Македонија
Тренчевска: Еднакви можности, пристап до пазарот на труд, праведни услови за работа – во сржта на националните политики
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска е во работна посета на Брисел по повод одржувањето на билатералниот скрининг-состанок за Поглавјето 3.19, Вработување и социјална политика, кое е дел од Кластерот 3, „Конкурентност и инклузивен раст“.
Билатералниот состанок почна со тема „Европскиот столб на социјални права“, на која Тренчевска во своето воведно обраќање зборуваше за националните клучни реформи и иницијативи, како и предизвици и идни планови во однос на 20-те начела на Европскиот столб за социјалните права. Таа посочи дека овие начела, кои ја претставуваат општата стратегија за посилна социјална Европа, се интегрирани и се гарантираат во нашиот правен поредок, Уставот и законите.
„Еднаквите можности, пристап до пазарот на труд, праведни услови за работа и инклузивност се во сржта на националните политики и законодавство и тие се насочени кон создавање праведна и одржлива економија, која ја искоренува сиромаштијата, кон подобрување на животниот стандард на граѓаните, а особено на најранливите категории граѓани“, истакна Тренчевска.
Се осврна на областа „Вработување и социјална политика“, која е динамична област и во континуитет се врши усогласување со европското законодавство и практиките.
„Подготвивме нов закон за работни односи, со кој се унапредува правната рамка за заштита на правата на работниците. Законот ќе биде усогласен со европското право и меѓународните трудови стандарди. Овој закон се подготвуваше преку широк процес на учество и консултации на сите релевантни субјекти вклучувајќи ги организациите на работодавците и синдикатите, судиите, академската заедница и други засегнати страни“, истакна Тренчевска.
Зборувајќи за новиот закон за работни односи, министерката ги потенцира клучните новитети во оваа областа, како што се новите форми на договори за вработување, уредување транспарентни и предвидливи услови за работа и создавање достоинствени работни места, еднаквите можности на работниците со семејни обврски, воведување на татковско и родителско отсуство и друго. Таа се осврна на ефикасно функционирање на социјалниот дијалог на сите нивоа, политиките за вработување млади, младинската гаранција, вработувањето на Ромите, долгорочно невработени нискоквалификуваните и лицата со попреченост како приоритетни цели.
„Социјалната економија вградена во стратешките и владините приоритети ја препознаваме како огромен потенцијал за социјална интеграција и работно интегрирање на ранливите групи граѓани на пазарот на трудот“, рече Тренчевска и додаде дека Министерството работи на закон за социјални претпријатија, кој ќе ги уреди основните карактеристики на социјалните претпријатија, начелата и заедничките вредности на дејствување.
Министерката зборуваше и за реформите во областа на социјалната вклученост и заштита. Се осврна на социјалната помош, која е редизајнирана во гарантирана минимална помош, со цел да се задоволат минималните егзистенцијални потреби за сите што немаат доволно средства за живеење. Потоа, инвестиции во детската заштита и обезбедување поголема пристапност во предучилишното воспитание. Успешното спроведување на Националната стратегија за деинституционализација 2027 година за лицата со попреченост. Како резултат на тоа, нема деца и млади во ниту една од резиденцијалните социјални установи. Во согласност со Законот за социјалната заштита воспоставен е систем на лиценцирање даватели на социјални услуги. Досега лиценцирани се над 80 даватели на социјални услуги (здруженијата на граѓани и приватните субјекти), кои може да ги користат над 2.700, претежно стари лица, но и лица со попреченост, деца и нивните семејства.
„Верувам дека, како и досега, така и во иднина ќе продолжиме со справување и надминување на предизвиците што доаѓаат со трансформацијата на економијата и пазарот на трудот, зелената транзиција, дигиталната транзиција, инвестициите во децата и младите и обезбедување вистински пристап до социјална интеграција и можности за просперитетен живот за сите наши граѓани“, порача Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осомничениот за двојното убиство Љупчо Палевски – Палчо, спроведен во Кривичниот суд: одреден му е притвор од 30 дена
Осомничениот за двојното убиство во Скопје и Велес од ноември минатата година, Љ.П. кој на 15.05.2024 година беше екстрадиран од Р.Турција, по наредба на судија на претходна постапка денeска беше спроведен во Основниот кривичен суд Скопје за да се произнесе во однос на мерката притвор определна во негово отсуство, а по предлог на Основното јавно обвинителство – Скопје, соопшти Кривичниот суд.
„По признесување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, поставен по службена должност, судија на претходна постапка донесе решение со кое на осомничениот му се определува мерка притвор во траење од 30 дена која започнува со нејзино реализирање од денот на неговиот прием во Истражниот затвор Скопје, а заради постоење на околностите од чл. 165 ст. 1 точка 1,2 и 3 односно постојат околности дека може да се даде во бегство, може да ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоците, и околности кои упатуваат дека ќе го доврши или повтори кривичното дело.
Против ова решение странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд“, се истакнува во информацијата.
Македонија
Пороен дожд, град и силен ветер во Качаничката клисура и Скопска Црна Гора
Во подрачјето околу Качаничката Клисура и Скопска Црна Гора има значително нестабилна облачна маса и во ова подрачје има интензивен пороен дожд, чести грмежи, силен ветер и појава на град, известува УХМР.
Правецот на движење на оваа нестабилна маса е од запад кон исток, односно во правец кон Куманово.
Македонија
30-дневен притвор за судијата Наќе Георгиев
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, за определување мерка притвор против Н.Ѓ., за кој постои основано сомнение за кривичното дело примање награда за против законито влијание од чл. 359 од КЗ, донесе решение со кое: По произнесување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, како и ценење на фактите и доказите приложени од страна на Јавниот обвинител донесе решение со кое предлогот се уважува, а на осомничениот му се определува мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од чл. 165 ст. 1 точка 2 и 3 односно може да ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоците, и околности кои упатуваат дека ќе го доврши или повтори кривичното дело.
Против ова решение, како што е наведено во соопштението од Кривичниот суд, странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Од оваа институција информираат дека, по добивање на предлогот за определување на мерка притвор против осомниченот, кој е актуелен Врховен судија, Кривичниот суд се обрати до Судскиот совет на РСМ како надлежен за одлучување во однос на имунитетот на судијата за што советот донесе одлука:
„Судскиот совет на Република Северна Македонија на 487-та итна нејавна седница одржана на ден 21.05.2024 година расправаше и одлучуваше по барање на Основен кривичен суд Скопје за одземање на имунитет на судија и за одобрување на притвор на судија и ги донесе следните одлуки:
Го одзема имунитетот на судија на Врховниот суд на РСМ, заради непречено водење на кривичната постапка;
Го одобри барањето за одобрување на притвор на судија на Врховниот суд на РСМ поднесено од судија на претходна постапка на Основниот кривичен суд Скопје и
времено го оддалечи од вршење на судиската функција судијата на Врховниот суд на РСМ, до правосилно завршување на кривичната постапка“, е наведено во одлуката.
А, по добивање на одлуката на Судскиот совет, судијата на претходна постапка се обрати и до надлежниот Апелационен суд Скопје, со оглед да член на потесното семејство на осомничениот е избран судија во Основниот кривичен суд Скопје кој веднаш по изборот е времено делегиран да постапува во друг суд, а со цел доследно почитвање на Законските одредби и надлежноста во постапувањето. Од второстепениот суд е добиено решение според кое не постојат законски пречки судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје да постапува по предлогот на ОЈО ГОК, по што е донесено горенаведеното решение, соопшти Кривичниот суд.