Македонија
Тренчевска: Позитивните практики на Македонија во областа на родовата еднаквост се пример за регионот
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска се сретна со заменикот-шефот на мисијата на ОБСЕ во Косово, Килиан Вахл, во Ресурсниот центар за родово одговорно креирање политики и буџетирање. На средбата се разговараше за позитивните практики кои ги имплементираше Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика во однос на родовата еднаквост, дискриминацијата и родово базираното насилство.
„Како Влада се залагаме за унапредување на родовата еднаквост, во моментов работиме на нов закон за родова еднаквост и подзаконските акти на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, а претходно го донесовме и Законот за спречување и заштита од дискриминација. Ги јакнеме капацитетите на јавната администрација преку обуки со цел внесување на родова сензитивност во креирањето политики и носењето одржливи решенија коишто ќе бидат релевантни на подолг временски период “, рече Тренчевска.
Таа посочи дека за таа цел е отворен и Ресурсниот центар за родово одговорно креирање политики и буџетирање за спроведување обуки и собирање материјални ресурси како што се истражувања и анализи кои ќе ги унапредат знаењата на јавната администрација.
Во Ресурсниот центар досега се спроведени обуки на четири теми, од кои, „Основна обука за Родово одговорно буџетирање“; „Следење и евалуацијa на постигнувањата од родово буџетските изјави ‘’; „Родово буџетски изјави – Извештај за родово одговорно буџетирање‘’; „Родовата перспектива во јавните финансии – РОБ ‘’. Исто така имплементирана е и онлајн платформа во којашто се вклучени сите материјални ресурси. Овој центар е единствен во регионот, затоа нашата цел е да премине во регионален ресурсен центар , изјави министерката.
Тренчевска се осврна и на посветената работа на Министерството во делот на родово-базираното насилство.
„Практикуваме мултисекторски пристап во решавање на предизвиците за родово-базираното насилство каде што во фокусот е секогаш жртвата. Имплементираме програма за ресоцијализација и реинтеграција на насилниците, како и обуки на вработените во Центрите за социјална работа“, изјави министерката.
Шефот на мисијата на ОБСЕ во Косово се заблагодари за можноста да разговараат за позитивните практики од Република Северна Македонија којашто е лидер во регионот во делот на родовата еднаквост и ќе послужат како добар пример и за Република Косово. Исто така додаде дека различниот пристап на Владата преку ресурсните центри е од особена важност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје
Денеска со почеток од 12 часот од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Стопанска Комора на Р.С. Македонија на улицата „Димитрие Чуповски“ и улицата „Даме Груев“ и сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје.
„Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници“, велат од МВР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Адвокатите на Заев вршеле притисок, предметот „Пуч“ останал неотворен во СЈО
Специјалното јавно обвинителство (СЈО) наместо како независнa институција, функционирало како партиски штаб на СДСМ, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста, повикувајќи се на изјави од поранешната обвинителка Лејла Кадриу.
Според Кадриу, четворица адвокати на Зоран Заев во времето на СЈО вршеле притисок врз обвинители за предметот „Пуч“.
„Во СЈО дошле 4 адвокати на Зоран Заев, да ги убедуваат обвинителите да се пуштат лица од притвор за предметот „Пуч“. Биле убедувани да дадат позитивно мислење за да може предметот да се преземе од ОЈО ГОКК, за да може предметот да биде работен од СЈО“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што се наведува, предметот потоа бил донесен во СЈО, спакуван во кутии и фолија, и доделен на обвинителките Ленче Ристоска и Лиле Стефановска, но не бил процесуиран.
„Предметот бил оставен да фаќа прашина, а обвинителките не оделе на рочиште, што според обвинителката Кадриу, тој предмет и денес ако се најде, се уште би бил со заштитна фолија, ниту отворен, ниту разгледан. Кадриу тврди дека предметот бил префрлан и чуван без суштинска постапка, што отвора сомнежи за неговото реално процесирање“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Кадриу посочува и дека најмалку уште два предмети, меѓу кои случаите поврзани со Гордана Јанкуловска и Нешковски, биле политички мотивирани и користени за постигнување одредени политички цели, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Јавното обвинителство да ги истражи наводите темелно и непристрасно, со цел, како што наведуваат, да се утврди вистината и евентуалната одговорност.
Македонија
СДСМ: Владата сака авион за Мицкоски, но не и 600 евра минимална плата
СДСМ обвини дека Владата ги игнорира барањата за покачување на минималната плата на 600 евра, додека истовремено најавува набавка на нов владин авион.
„Додека над 200.000 работници едвај врзуваат крај со крај, а вредноста на синдикалната кошница одамна надмина 66 илјади денари, Владата одбива да ја покачи минималната плата на 600 евра“, се наведува во партиското соопштение.
Според СДСМ, пратениците од коалицијата ВМРО-ЗНАМ го блокираат предлог-законот за зголемување на минималната плата и поддршка на компаниите, поднесен од оваа партија. Партијата оценува дека со тоа директно се ускратува финансиска помош за работниците и стопанството.
„Владата сака да купи нов авион за Мицкоски, за нови туристички патувања, како она во Давос“, стои во соопштението, во кое се наведуваат и споредби со луксузите од времето на Никола Груевски, како и со, како што велат, личниот луксуз на актуелниот премиер.
СДСМ истакнува дека ќе продолжи да се бори за „економска правда и враќање на достоинството на граѓаните“.

