари изгаснати, под контрола еден – ‘Јасен’ сè уште гори

До 8 часот утринава регистрирани се вкупно 27 пожари на отворен простор, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од нив, активни се два пожари – во ПП „Јасен“ на подрачјето на општина Македонски Брод и во атарот на селата Лојане и Табановце во општините Куманово и Липково. Под контрола е еден пожар на територија на општина Јегуновце, меѓу селата Рогачево, Јажинце и Долно Орешје.
Во текот на изминатите часови изгаснати се 24 пожари на повеќе локации низ државата, меѓу кои во Долнени, Тетово, Врапчиште, Гостивар, Куманово, Штип, Струга, Кичево, Крушево, Кисела Вода, Шуто Оризари, Илинден, Боговиње, Охрид, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Бутел и Карпош.
Македонија
Попладне пороен дожд и грмежи во западните делови, најавија метеоролозите

Времето денес ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне, претежно во западните региони ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, јавува УХМР.
Максималната температура ќе биде во интервал од 28 до 35 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 33 степени.
Македонија
Марш на ангелите во Кочани: Ако нема правда за ангелите, за нивните родители и семејства, нема да има за никој

Правда мора да има, ако не ќе поставиме шатори пред судот и полицијата и нема да дозволиме никој да влегува. Ако нема правда за ангелите, за нивните родители и семејства, нема да има за никој. Ова го порача поддржувач на родителите чии деца загинаа на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Тој од својата инвалидска количка го предводеше осумнаесетиот марш на ангелите. Зборувајќи пред Основниот суд во Кочани, ја обвини полицијата дека дваесет минути на влезот во градот, кај ресторанот „Национал“, држела луѓе од други општини затоа што доаѓале да ги подржат кочанчани.
– Без никакво образложение легитимирале, претресувале. И порачувам на цела Влада – помеѓу тие луѓе нема ниту еден терорист, ниту еден нарко дилер, ниту еден криминалец. Тоа се луѓе со душа и срце. Зошто се прави таков притисок, се обидувате ли нешто да скриете. Истрагата „терајте“ ја како што треба. Родителите на починатите веќе немат солзи во очите, изјави поддржувачот на родителите.
Осумнаесетиот марш на ангелите вечерва се одвиваше по истата маршрута како и претходно: Парк на Револуцијата, кафуле „Класик“, Општина, УЈП, полиција, суд, со тоа што вечерва немаше свирежи пред споменатите институции.
Родителите беа доста тивки. Сестра на починато момче во пожарот во „Пулс“ само потсети дека денеска, 16 август, навршија пет месеци откако на 16 март 62 лица ги загубија своите животи.