Македонија
Тренчевска и Бочварски: Сите граѓани се еднакво важни, инвестираме на територијата на целата држава со цел подобар животен стандард
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, посетија две локации во општина Кавадарци: објектот „Сонце“ од ЈОУДГ „Рада Поцева“, инвестиција на Министерството за труд и социјална политика, и реконструираната улица Димката Ангелов-Габерот, инвестиција преку Министерството за транспорт и врски.
Министрите Тренчевска и Бочварски во објектот „Сонце“ од ЈОУДГ „Рада Поцева“ направија обиколка во градинката и проследија дел од активностите што беа изведувани од страна на децата од градинката.
Тренчевска во својата изјава за медиумите, по посетата во градинката, ги истакна досегашните инвестиции на Министерството за труд и социјална политика во општина Кавадарци.
„Само во општина Кавадарци од 2017 година до сега отворивме 5 нови објекти, со што обезбедивме места во градинката за вкупно 363 деца. Владата преку капиталните инвестиции на Министерството за труд и социјална политика инвестира само во општина Кавадарци за градежни активности и опрема во детските градинки вкупно 1,049,863 евра. Денес, утрото го поминавме во објектот ‘Сонце’ од детската градинка ‘Рада Поцева’, кој има капацитет за 140 деца. Овој модерен објект со современа опрема е инвестиција на Министерството за труд и социјална политика преку проектот за подобрување на социјалните услуги финансиран од Светската банка. За овој објект издвоивме 50.219.379 денари за градежни активности и 8.515.702 денара за набавка, испорака и монтажа на опрема“, рече Тренчевска.
Министерот Бочварски заедно со Тренчевска направи и увид на реконструирана улица Димката Ангелов-Габерот, инвестиција преку Министерството за транспорт и врски.
При посетата на Кавадарци министерот Бочварски потенцира дека граѓаните на Кавадарци добиваат квалитетни проекти со кои се подигнува квалитетот на живот, подобри патишта и развој на локалната економија.
„Преку Министерството за транспорт и врски инвестираме 1,1 милион евра само за подобрување на локалните улици и до сега ги реконструиравме: улиците Дисанска, западен булевар, Илинденска, Пионерска, Браќа Џунови, Димката Ангелов-Габерот, на која се наоѓаме денеска.
Понатаму, улиците Слога, Вељко Влаховиќ и Максим Горки.
Оттука, сакам да најавам дека в година ќе ги реконструираме и улиците Ѓорѓи Соколов и 25 Мај за кои постапките во Министерството за веќе почнати.
Исто така, инвестиравме 2,5 милиона евра во делот на комуналната инфраструктура на 11 улици. А она што е најважно е дека со силна динамика работиме на изградба на експресниот пат од Градско кон Прилеп како директен бенефит за сите граѓаните од Кавадарци и регионот“, изјави министерот Бочварски.
На посетата на инвестициите беа присутни и пратениците Даниела Колева и Панчо Минов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

