Македонија
Тренчевска-Пилграм: МОТ останува силен подржувач на државата во политиките во областа на трудот
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се сретна со директорот на Меѓународната организација на трудот (МОТ) за Централна и Источна Европа, Маркус Пилграм.
Средбата започна со разговор за новата Национална програма за достоинствена работа, која што ќе се спроведува до крајот на 2025 година, која беше усвоена и потпишана денеска од страна на претставници на Меѓународната организација на трудот (МОТ), Владата, синдикатите и организациите на работодавачите.
Соговорниците уште еднаш го потврдија нејзиното значење, земајќи предвид дека нејзината цел е креирање на повеќе и подобри работни места, подобрени изгледи за вработување на младите жени и мажи, како и инклузивен пазар на труд преку натамошно унапредување на социјалниот дијалог. Новата Национална програма, ја подржува реформската агенда што е утврдена во Програмата на Владата 2022 – 2024 година, која се фокусира на развој на економијата и подигнување на животниот стандард.
Тренчевска го потенцираше значењето на социјалниот дијалог и носењето на сите важни одлуки низ конструктивни дискусии заедно со социјалните партнери.
„Социјалниот дијалог секогаш може да се подобрува и да се работи на негово унапредување. Од почетокот на годината одржавме 11 седници на Економско-социјалниот совет каде што сите одлуки ги носевме со консензус. Моментално работиме на новиот Општ колективен договор кој има за цел унапредување на правата на работниците и воспоставување на нова методологија за пораст на платите во јавниот сектор,“ истакна таа.
Како посебен приоритет на Програмата за достоинствена работа е охрабрување на внес на родовата перспектива во склучувањето на колективни договори, како важна алатка за еднаквост и развој во општеството.
На средбата стана збор и за подготовката на новиот Закон за работни односи-системски закон на кој се работи пет години, за кој се одржаа голем број на јавни дебати, се разгледуваат сите пристигнати забелешки и предлози, и се очекува до крајот на годината да влезе во собраниска процедура. Процесот на работа на новото законско решение доби поддршка од Канцеларијата на МОТ во земјава.
Република Северна Македонија е единствена земја која не е членка на ЕУ, а успешно се спроведува гаранција за млади, за што особено е значајна поддршката на МОТ. Гаранција за млади ќе продолжи со имплементација во земјата.
Тренчевска се осврна и на активација на корисниците на гарантирана минимална помош на пазарот на труд.
„Во земјава има околу 36000 корисници на ГМП, со активирање на работоспособните членови во семејството, се овозможува приход од плата во семејството наместо социјална помош , а истовремено го намалуваме недостигот на работна сила во државата, “ истакна таа.
Од страна на директорот на МОТ, Маркус Пилграм беше изразена и понатамошна поддршка на земјава на политики, програми и проекти од областа на трудот, со кои се влијае на економските и социјални прашања во земјата.
Тренчевска ги потврди заложбите на Владата и Министерството за труд и социјална политика за унапредување на правата на работниците и социјалниот дијалог.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во тек е исплата на образовниот додаток за втор мерен период за учебната година 2025/2026 година
Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека во тек е исплата на образовниот додаток за втор мерен период за учебната 2025/2026 година.
Исплатата на додатокот за образование се врши во четири мерни периоди, и тоа:
-за првиот мерен период во текот на месец декември во тековната календарска година,
-за вториот мерен период во текот на месец февруари во наредната календарска година,
-за третиот мерен период во текот на месец мај во тековната календарска година и
-за четвртиот мерен период исплатата се врши во текот на месец јули во тековната календарска година.
Македонија
Тошковски – Брунер: Европската интеграција, борбата против организираниот криминал и зајакнатото гранично управување во фокусот на средбата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оствари работна средба со комесарот за внатрешни работи и миграција на Европската унија, Магнус Брунер, на која беше потврдена силната посветеност на Република Северна Македонија кон евроинтегративниот процес и понатамошното усогласување со европските стандарди во областите правда, слобода и безбедност.
На средбата министерот Тошковски изрази благодарност за континуираната експертска и финансиска поддршка од Европската унија, нагласувајќи дека Министерството за внатрешни работи останува кредибилен партнер кој активно придонесува за безбедноста на Унијата преку спроведување на проектите, реформите, усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ и имплементација на мерките од Реформската агенда.
На средбата беше констатирано дека партнерството со институциите на Европската унија има клучна улога во унапредувањето на националната и европската безбедност, при што беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката во наредниот период.
Македонија
Општина Илинден: Засилени активности за чистење и редовно одржување на каналската мрежа и речните корита
Општина Илинден продолжува со засилени активности за чистење и редовно одржување на каналската мрежа и речните корита на својата територија, со цел зголемување на проточноста и намалување на ризикот од поплави, информираат од општината.
Во изминатиот период беше реализирано чистење на коритото на Сува Река, на потегот од вливот на „Бучинско езеро“ до излезот од населеното место Бучинци, во должина од 850 метри. Дополнително, извршено е чистење на сисавецот на главниот канал „Млака“, на потегот од пречистителната станица во населеното место Илинден до вливот во главниот канал, во должина од 800 метри.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски изврши увид на каналот „Шамак“, во н.м Кадино каде во моментов се спроведува чистење во вкупна должина од 1.200 метри. Како што истакна градоначалникот Георгиевски, по обилните врнежи овој канал беше утврден како критична точка, а неговото расчистување е од особено значење за безбедноста на жителите од овој дел на општината.
Имајќи предвид дека каналската мрежа на Општина Илинден е под нивото на реката Вардар, одводнувањето се реализира со пумпни уреди преку кои се испумпуваат до 2.800 литри вода во секунда, што дополнително ја потенцира потребата од редовно и навремено одржување на системот. Благодарение на континуираното чистење и одржување на каналите и речните корита, изминатиот период со обилни врнежи беше надминат без потешкотии и несакани последици.
Согласно Годишната програма на Општината, Годишната програма на Водостопанство и Акциониот план за чистење на каналската мрежа, во текот на 2026 година предвидено е чистење на вкупно 24.250 метри канали и речни корита на територијата на сите населени места во Општина Илинден.
„Општина Илинден и годинава ја презема обврската за покривање на водниот надомест за редовно одржување, чистење и нивелирање на отворените канали, со што јасно ја демонстрира својата континуирана заложба за подобрување на инфраструктурата и обезбедување побезбедна, почиста и поквалитетна животна средина за сите граѓан“, се истакнува во соопштението.

