Македонија
Тренчевска: Граѓанскиот сектор е наш партнер во унапредувањето на социјалните услуги
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска се сретна со претставниците на Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“, на која се разговараше за досегашните и идни активности на здружението.
Ова здружение претставува сервисна служба за асистивна технологија што нуди три вида услуги за деца со попреченост: индивидуализирана поддршка за користење компјутер и интернет, индивидуална процена на потребите од асистивна технологија и советодавно-консултативна поддршка за примена на асистивната технологија. Претставниците информираа дека услугите се засновани на пристапот насочен кон личноста и имаат цел да го поттикнат личниот развој на децата со попреченост. Преку примената на технологијата и професионалниот тим од специјални едукатори, логопеди и лица од ИТ-секторот оваа организацијата претставува единствена и уникатна сервисна служба во нашата држава.
Министерката Тренчевска истакна дека вклучувањето и подобрувањето на положбата на децата и лицата со попреченост е еден од клучните приоритети на Министерството за труд и социјална политика и на Владата на Република Северна Македонија. Таа ја изрази поддршката кон здружението во нивните активности и изрази подготвеност за заеднички активности и проекти што имаат цел унапредување и воведување нови социјални услуги, кои ќе го унапредуваат квалитетот на живот на децата со попреченост и ќе помогнат до нивно поголемо вклучување во секојдневниот живот.
Во наредниот период заеднички ќе се развиваат раната интервенција, услугите за советување на семејствата што имаат деца со попреченост, како и примената на асистивната технологија, со цел зајакнување на социјалните услуги, зголемување на нивната пристапност и достапност, а се во најдобар интерес на децата со попреченост од најрана возраст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

