Македонија
Тренчевска во „Дрекслмајер“: Работиме на поголема социјална инклузија на лицата со попреченост
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска заедно со Ото Граф, заменик-амбасадор и раководител на економскиот оддел во германската амбасада, директорката на Државниот инспекторат на трудот (ДИТ), Весна Томовска и претставници од Министерството за труд и социјална политика беа во посета на германската автомобилска компанија „Дрекслмајер“ во Кавадараци.
Вработувањето на лицата со попреченост со цел нивна поголема социјална инклузија беше во фокусот на денешната посета на оваа компанија.
Тренчевска информираше дека Министерството за труд и социјална политика работи на нов модел на законско решение за вработување на лица со попреченост, како и на изработка на Национален регистер на лица со попреченост и Центри за рехабилитација и стручно оспособување на овие лица со цел нивно полесно вклучување и адаптирање на отворениот пазар на труд.
![]()
„Со новиот модел е предвидена значајна поддршка како на лицата со попреченост така и на работодавачите кои ќе ги вработат овие лица. Со воспоставување адекватен систем за поддршка на вработувањето, лицата со попреченост треба да станат еднакви членови на општеството и успешно да придонесат за сопствената општа благосостојба. Имено, системот треба да овозможи вработување на лица со попреченост за да можат да стекнат материјална сигурност и поголема независност во донесувањето одлуки. Додека, пак, оние компании кои веќе имаат вработено лица со попреченост ќе бидат јавно публикувани и ќе се стекнат со признанија како компании кои се општествено одговорни“ – рече Тренчевска.
Министерката посочи дека процесот на подготовка на новиот модел ќе биде целосно транспарентен и инклузивен, односно со вклученост на сите општествен чинители.
Претставниците на „Дрекслмајер“ информираа дека нивната компанија веќе неколку години вработува лица со попреченост и овозможува нивна соодветна социјална инклузија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Обвинение за кражба на кабли од кругот на „Железара“, нанесена штета на јавните инсталации од повеќе стотици илјади евра
Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена истрага, денеска поднесе Обвинителен акт против три лица, кои како соизвршители сториле кривично дело – Тешка кражба од објекти на јавни инсталации кои се од посебно значење за сигурноста на луѓето и имотот.
Обвинетите, заедно и со други лица кои се уште не се идентификувани, во периодот од март до почетокот на мај годинава, од кругот на фабриката „Железара“ во Скопје, односно од објектот на „Полуконти –ИГМ“ и подземните тунели низ кои поминуваат кабли за напојување со електрична енергија одзеле повеќе километри високоенергетски и среднонапонски кабли во сопственост на оштетените правни лице АД ЕСМ – Електрани на РСМ – Подружница енергетика Скопје и МакСтил АД Скопје во вкупна вредност од околу 440 илјади евра.
Во повеќе наврати, преку отвори со скалила кои водат во подземните тунели, обвинетите влегувале од погонот на „Полуконти –ИГМ“ и откако со апарат се уверувале дека каблите не се под напон, со батериска брусалка ги сечеле и ги складирале до влезот од тунелите. Поради нивните дејствија, на 9 април настанал и пожар во трафостаницата ТС Југ со кој била предизвикана и дополнителна штета на јавните инсталации за чие санирање биле потребни повеќе од 100 илјади евра, а не се реализирало и планираното производство и дистрибуција на електрична енергија кон крајните корисници на електрична енергија за период на санација на дефектите во вредност околу 60 илјади евра.
Потоа на 6 мај, сите тројца обвинети заедно, со возило Фолксваген голф дошле до објектот и ги подготвувале каблите за транспорт. Но, при удар со кабел едниот осомничен бил повреден и тројцата отишле најпрво на Ургентниот центар „Мајка Тереза“, каде му биле констатирани повреди и му била укажана лекарска помош. Потоа сите тројца се вратиле во објектот, ги зеле алатите кои ги оставиле и се обиделе да го напуштат местото, но биле затекнати и лишени од слобода веднаш по излезот од кругот на „Железара“.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за сите тројца обвинети, бидејќи се уште постојат опасноста од бегство, можноста за влијание врз сведоци и ризикот да го повторат делото како основи поради кои таа мерка беше првично побарана и определена.
