Македонија
„Треба се инвестира во науката“ – шумарскиот факултет одбележа 75-години постоење
Факултетот за шумарски науки, пејсажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ со пригодна свеченост одбележа 75 години постоење.
Во рамки на настанот, како основна заложба на „Ханс Ем“ беше подвлчено домаќинското управување, заштитата и унапредувањето на шумите – еден од најважните природни ресурси во Македонија но и во светот.
На свеченоста се обрати министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој оцени дека наставно научниот персонал е за секоја пофалба – максимално посветен на образовниот процес и активен во научно – истражувачката дејност.
![]()
Тој потенцираше дека на факултетот се едуцира кадар кој е навистина потребен и изрази надеж дека интересот за овој тип на студии ќе расте во иднина, за што, како што рече, во координација со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од оваа година се воведува нов тип на стипендии за студенти запишани на студии од областа на шумарските науки.
„Стипендиите се стимулативни, затоа што износот е 18.000 денари на месечно ниво, за 9 месеци во годината. И тоа е одлична можност за младите, првенствено да одберат вистинска струка во која ќе можат лесно да се вработат, а притоа, нивната едукација да биде финансиски поддржана и олеснета. Сигурен сум дека понудената квота ќе биде целосно искористена, а ние како институции ќе се задолжиме да одржиме континуитет на нивното доделување секоја следна академска година“, нагласи минитерот, додавајќи дека на државата и требаат сé повеќе инженери, еколози и хортикултуристи и дека тоа со заеднички напори е остварливо.
Пред присутните свое обраќање имаше и деканот, проф. др. Кирил Сотировски кој рече дека факултетот има голема одговорност и обврска не само кон секторите шумарство и екологија туку и кон севкупното општество, а тие заложби го одбележуваат нивното досегашно работење во изминатите 75 години.
Деканот на „Ханс Ем“ предупреди на моментно катастрофалните, па и катаклизмичките еколошки состојби на планетата кои, како што рече, се можеби најдобрата шанса за оживување на секторот шумарство и на сродните еколошки науки.
„Опасности нé демнат многу – од глобални климатски промени, што според мене е веќе депласиран, би рекол дипломатски назив за глобалното прегревање, преку губењето на почвите, опустинувањето, намалувањето на биодиверзитетот, доведено до екстрем, така што веќе живееме во ерата на шестото големо изумирање на видовите организми; сите овие и многу други проблеми директно ги засегнуваат шумите, но со повеќето од тие проблеми може да се справуваме преку модерно, еколошко шумарство“, предупреди Сотировски и апелираше дека инвестирањето во шумарството во државата мора да се сведе на ниво на стратешка долгорочна определба на сите политички и општествени чинители. Што поскоро, тоа подобро за сите, рече тој.

Вработувањата на асистенти е проблем кој го начна Сотировски во обраќањето, коментирајќи дека системот потфрла веќе со децении, и процесот на редовното систематско обновување на академскиот персонал се решава, или почесто не се решава, на ниво на спорадични, несистематски одлуки.
„Чинам дека доколку за нешто би требало најлесно да се дојде до консензус меѓу сите наши политички чинители од најразлични провиниенции, тоа е дека треба да се инвестира во наука. Зарем не сме сите сложни дека најлесниот и загарантиран пат кон напредок на државата е преку прогресивно долгорочно зголемување на инвестициите во истражувања?“, истакна деканот Сотиривски, во таа насока споменувајќи ги како позитивен пример, Словенија, Израел, Финска, Данска, Кина.
Додаде дека во текот на 2020 и 2021 година биле вработени девет асистенти, по повеќе од 10 години и се заблагодари што нивниот долгогодишен крик конечно бил регистриран и соодветно разбран од тогашниот министер за образование. Сепак, рече деканот на факултетот, и покрај оваа среќна разрешница, проблематично е што „решавањето на вработувања за асистенти се базира на тоа министер да го регистрира и разбере нашиот крик, и што воопшто е дојдено до состојба која предизвикува крик и очај“.
Сотировски упати честитки за јубилејот и изрази надеж дека луѓето од секторот се свесни за својата поголема улога – и дека не треба да се сведуваат само на обезбедувачи на дрвна маса, туку да бидат двигатели и чинители на сериозен еколошки пристап кон шумите и кон природата генерално.
Некогашниот Шумарски факултет во Скопје, а од неодамна Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ (ХЕФ), е единствената високообразовна и научна институција од областа на шумарството и од сродните области во државата. Како дел од Земјоделско-шумарскиот факултет, тој е формиран во 1947 година, само две години по завршувањето на Втората светска војна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

