Македонија
Тренчевска: Иднината да ја градиме од младите за младите
На одбележувањето на почетокот на активноста на УСАИД за млади, кои активно создаваат можности, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, имаше воведно обраќање и потоа активно се вклучи во дискусија со младите.
„Младите се движечка сила во секое општество вклучувајќи го и нашето и токму затоа иднината треба да ја градиме со нив и за нив. Знаеме дека не само иднината туку и сегашноста зависи од младите, а успехот на младите зависи од можностите што ние ги обезбедуваме за нив. Верувам и знам дека тука ние имаме млади со огромен потенцијал“, истакна Тренчевска.
Министерката со своето обраќање со прашањето „Како да ги мотивираме младите да останат во својата заедница, да се вклучат на пазарот на труд и да се граѓански активни?“ ги мотивира да се вклучат во активна дискусија.
Таа воедно ги поттикна да ги користат мерките од Оперативниот план и посочи дека тој за наредната година ќе биде заснован на истражувањето што Министерството за труд и социјална политика го спроведува со УСАИД, во кое младите ги искажуваат своите потреби и интереси.
„Гласот на младите е многу важен и ние сме тука да ве слушнеме. Еден од стратешките приоритети на Министерството е намалувањето на невработеноста кај младите, што е клучно за градење поинклузивно општество. Во соработка со партнери како УСАИД се стремиме да им дадеме можности на младите да ги стекнат потребните вештини за успешна кариера и да дадат значаен придонес за нашата економија, со што заедно ќе создадеме попросперитетна иднина за сите“, истакна Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
И денес врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 14 до 18 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремен слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне 17 степени.
Според прогнозата на УХМР, во понеделник ќе се задржи претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 литри на квадратен метар за 24 часа) со појава на грмежи.
-Во вторник претпладне ќе има повремен локален дожд, а преку денот ќе дува умерен, долж Повардарието повремено засилен северен ветер. Во деновите потоа времето ќе биде стабилно и суво со пониски утрински температури, соопшти Управата за хитрометеоролошки работи.
Македонија
Кардиохирурзите Колев и Џелили на обука во Клиниката за кардиохирургија во Бордо, Франција
Кардиохирурзите при ЈЗУ Клиника за кардиохирургија, Скопје, Александар Колев и Кујтим Џелили престојуваат на Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, Франција, каде учествуваат на работилница за запознавање и обука со некои од најиновативните техники во совремата кардиохирургија.

-Заедно со мојот колега Кујтим Џелили имавме одлична можност да учествуваме на едукативна работилница во Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, организирана од Петерс.
Под менторство на водечките професори Томас Модин, Луис Лаброус и Џулијан Пелтан, се запознавме со некои од најнапредните техники во современата кардиохирургија. Меѓу нив најсофистицирана и најпрефинета беше употребата на роботскиот систем на Да Винчи за поправка на митралниот вентил, како и други минимално инвазивни кардиохируршки процедури. Преку практични тренинг сесии, вежбавме креирање на анастомози на реални модели, користејќи некои од најновите помошни хируршки апарати, напиша кардиохирургот Колев на неговиот фејсбук профил.

Тој особено го потенцира фактот дека кардиохирургија, како една од поновите гранки на медицината, продолжува да се развива и брзо напредува.
-За нас, како кардиохирурзи кои доаѓаат од мала земја како Македонија, од особено значење е да останеме во тек со овие иновации, со цел да обезбедиме највисок можен квалитет на третман за нашите пациенти, наведува д-р. Колев.
Македонија
Ѓорѓиевски на фејсбук објави дека најдоброто за Скопје допрва доаѓа
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук објави видео од активностите што се преземаат за чистење на главниот град, согласно неговото ветување за темелно чистење на Скопје во првите 72 часа од преземањето на мандатот.
-Скопје го правиме заедно, ви го дадов мојот збор! Се чисти кејот на реката Вардар. Се поставуваат украсни канделабри на плоштадот „Македонија“. Најдоброто, доаѓа!, објави Ѓорѓиевски попладнево на неговиот фејсбук-профил.
Акцијата за чистење Ѓорѓиевски ја почна завчеравечер по примеопредавањето на функцијата од досегашната градоначалничка, и како што самиот изјави, акцијата би требало да заврши утревечер.
Деновиве со механизација и рачно се чисти коритото и косините на Вардар, се отстранува кабаст отпад и пластични шишиња и се расчистува земјен материјал насобран во централниот дел на кејот, а се празнат и контејнерите од ѓубре.
Во акцијата се вклучени луѓе и опрема од комуналното претпријатие на Скопје, како и механизација и екипи од ЈП „Улици и патишта”- Скопје.