Македонија
Сончево време со температура до 23 степени
Времето во о текот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 18 до 23 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината со слаба магла. Преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 20 степени.
Македонија
Мицкоски до поддржувачите на СДСМ: Во недела гласајте за број 9 за да започнат катарзата и реформите во партијата
Митко Костадиновски е човек којшто си ја сака и се бори за проект повеќе за Виница, човек голем патриот и кој длабоко во себе ја сака својата татковина Македонија. Како претседател на Владата ќе ја има мојата недвосмислена поддршка да реализира проекти за општина Виница и убеден сум дека заедно со Владата сите проекти кои се дел од програмата ќе бидат реализирани, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот мини митинг во Виница во рамки на изборната кампања под слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“ за вториот круг од локалните избори во недела на 2 ноември.
Мицкоски ја искористи приликата и од настанот во Виница им се заблагодари на граѓаните на Виница и пошироко на цела Македонија што излегоа на избори и дадоа масовна поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата со заокружување на број 9.
Исто така, Мицкоски упати повик до сите оние коишто во првиот круг останаа дома и коишто не гласаа, мислејќи дека на тој начин ќе покажат некаков пркос, ќе испратат некаква порака којашто, никој не ја препознава, да излезат масовно на гласање и да го искористат своето граѓанско право на избор.
„Денеска сме сведоци како дел од нашите граѓани коишто се на привремена работа надвор од Македонија, најчесто во западно европските земји доаѓаат во општина Брвеница, во општина Кичево мислејќи дека на тој начин ќе помогнат да двајца кандидати коишто се во тие општини ќе станат и градоначалници. Нема да успеат, но сепак, сите оние коишто во Виница одлучија во првиот круг да останата дома и кои се двоумат дали во вториот круг треба да излезат и да гласаат, ова нека им биде патоказ како треба да се брани својот интерес. А нашиот интерес, овде во Виница, пред сè и над се да имаме голема излезност и се разбира дека при една таква голема излезност бројот 9 ќе биде масовно поддржан. Не дозволувајте некој друг да ја креира вашата иднина седејќи дома, зошто тие што ќе излезат на овие избори имаат право да ја моделираат иднината на Виница и на Македонија. Со седење дома и покажување некој револт или пркос ништо нема да се добие. Затоа излезете и гласајте, затоа што на тој начин вие сте суверен на вашата иднина, никој друг нема да мисли подобро отколку што вие мислите за вашата иднина“, истакна Мицкоски.
Мицкоски испрати порака и до поддржувачите и симпатизери на СДСМ на изборите во недела да го заокружат бројот 9 за да почне катарзата и реформите во партијата и да не да го легитимираат ова партиско раководство кое СДСМ ја доведе во фаза на исчезнување.
„Знам дека не ви е пријатно и се чувствувате разочарани кога гледате како некогаш големата СДСМ едвај ја поминува границата од стотина илјади гласови, знам дека ви е тешко ова да го гледате. Но, на овие избори кога ќе бидете позади параванот, со гласачкото ливче пред вас и со пенкалото во рака имате две опции. Едната опција е да го поддржите против кандидатот на Митко, којшто доаѓа од СДСМ и на тој начин да го легитимирате ова партиско раководство кое не ја донесе СДСМ под биолошкиот минимум, туку буквално ја донесе СДСМ во фаза на исчезнување. И втората опција која е пред вас е да го поддржите Митко и бројот 9 и на тој начин да отпочне процес на внатрешна катарза, на внатрешна реформа во рамките на СДСМ. Бидејќи, верувајте, и 61 пратеник во Парламентот и 60 градоначалници и апсолутна власт на ВМРО-ДПМНЕ и апсолутна дисциплина што до сега е невидена на политичката сцена во Македонија, имаат потреба од силна и политички стабилна СДСМ“, порача Мицкоски.

