Македонија
Тренчевска: Да зборуваме секој ден за насилството, заедно да зајакнуваме и поттикнуваме
Во организација на канцеларијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија беше организирана Тркалезна маса „Спречи, одговори, заштити: Како да се зајакне борбата против родово базираното насилство врз жени и девојки во Република Северна Македонија“. Настанот е организиран во рамките на 16 денови активизам за борба против родово базирано насилство. На тркалезната маса министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска зборуваше на тема „Улогата на институциите во борбата против семејното насилство“.
„Како институции заедно со граѓанските организации и агенциите, за родово базираното насилство не зборуваме само овие 16 денови за борбата против насилството туку зборуваме секој ден, како за она што го имаме направено, така и за она што треба да го направиме. Насилството е комплексна работа и затоа треба да се вклучат и во превенцијата и заштитата сите релевантни чинители“ рече Тренчевска.
Таа во делот на законската рамка и заложбите на Владата во однос на насилството ја истакна ратификацијата на Истанбулската конвенција резултираше со донесувањето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство донесен во 2021 година. Покрај тоа министерката истакна дека покрај законските рамки по претрпено односно извршено насилство потребно е да се работи со жртвите меѓутоа и со насилниците.
„Воспоставивме 13 специјализирани сервиси за згрижување на жени жртви на семејно насилство и родово базирано насилство (засолништа) во 6 плански региони. Покрај засолништата, Министерството за труд и социјална политика има воспоставено и специјализирани советувалишта на територијата на Република Северна Македонија во 7 Плански региони. Воспоставени се 10 специјализирани советувалишта за жени жртви на насилство и семејно насилство и 8 специјализирани советувалишта за психо-социјален третман за сторители на семејно насилство“ истакна Тренчевска.
Таа во нејзиното обраќање истакна дека законската рамка иако е најчесто повторувана во јавноста и во изјавите тоа е почетната точка во борбата против насилството меѓутоа истакна дека борбата ќе биде целосна само кога ќе се вложува подеднакво и на социјалниот аспект во помош и превенција од родово базирано насилство. Министерката зборуваше за важноста од економското зајакнување, образованието и менталното здравје во борба против насилството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.