Македонија
Тренчевска: Младите сами треба да бидат дел од креирањето на можностите за кариера
Министерството за труд и социјална политика во рамките на активноста на УСАИД во заедничка соработка, денес најави истражување со наслов „Младински аспирации за кариера и вештини“. Целта на истражувањето е да се добие реална слика од страна на младите за нивните интереси за градење кариера и вклучување на пазарот на трудот.
На настанот, кој беше организиран со цел промоција на истражувањето, се обратија министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, и Кристофер Доџ, в.д. директор на УСАИД-канцеларијата за економски развој.
Министерката на почетокот од своето обраќање ја истакна важноста на соработката на Министерството за труд и социјална политика и УСАИД и посочи дека истражувањето „Младински аспирации за кариера и вештини“ е плод на заедничките заложби за подобри услови за младите во нашата земја.
„Особено ме радува тоа што истражувањето, кое ќе се презентира денес, е всушност плод на неколкумесечната работа токму на млади истражувачи, анкетари и фасилитатори на фокус групи токму на крајот на годината кога се пребројуваат научените лекции од оваа што изминува и се креираа насоките за следната“, истакна Тренчевска.
Таа додаде дека истражувањето треба да даде јасна слика за тоа кои професии ги привлекуваат младите и зошто, кои се нивните очекувања од работните позиции и кои вештини сметаат дека им се потребни за да бидат конкурентни на пазарот на трудот.
„Поконкретно, новиот оперативен план за 2024 година ќе го креираме токму според добиените резултати и потребите на младите, а ќе работиме заедно со младите и на поголема промоција за младите да бидат информирани за можностите што им стојат на располагање.
Во оваа пригода би сакала да ги охрабрам младите да ги користат мерките и услугите што се нудат во рамките на оперативниот план за активни мерки и програми. Како и до сега, во планот ќе бидат опфатени разни видови мерки и услуги, без оглед на тоа дали станува збор за вработување или самовработување, практикантска работа или обуки “ рече Тренчевска.
На крајот од обраќањето министерката истакна дека како Министерство за труд и социјална политика продолжува да биде во постојан контакт со младите и да биде главниот слушател на нивните барања. Според неа, целта на овие постапки е промовирање на благосостојбата на младите, поддршка во одржување на нивното менталното здравје, но и охрабрување да ги реализираат своите соништа преку активација на пазарот на труд и поголема општествена вклученост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На свечена церемонија, утре Пендаровски ќе и’ ја предаде функцијата на Силјановска-Давкова
Во Кабинетот на претседателот, утре – 12 мај ќе се одржи официјална церемонија на примопредавање на функцијата Претседател со највисоки државни и воени почести.
По свечената церемонија новоизбраната претседателка Гордана Силјановска Давкова и претседателот Стево Пендаровски предвидено е да остварат тет-а-тет средба.
Државната изборна комисија денеска и’ го издаде уверението за избран претседател на Гордана Силјановска-Давкова. ДИК ќе треба да достави извештајот до Собранието за да биде закажана седница за утрешната инаугурација на Силјановска Давкова. Потоа таа пред пратениците ќе треба да даде свечена изјава по која ќе почне нејзиниот мандат.
Мандатот на Пендаровски истекува утре.
Македонија
Aхмети тврди дека со челниците на „Вреди“ во јануари потпишале декларација дека ќе владеат само со партии што поддржуваат уставни измени
ДУИ тврди дека и првите луѓе на коалицијата „Вреди“ (Влен), со кои ВМРО-ДПМНЕ договара коалицирање во новата Влада, се потписници на декларација во која уверуваат дека ќе владеат заедно само со оние политички партии кои се согласуваат да ги поддржат уставните измени.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на денешниот собир на претставниците и членството на коалицијата рече дека декларацијата била потпишана во јануари годинава.
Во неа, се наведува дека почетокот на преговорите со Европската Унија (ЕУ) носи стратешки и значајни придобивки за нашата земја, а потписниците со обединет глас се придружуваат да одговорат на итната потреба за решавање и стабилност во земјата.
„За овие цели ние како политички партии изјавуваме: ‘Ние, долупотпишаните политички партии, имајќи ја предвид состобата во која се наоѓа државата и должноста што jа имаме кон граѓаните, чувствуваме обврска да изјавиме дека сме целосно решени, сега и во иднина да соработуваме и да владееме заедно само со оние политички партии кои се согласуваат да ги поддржат уставните измени како услов за продолжуванье на процесот на интеграција на земјата во ЕУ. Потписи на партиски претставници (наредени по азбучен ред): Арбен Таравари, Африм Гаши, Али Ахмети, Билал Касами и Изет Меџити“, стои во документот што го прочита Ахмети.
Претпладнево се случи првата рунда на преговори помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Влен, по којашто партиите соопштија дека ги договориле општите начела за идната Влада, која ќе се базира на три постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото.
Од тука додадоа дека двете страни ќе формираат работни групи, на кое ниво ќе продолжат разговорите за коалицирање.
Во изборната кампања, ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ излегоа со различни ставови за уставните измени, но во повеќе наврати беше потенцирано дека разговорите на таа тема ќе бидат ставени на маса по завршувањето на изборите.
Македонија
„Договорени се општите начела за идната Влада“ – заврши средбата на ВМРО-ДПМНЕ со Влен
Денеска беше остварена средба помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Од страна на ВМРО-ДПМНЕ беа присутни претседателот Христијан Мицкоски, потпретседателите Александар Николоски, Владо Мисајловски, Тимчо Муцунски и Гордана Кочоска Димитриеска, како и шефот на кабинет на претседателот Владимир Нелоски, од страна не ВЛЕН беа присутни Арбен Таравари, Изет Меџити, Биљал Касами и Африм Гаши.
„Договорени се општите начела на соработка за идната влада, која ќе се базира на три постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото“, објави ВМРО-ДПМНЕ по средбата.
Заклучено е дека двете страни ќе формираат работни групи, на кое ниво ќе продолжат разговорите до нивно финализирање.