Македонија
Тренчевска: Ги мапиравме најранливите граѓани, исплатата на финансиска поддршка започна со пензионерите
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска оддржа прес конференција за медиумите за финансиската поддршка за ранливи категории на граѓани согласно Законот за финансиска поддршка за ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза.
Во своето обраќање пред медиумите министерката се осврна на досегашните антикризни мерки креирани од Владата започнувајќи од здравствената предизвикана од пандемијата со Ковид 19 и последователно економската и енергетската.
„Во услови кога се сеуште се чувствуваат последиците од светската криза, како Влада и ресорно министерство го донесовме Законот за финансиска поддршка на ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза. Ги мапиравме оние граѓани кои во моментот се најранливи. Законот предвидува финансиската поддршка за неколку категории ранливи граѓани, “истакна Тренчевска.
Согласно законот опфатени се: корисници на право на социјална сигурност на стари лица, корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост, со попреченост и трајни промени во здравствената состојба, кои користат надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат право на надоместок заради попреченост, без потреба од контролен преглед,самохрани родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош,корисници на право на пензија во висина до 14.000 денари, корисници на право на надоместок за телесно оштетување и невработени лица-корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок.
Министерката потенцираше дека, исплатата на паричната помош за пензионерите со пензии пониски од 14.000 денари го врши Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, и првата исплата од четирите исплати е извршена со пензијата за месец декември.
Исто така, тука влегува и надоместокот за телесно оштетување кое го исплаќа Фондот.
„Пензионерите кои земаат пензија не поголема од 11.525 денари месечно, месечно добиваат по 1.500 денари месечно, за период од четири месеци. Пензионерите со пензии од 11.526 денари и не поголема од 14.000 денари месечно, добиваат помош од 750 денари месечно, за период од четири месеци. Корисниците на надоместокот за телесно оштетување добиваат по 750 денари месечно, за период од четири месеци,“ рече Тренчевска.
Таа информираше дека на 12 декември (понеделник) Министерството за труд и социјална политика ќе ја исплати паричната помош за : корисниците на правото на социјална сигурност на стари лица, корисниците на посебен додаток, на правото на надоместок заради попреченост, надоместокот за попреченост и трајни промени во здравствената состојба, кои користат надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат право на надоместок заради попреченост, без потреба од контролен преглед и самохраните родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош.
Овие граѓани ќе добијат финансиската поддршка од 3.000 денари месечно, за период од четири месеци.
Министерката извести дека, на 14 декември (среда) ќе биде исплатена и паричната помош за невработени лица – корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок, од страна на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.
Овие лица ќе добијат финансиската поддршка од 3.000 денари месечно, за период од четири месеци.
Граѓаните имаа можност да проверат дали се на списоците објавени на веб страниците на Министерството за труд и социјална политика, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и на Агенцијата за вработување.
Исто така, имаа можност доколку не некој не се наоѓа на списоците, а смета дека ги исполнува условите да биде корисник на финансиската поддршка за некоја од категориите, да поднесе приговор во Архивата на министерството и на официјалниот меил на министерството.
Комисијата формирана за одлучување по приговори за финансиска поддршка одлучува во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на приговорот.
Притоа, за одобрените приговори доставува известување до подносителот и до институциите, а за одбиените приговори до подносителот.
„Со донесувањето на овој закон и со исплаќањето на финансиската поддршка за најранливите категории на граѓани, обезбедуваме полесно справување со енергетската криза. Како Влада ветивме дека никој нема да биде оставен сам, особено во време на криза и тоа го правиме. Продолжуваме да се грижиме за сите граѓани, со акцент на најранливите, “порача Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

