Македонија
Тренчевска: Грижата за лицата со попреченост е наша одговорност и приоритет
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се сретна со родителите на децата со попреченост кој најавуваат протести за да ги слушне нивните барања, а со цел да се разгледаат реалните можности за нивно реализирање.
Министерката се осврна на социјалната реформа со која правата и услугите за лицата со попреченост видливо се подобрени.
„Правото за попреченост се прошири и за лицата со интелектуална попреченост, додека додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголемува до 50% од просечна нето плата без разлика на возраста на децата,“ рече Тренчевска.
Таа информираше дека, за првпат во нашата држава, се воведе услугата персонална асистенција за лица со потешка или најтешка телесна попреченост и потполно слепи лица финансирана од Буџетот на МТСП, како и услугата помош и нега во домот за децата и лицата со интелектуална попреченост или стари лица со намалена функционалност.
„Воведовме додаток – траен надоместок за родител, во висина на 8000 денари, кој се грижел за детето со попреченост до неговата 26 годишна возраст без истото да користи услуга на вон-семејна социјална заштита (сместување во институција), кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 62 години на живот за жена, односно 64 години на живот за маж,“ посочи Тренчевска.
Владата од оваа учебна година обезбеди средства за вработување на 500 образовни асистенти во наставата за кои се обезбедени 216 милиони денари и кои се поддршка на наставниците во работата со учениците со попреченост, а Министерството за труд и социјална политика направи законски измени со кои возрасната граница за користење на услугата на личната асистенција ја намали од 18 години на 6 години, со што сакаме да го поддржиме вклучувањето на децата во редовниот образовен систем и во општеството во целина.
Министерката информираше и за програмите и мерките на Оперативниот план, кои предвидуваат oбука и вработување на невработени лица за обезбедување услуги на грижа во заедницата. Лицата кои ќе се обучат можат да бидат даватели на социјалните услуги, услуги за одмена на семејна грижа, и социјално-здравствени услуги со кои се обезбедува долготрајна грижа за болни лица. Ова е можност и за невработените родители за деца со попреченост да се обучат и вработат , со што ќе обезбедат приход за себе и своето семејство.
Потенцираше дека за Владата и Министерството за труд и социјална политика, грижата за ранливите категории граѓани, особено лицата со попреченост е високо на агендата на приоритети. Потврда за тоа е непосредноста и отвореноста за комуникација со цел да се разговара за потребите и предизвиците на лицата со попреченост и нивните семејства, а со цел да се унапредат нивните права, посочи таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Над 19.000 сообраќајни прекршоци во февруари регистрирани преку „Безбеден град“
Во периодот од 1 до 28 февруари од страна на системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и Коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 19.066 прекршоци.
Од вкупниот број на регистрирани прекршоци најголемиот број се за управување на возило со брзина поголема од дозволената 18.172, потоа за минување на затворен сигнал (црвено светло) 220 прекршоци, а за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола констатирани се 674 прекршоци.
Исто така, изречени се вкупно 653 мерки „забрана за управување со возило“, од кои 220 се за „минување на црвено светло“, а 433 се за „брзо возење“.
Гледано по седмици, најголем број на прекршоци се регистрирани во периодот од 02 до 08 февруари-4.991, а најмал во периодот од 09 до 15 февруари – 4.490, додека по денови најмногу на 28 февруари, а најмалку на 11 февруари – 377. Изминатиот месец дневниот просек изнесува 706 прекршоци.
Најголем дел од прекршоците се регистрирани на подрачје на град Скопје-12.073 или 63,3% од вкупниот број на регистрирани прекршоци. Значаен дел од прекршоците се регистрирани и на патните правци долж Коридорите 8 и 10-вкупно 5.702, а најмал број на подрачјето на СВР Тетово – 370 и останати локации-17 прекршоци.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи за заеднички придонес за посигурни и побезбедни патишта.
Македонија
Интеграциите во ЕУ и управувањето со отпад во фокусот на средбата меѓу Хоџа и чешкиот амбасадор
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска се сретна со амбасадорот на Република Чешка во Република Северна Македонија, Јарослав Лудва. На средбата беше потврдена одличната билатерална соработка и пријателските односи меѓу двете земји, со акцент на можностите за нивно понатамошно продлабочување.
Министерот Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Чешката Република ѝ ја дава на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, истакнувајќи ја и активната улога на чешката амбасада во Скопје во унапредувањето на соработката во областа на животната средина.
Во тој контекст, на средбата беше направен осврт и на заклучоците од последната седница на Мешовитата комисија за економска соработка, одржана во март 2025 година во Прага, како и на остварените контакти меѓу ресорните министерства. Се разговараше за квалитетот на воздухот, контролата на индустриското загадување и современите практики во управувањето со отпад, вклучително и искуствата од посетата на центарот за управување со отпад на градот Прага.
Македонија
„Визер“ привремено ги прекинува летовите кон повеќе дестинации на Блискиот Исток
Авиокомпанијата „Визер“ соопшти дека поради неодамнешната ескалација на безбедносната состојба во Иран ги суспендира сите летови кон и од Израел, Дубаи, Абу Даби, Аман и Саудиска Арабија, заклучно со 7 март.
Од компанијата информираат дека континуирано ја следат состојбата и се во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност во воздухопловството и други релевантни институции. Во зависност од развојот на ситуацијата, можно е да бидат донесени дополнителни оперативни одлуки и да дојде до измени во распоредот на летови.
„Визер“ наведува дека ќе ги информира патниците за сите очекувани промени што е можно поскоро. Патниците кои направиле резервација преку трети страни треба да се обратат директно до нив за дополнителни информации.
Од компанијата нагласуваат дека безбедноста и сигурноста на патниците, екипажот и авионите останува нивен највисок приоритет. Патниците со засегнати резервации ќе бидат директно контактирани со информации за достапните опции.

