Македонија
Тренчевска: Институциите, граѓанскиот и меѓународниот сектор заедно може да направат многу повеќе во борбата против насилството
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, заедно со амбасадорот на Британија во Република Северна Македонија, Метју Лосон, градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов, претставничката на УНФПА, Афродита Плавјанска-Шалја, го посети здружението на граѓани „Скај плус“, Струмица, кое, покрај засолниште, има воспоставено и советувалиште за жени жртви на семејно насилство и нивните деца во општина Струмица.
Владата на Република Северна Македонија, со поддршка од британската амбасада, презеде цврсти чекори во заштитата на жртвите на семејно насилство и родово базирано насилство и овозможување соодветни услуги за заштита и поддршка на жртвите на насилство и нивните деца.
„Скај плус“ како засолниште за жртви од насилство е пример за модел на соработка кој ги вклучува сите клучни фактори – Министерството за труд и социјална политика, локалната самоуправа, полицијата, граѓанското општество и приватниот сектор“, истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Таа посочи дека потребно е следење на текот на живот на жртвата со цел повторно интегрирање во општеството.
„Животот на жените што се жртви на семејно насилство е исполнет со предизвици и затоа ние како општество, пред сѐ, треба да работиме на градење на нивната самодоверба преку креирање можности за развој и напредок. Токму тоа го промовираме со кампањата што ја спроведуваме како Министерство за труд и социјална политика – „Гласна и храбра“, целта ни е жените жртви на семејно и родово базирано насилство економски да се зајакнуваат и да ја разберат важноста на менталното здравје во повторно интегрирање во општеството и да ја разберат силата што ја имаат во себе, а која им е клучна кон градењето комплетна благосостојба. Затоа што за нас е важно секој еден во нашата држава да има достоинствен живот, како и еднакво да ги ужива сите права. И кога жените го користат својот максимален потенцијал, тогаш ние влијаеме на искористување на потенцијалот на нивните деца, а со тоа трансгенерациски ги искоренуваме повторените однесувања,“ рече Тренчевска.
Амбасадорот Метју Лосон го истакна значењето на поддршката на жените и девојките што претрпеле семејно насилство.
„Тоа е неверојатно важно прашање и навистина мислам дека фактот да се биде во Струмица заедно со граѓанскиот сектор, заедно со локалната самоуправа е навистина добар пример за соработка помеѓу партнерите во оваа земја и меѓународните партнери изаедничката поддршка насочена кон жените и девојките и ова прашање останува да биде приоритет за британската влада преку нашата работа во оваа земја“, истакна амбасадорот Лосон.
„Како УНФПА, се гордееме што го препознавме моделот на соработка со сите локални фактори кои успешно го применуваат шелтер-центарот ‘Скај плус’ од Струмица и со поддршка на британската амабасада помагаме овој модел да се примени и во други општини.
Заедно со нашите партнерски институции и организации работиме на неколку полиња во унапредување на сервисите за жртвите и преживеаните. Помогнавме да се заокружи законската рамка преку сите подзаконски акти, да се изработи протоколот за мултисекторско постапување и соработка и да се дизајнира модел на интегрирано собирање и анализа на податоци за родово базирано и семејно насилство. Преку заедничките кампањи и локални средби, интензивно работиме услугите да бидат достапни, особено до ранливите категории жени и девојки. Не застануваме тука бидејќи само заеднички можеме да ги подобриме услугите, а воедно и да му ставиме крај на насилството“, порача Афродита Плавјанска-Шаља пред присутните.
Градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов, ја изрази поддршката на Општината во борбата против родово базираното насилство и заштита на жените од семејно насилство.
„Општина Струмица го држи врвот и нема намера да се симне од него. Така е во многу области, така е и во областа на згрижување на жените – жртви на семејно насилство и нивните деца. Струмичкиот шелтер-центар како позитивен пример за соработка на здружението на граѓаните ‘Скај плус’ и Општина Струмица е вистински доказ за тоа“, порача Костадинов.
Стојне Митева од здружението „Скај плус“ изрази огромна благодарност и од име на „Скај плус“ и од Општина Струмица кон бртанската амбасада и УНФПА.
„Навистина, без нивната поддршка немаше ниту да се создадат услови за напредок на организацијата и сите внатрешни документи што и се потребни на организацијата со цел комплетна заштита на жртвите на семејното насилство, но и изработката на прирачникот, секако повторно под капата на УНФПА и британската амбасада. Јас сум бескрајно благодарна за тоа што амбасадата дозволи прирачникот да се појави и да биде достапен и онлајн, па така букварот како до шелтер-центар, односно до реплицирање на моделот, во кој ќе бидат вклучени сите фактири во општеството зашто само така можеме да се избориме со болката што ја чувствуваат, за жал, многу жени во Струмица, во земјата, во регионот“, истакна Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“

